Вести

ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИ

Со засилен играчки ростер и со нов тренер, РК Алкалоид го најавува своето учество во Суперлигата во новата сезона. Заокружувајќи ја својата прва сезона со исклучителни резултатски остварувања и без пораз, сениорскиот тим го освои победничкиот пехар во Првата лига, со голема предност пред второпласираната екипа, и обезбеди директен пласман во Суперлигата.

Во пресрет на новата сезона 2022/2023, РК Алкалоид го засилува својот состав со 8 нови играчи, меѓу кои: Јане Цветковски, Благојче Трајкоски, Никола Маркоски, Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев, Давид Димевски и Александар Петковски.

Нов тренер на РК Алкалоид е најголемиот македонски ракометен ас и актуелен селектор на сениорската репрезентација, Кирил Лазаров.

Исправен пред нови предизвици, меѓу кои и настапот во најсилната конкуренција, во Суперлигата, РК Алкалоид влегува подготвен во новата сезона, со наменски модифициран и засилен состав, со силна амбиција и со јасна развојна определба, која во преден план го има доброто на македонскиот ракомет. Клубот останува доследен на принципот да расте и да се развива во квалитетна база на млади македонски ракометари, која на долгорочен план би била расадник на домашни ракометни таленти и на идни македонски репрезентативци.

Една од клупските развојни цели за претстојната сезона е континуирана надградба на системот воспоставен со основањето на клубот, во чиј фокус се вистинските спортски, но и животни вредности, кои треба да се развиваат и да се поттикнуваат во еден правилно организиран и професионален спортски систем.

РК Алкалоид својата прва сезона ја заокружи успешно на секое организациско и категориско ниво. Покрај успесите на сениорската екипа, младинскиот тим на клубот стана првак на Македонија, кадетскиот беше финалист на Ф4, а пионерите стигнаа до четврт-финалето. Особено е важно што клубот успеа да состави тим од млади македонски ракометари, на кои им обезбеди современи услови за работа, и што придонесе за зголемување на репрезентативната база во сите возрасни категории.

Сите информации поврзани со РК Алкалоид се достапни на официјалната
веб-страница на клубот:
 
www.rkalkaloid.mk

Веб-страницата е редовно ажурирана со информации и со фотографии за сите натпревари, со новости од клубот, но и со идни планови и проекти.

Екипата на РК Алкалоид за сезоната 2022/2023

Играчи:

1. Јане Цветковски – голман
2. Иван Галевски – голман
3. Благојче Трајковски – голман
4. Дарио Кофилоски – лево крило
5. Давид Димевски – лев бек
6. Едвин Омерагиќ – лев бек
7. Теодор Тодески – лев бек
8. Михајло Младеновиќ – лев бек
9. Божидар Илиески – централен бек
10. Марко Митев – централен бек
11. Игор Ѓоргиев – централен бек
12. Мартин Серафимов – десен бек
13. Михаил Иваноски – десен бек
14. Александар Петковски – десно крило
15. Александар Стојков – десно крило
16. Никола Маркоски – пивот
17. Марко Стојковиќ – пивот
18. Кристијан Симоноски – пивот

Стручен штаб:
Тренер: Кирил Лазаров
Помошник-тренер: Билјана Црвенкоска
Кондициски тренер: Петар Баснарков
Физиотерапевт: Тоше Ристовски

Менаџмент:
Претседател на клубот: Горан Минов
Оперативен директор: Милош Милошевски

Спортски директор: Љубомир Савевски
Технички секретар: Анита Вучидолова

Вести

Првенството го почнуваме на гости кај Прилеп

Во согласност со извлечените броеви на ждрепката со која беа одредени групите во суперлигашката конкуренција, беше изработен и планот за натпреварување за следната сезона. 
Предвидено е првенството да започне на 3-4 септември, а првиот дел од шампионатот да заврши на 17-18 декември. Во тој период ќе се одиграат 14 кола, по што екипите ќе бидат поделени во групи за плејоф и за плејаут.

РК Алкалоид својот прв суперлигашки натпревар ќе го игра на гостински терен кај екипата на РК Прилеп. Нашиот клуб ќе гостува и во второто коло, кај МРК Куманово, а првиот меч на домашен терен ќе го игра во третото коло на 17-18 септември. Гостин ќе ни биде екипата на РК Охрид. 

 

КОМПЛЕТЕН РАСПОРЕД НА ПРВИОТ ДЕЛ НА СЕЗОНАТА – ГРУПА „А“

Вести

РК Алкалоид во групата А во Суперлигата

Со полудиригирана ждрепка, во која беа земени предвид пласманите од претходната сезона, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги формираше групите во Суперлигата за сезоната 2022/2023.

Македонската Суперлига следната сезона ќе брои 16 екипи, а тие се поделени во две групи од по осум екипи. По одигрувањето на 14. кола екипите одново ќе бидат поделени. Најдобрите четири од секоја група ќе играат во плејоф-првенството, од каде што ќе се добијат новиот првак и учесниците во европските купови за следната сезона. Екипите кои во првиот дел ќе завршат од петтото до осмото место ќе играат за опстанок во плејаут-првенството. 

РК Алкалоид ќе игра во групата А заедно со екипите на РК Вардар 1961, РК Бутел Скопје, РК Охрид, на РК Струга, РК Прилеп, МРК Куманово и на РК Вардар Неготино.

Во групата Б ќе играат екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Еурофарм Пелистер 2, РК Тинекс Пролет 62, на ГРК Тиквеш, РК Радовиш, РК Голден Арт, РК Скопје 2020 и на РК Јуниор Кисела Вода.

Вести

Мислиме на нашата иднина!

РК Алкалоид ја комплетираше првата сезона, a се комплетираа и тренинзите на ракометните школи за нашите најмлади ракометари. Околу 500 деца на возраст од 6 до 14 години во целата наша држава беа дел од ракометните школи на РК Алкалоид, а нашето очекување е следната сезона бројот да биде уште поголем!

Влатко Котески, тренер кој последната деценија ѝ ја посвети на работата со млади ракометари и кој зад себе има завидно искуство, е последниот кој излезе од салата ова лето. Првата сезона во РК Алкалоид е завршена, задоволството од сработеното е видливо. 
„Здрави и среќни деца се нашата примарна цел“, вели Влатко Котески.
„Ова беше нашата прва сезона, па затоа и сама по себе е посебна. Заокруживме успешна сезона, во која ги исполнивме зацртаните цели, а ги исполнивме, во делови и ги надминавме, и плановите. Ги воведовме најмладите во нов систем, преку кој се дружевме, трениравме и учевме. Ги воведовме во светот на ракометот. Живееја, се забавуваа и другаруваа како тим, како спортско семејство“, вели Котески.

РК Алкалоид како клуб ги има подвлечено работата и пристапот спрема најмладите како една од најважните работи во клубот.

„Многу внимание им посветивме на дисциплината, на правилниот развој, како и на почитта спрема другите, спрема повозрасните и спрема околината. Во клубот сакаме да креираме личности, не само ракометари. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видиш среќни деца, па затоа следната сезона ќе се прошириме. Заинтересираноста постојано се зголемува. Ќе се обидеме во повеќе училишта да отвориме свои секции, да станеме достапни за што повеќе деца“, вели Котески.

Вести

Шампионскиот пехар е во наши раце!

Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов, му го предаде победничкиот трофеј на нашиот капитен. РК Алкалоид е официјално победник на шампионатот и нов член на Суперлигата!
Денеска испишавме клупска историја!

Нашата прва сезона ја завршивме со медал и со шампионски пехар!
Следната сезона сме дел од Суперлигата!

Вести

РК Алкалоид е шампион во Првата лига!

РК Алкалоид во последното првенствено коло на домашен терен славеше убедлива победа над екипата на РК Младост 1977 од Богданци 39 : 19 (17 : 8) и првенството го заврши на првото место. 

Нашиот тим доминираше во текот на целото првенство и со вкупен ефект од 27 победи и еден нерешен меч од вкупно 28 натпревари, или со 17 победи и со еден нерешен меч од вкупно 18 натпревари во плејоф-првенството, шампионатот го заврши со 52 освоени бода, дури 12 бода повеќе од второпласираниот тим на табелата.

Десниот бек Мартин Серафимов со 144 постигнати гола е најдобар стрелец во нашиот тим во првата сезона. Повеќе од 100 погодоци за РК Алкалоид постигнаа и Игор Ѓоргиев (126), Дарио Кофилоски (119), Александар Стојков (114) и Мартин Димовски (105).