Вести

Тринаесетта победа по ред на РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – МРК КУМАНОВО 29-12 (14-9)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Контролор: Драган Начевски
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Галевски, Гарбески 6, Младеновиќ 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Омерагиќ 5, Кофилоски 1, М. Митев 1, Д, Митев 3, Савревски 6
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 10 мин.
МРК КУМАНОВО: Димитријевски, Кимевски, Димитров, Стојановски, Даневски 3, Д. Цветковски 1, Бошковски, Тасевски 3, Б. Цветковски, Миладиновски, Богдановски, Илиевски, Симоноски 1, Уча 4, Михајловски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид вечерва го совлада тимот на МРК Куманово и ја запиша својата победа број 13 од исто толку одиграни натпревари во Суперлигата.
На денешната средба тренерот Кирил Лазаров ги одмораше Трајкоски, Серафимов, Маркоски и Џонов, а за првиот тим дебитираше кадетот Максим Гарбески. Тој беше и најефикасниот играч на натпреварот со шест постигнати гола, колку што имаше и Давид Савревски.


Резултатски натпреварот беше решен уште во првата фаза, во која РК Алкалоид поведе со 9-1. На полувреме беше 14-9, а во вториот дел нашиот тим играше одлична одбрана и прими само три гола до крајот на натпреварот.
Конечниот резултат е 29-12, а следниот предизвик на нашиот тим е екипата на Логроњо Ла Риоха во рамките на ЕХФ Европската лига. Таа средба ќе се игра во вторник со почеток од 18:45 часот во салата „Јане Сандански“.

Вести

РК Алкалоид и РК Мулти Есенс ги добија ривалите во Купот на Македонија

Екипите на РК Алкалоид и РК Мулти Есенс на ждрепка во Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги добија противниците за елиминацискиот натпревар од Куп на Македонија.

РК Алкалоид на гостински терен ќе игра со екипата на РК Драчево од Скопје, а екипата на РК Мулти Есенс на гостински терен ќе игра со екипата на РК Бисинов Фрут Ленд од Велес.

Натпреварите е предвидено да се играат на 9/10 декември 2023.

Вести

Лазаров и Митев: Учиме од вакви силни средби

Нашиот РК Алкалоид ги заврши гостинските натпревари во Европската лига на ЕХФ во натпревар со РК Војводина во Нови Сад (29-34). По средбата во салата „Слана Бара“, тренерот Кирил Лазаров направи осврт и ја коментира средбата со српскиот шампион.

„Видовме еден борбен натпревар од страна на двете екипи. Војводина е искусен и квалитетен состав, тоа го докажа на овој меч. Секогаш воведуваат нешто ново во играта, имаат квалитетни играчи и тешко е да се игра против ваков тим, посебно кога имаш млад состав како што е нашиот. Ние учиме од сите овие натпревари и собираме искуство“, изјави Лазаров.

Во име на екипата говореше и Марко Митев.

„Ова беше одличен натпревар за двете екипи. Ние ги пропуштивме нашите шанси на овој меч, меѓутоа игравме против силен и квалитетен противник и од вакви натпревари и екипи можеме само да научиме и да собереме искуство. Мора да се подобриме, да бидеме посконцентрирани, ако сакаме во иднина да имаме резултати и против поискусни екипи од нас“, изјави Митев.

РК Алкалоид за крај на групната фаза во дебитантската сезона во Европската лига на ЕХФ го чека домашен натпревар против шпанска Логроњо Ла Риоха, против која на гости го освоивме првиот европски бод.

Вести

РК Алкалоид без бодови во Нови Сад

РК ВОЈВОДИНА – РК АЛКАЛОИД 34-29 (16-11)
Сала: „Слана бара“ во Нови Сад. Судии: Емил Агакиши и Ернест Агакиши од Азербејџан. Делегат: Емир Бешлија од Ц. Гора
РК ВОЈВОДИНА: Лучин, Трнавац (18 одб), Шијан 1, Воркапиќ 7, Вуковљак, Азиз 9, Ратковиќ, Миленковиќ, Сунајко 1, Пушица, Раѓеновиќ 1, Пешиќ, Томиќ, Роган 2, Голубовиќ 6, Пуховски 7
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски (8 одб), Галевски (2 одб), Џонов 3, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 8, Стојчевиќ, Стојковиќ 5, М. Митев 6, Ѓоргиев 1, Велковски, Омерагиќ, Бинго 1, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 4
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид го одигра последниот меч на гостински терен во EHF Европската лига. Нашиот тим во рамките на петтото коло гостуваше во Нови Сад, кај првакот на Србија, екипата на РК Војводина.
Бодовите ги освои домашната екипа (34-29) и со тоа обезбеди пласман во Главната рунда на натпревари. РК Алкалоид, пак, има уште еден меч пред да ја заврши својата прва европска сезона. Во следното коло, на петти декември во Скопје ќе гостува екипата на Ла Риоха Логроњо од Шпанија.

Вечерва во Нови Сад, екипата на РК Војводина беше поснаодливиот противник. Поведоа домашните со 6-3 во деветтата минута користејќи неколку промашувања и две технички грешки на нашиот тим.

РК Алкалоид имаше два обида да стигне на минимална негатива во овој период од мечот и успеа во 15 минута да намали на 6-7. Имавме веднаш потоа и напад за израмнување, но успеа да одбрани противничкиот голман, по што се наруши нашиот напаѓачки ритам и српскиот тим одново да дојде во покомотна позиција (11-7). До крајот на првиот дел РК Алкалоид имаше неколку шанси да ја заврши оваа делница со помала негатива, но одново не реазлизиравме од изградени ситуации и РК Војводина по првиот дел имаше предност од 16-11.

Во второто полувреме Алкалоид бркаше негатива, но Војводина мудро ја држеше предноста. По десет минути игра беше 25-20, потоа и 27-22, позитива на српскиот тим која беше недостижна во последните минути од мечот за нашата екипа затоа што во еден момент стана и 31-24.

Вести

РК Мулти Есенс пропушти шанса да освои бодови во Прилеп

РК ПРИЛЕП – РК МУЛТИ ЕСЕНС 34-31 (16-19)
Сала: „Р.Р. Ричко“ во Прилеп. Судии: Благојче Тодоровски и Димитар Митревски. Делегат: Илија Цветкоски
РК ПРИЛЕП: Ацевски, Кастратовиќ 7, Рајатовски 7, Бикоски 4, Ангелески, Велески 1, Бурчески 1, Цветаноски 4, Шабановиќ 6, Трајкоски, Трајчевски, Квастек 4
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин,
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 8, Костовски 1, Илиески 7, Д. Узунчев 1, Трајчев, Василевски, Тодески, Т. Узунчев, Димовски 7, Јорданов 3, Карасманакис 4
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс одигра меч во Прилеп што ги имаше сите елементи на дерби. Бодовите останаа за домашниот состав кој запиша победа од 34-31, иако нашиот тим имаше реална шанса резултатски да помине подобро.
РК Мулти Есен водеше со три гола разлика на полувреме, на пет минути до крајот беше нерешено, но невнимание во одбраната, две грешки во реализацијата во периодот кога се кршеше резултатот го однесоа натпреварот во поинаков правец.

Нашиот тим во првиот дел имаше контрола и водеше со три гола разлика, а на одмор се замина со резултат 19-16. Но, предолг беше периодот без постигнат гол во второто полувреме, а домашните успеаја да направат серија и да поведат со 24-21. Во последните 10 минути, нашиот тим успеа да израмни (26-26), потоа уште во неколку наврати израмнуваше пред средбата да добие тек што им одговараше на домашните.

Вести

Продолжи победничката низа на РК Алкалоид

РК СТРУГА – РК АЛКАЛОИД 17-29 (8-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Контролор: Драган Начевски
РК СТРУГА: Тутенкоски, Мулиќ 2, Савески 1, Младеновски 3, Ѓорѓиески, Кленкоски, Симоноски 1, Матески, Велјаноски 1, Ф. Мечкароски 1, Костоски, Маркоски 3, Бошњак 5, С. Мечкароски, Гускароски, Рикановиќ
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 4, Младеновиќ 4, Серафимов 3, Стојчевиќ 3, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Омерагиќ, Бинго, Кофилоски 1, Д. Митев 3, Савревски 4
Седмерци: 0/1 Исклучувања: 8 мин.


РК Алкалоид вечерва ја оправда фаворитската улога и ја совлада екипата на Струга во првенствениот меч од Суперлигата.
Ова беше 12 победа од 12 одиграни натпревари во оваа фаза од шампионатот. До крајот, остануваат само уште две кола, по што екипите ќе бидат поделени во Плејоф и Плејаут шампионатите.

Денеска покрај повредениот Александар Петковски, беше поштеден и Марко Митев кој е сѐ уште ровит. Екипата на Струга беше рамноправен противник во првиот дел од полувремето, но РК Алкалоид влезе во подобар ритам, направи серија од 5-0 и водството од 9-7 го претвори во решавачка предност од седум гола (14-7).


На крајот на првиот дел резултатот беше 15-8, а немаше поголеми резултатски промени и во второто полувреме. Во овој дел од мечот, РК Алкалоид поведе со 20-11, малку подоцна имаше и за прв пат двоцифрена предност (24-14). До крајот на натпреварот, нашиот тим рутински ја одржуваше дистанцата и ги запиша планираните три бода.

Следниот предизвик на нашиот тим ќе биде европски. Во вторник, во рамките на петтото коло од EHF Европската лига, РК Алкалоид ќе му гостува на тимот на РК Војводина.