Вести

Убедлива победа на РК Алкалоид над РК Пролет 62

РК АЛКАЛОИД – РК ПРОЛЕТ 62 35-26 (14-10)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Контролор: Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис 1, Стојковиќ, М. Митев 1, Ѓоргиев 4, Велковски, Ивановски 5, Петковски 6, Д. Митев 11, Савревски 1
Седмерци: 9/9 Исклучувања: 8 мин.

РК ПРОЛЕТ 62: Даскалоски, Петковски, Фичорски 2, Јовевски 1, Глигоров 1, Василевски, Додевски 1, Шилегов 2, Андоновски 3, Мајнов 3, Дрпљанин 1, Стојановски 5, Стоилевски 3, Атанасовски 1, Палевски 3, Спасовски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин. 

РК Алкалоид ја запиша својата 18 првенствена победа, извојувана на дуелот со екипата на РК Пролет 62 од Скопје, на домашен терен со убедлива разлика од девет гола (35-26) и се врати на првото место на суперлигашката табела во пресрет на натпреврите од 20 коло.

РК Алкалоид со комбиниран состав го одигра овој натпревар, со шанса за поголема минутажа за ракометарите кои вообичаено не минуваат толку минути во игра.

Избраниот тим ја исполни очекуваната цел, славеше убедлива победа во која се индивидуално се истакна Дамјан Митев со 11 постигнати погодоци, следен од Александар Петковски со шест и Мартин Ивановски со пет постигнати погодоци.

Конечниот епилог е одраз на подобрата игра во финишот на првото полувреме и комплетниот втор дел.
Гостинскиот состав резултатски парираше во првото полувреме во кое и имаа водство во одреден дел од натпреварот. Пред крајот на првиот дел, од резултат 10-10, РК Алкалоид со серија од 4-0 стигна до поосетно водство, а воедно и резултатски го „прекрши“ натпреварот.

Во второто полувреме, разликата постепено се зголемуваше. РК Алкалоид имаше стабилно водство од 5-7 гола во текот на целиот втор дел, а во финишот и ја поправи гол разликата.

Пред паузата во првенството поради настапите на репрезентацијата, РК Алкалоид ќе одигра уште еден натпревар, на гости кај екипата на МРК Куманово, а потоа следува последното коло од оваа фаза на Суперлигата, домашниот дуел со ГРК Охрид и натпреварите од 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп против романскиот тим Минаур Баја Маре.

Вести

РК Алкалоид доби противници за 1/4 финале и 1/2 финале на ЕХФ Европски куп

РК Алкалоид со шесте победи извојувани во досегашниот тек на европската сезона се пласираше меѓу најдобрите осум екипи во ЕХФ Европскиот куп, а таму, во ждрепката што беше одржана во Виена, за противници го очекуваа седум екипи кои според квалитетот отскокнаа во досегашните натпревари.

РК Алкалоид во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп ќе се сретне со екипата на Баја Маре од Романија, а победникот од овој двомеч во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу екипите на Олимпијакос од Грција и Рунар Сандефјорд од Норвешка.

Првиот натпревар од 1/4 финалето, според ждрепката, треба да се игра во Романија, терминот е 22/23 март, со реванш предвиден во Скопје во термините 29/30 март.

Ако РК Алкалоид успее да се пласира во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп тогаш првиот натпревар со подобриот од дуелот меѓу Олимпијакос и Рунар ќе го игра на домашен терен на 19/20 април, а реваншот е на гостински терен во термините 26/27 април.

1/4 ФИНАЛЕ:
ЦС Минаур Баја Маре – РК Алкалоид
АЕК – РК Партизан
Олимпијакос СФП – Рунар Сандефјорд
Хаукар – РК Извиѓач

1/2 ФИНАЛЕ:
ЦС Баја Маре – РК Алкалоид против Олимпијакос СФП – Рунар Сандефјорд
АЕК – РК Партизан против Хаукар – РК Извиѓач

Вести

РК Алкалоид без бодови се враќа од дербито

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 33-20 (16-11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Контролори: Драган Начевски и Ацо Николовски
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски 1, Ивиќ, Ристевски, Кузманоски 4, Тајник 3, Борзаш 1, Радивојевиќ 8, Кузмановски 11, Костески, Абутовиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски, Хосни 3, Павле Атанасијевиќ 1, Шабиб 1
Седмерци: 8/10 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски, Бинго, Франциско, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид без бодови се враќа од првенственото дерби што во рамките на 19 коло од Суперлигата го играше против РК Еурофарм Пелистер во Битола.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и поведе со 5-1 во воведните десет минути од средбата, а таквото отворање му даде тек и ритам на натпреварот. Ракометарите на Алкалоид полека излегоа од кризните минути и воспоставија ритам на теренот во продолжението на средбата, во која неколкупати намалуваа на минус три гола (3-6, 9-12), а притоа и пропуштија неколку зицер ситуации за комплетно враќање во игра.
Домашниот тим ги искористи тие моменти и на полувреме беше 16-11.


Во вториот дел, нападот на РК Алкалоид затаи во неколку ситуации во серија, го разбрани противничкиот голман и разликата се зголеми.
Домашниот тим доби ветер во грб од преполните трибини и успеа да воспостави ритам и да одржува резултат што му одговара до крајот на натпреварот.
РК Алкалоид по овој натпревар има уште три средби до крајот на оваа фаза од Суперлигата, а потоа во Плејоф доколку нема подраматични промени на табелата ќе пренесе два бода колку што ќе има и ривалот РК Вардар 1961, додека три бода ќе пренесе РК. Еурофарм Пелистер.

Вести

Прес конференција по натпреварот РК Алкалоид – РК Бриксен

РК Алкалоид со втора победа над РК Бриксен од Италија (38:31) се чекира во четврт-финалето на Европскиот Куп на ЕХФ. По натпреварот се одржа стандардната прес-конференција на која говореа тренерите и по еден играч од двете екипи.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ (РК Алкалоид, тренер): „Мислам дека заслужено ја поминавме оваа осминафинална пречка, со една брза и полетна екипа, можеби немаше противникот ротација, но тие осум до девет играчи играат квалитетно, тоа се увиде во првото полувреме. На Бриксен му фалеа два до три играчи за да издржи да се носи. Ние го скршивме мечот во 35 минута, се сврти резултатот кон нас. Во првото полувреме во дадени ситуации реагиравме пребрзо, правевме грешки и тоа мора да го поправиме во иднина.“

МАРКО СТОЈКОВИЌ (РК Алкалоид, играч): „Одигравме одличен дуел. Почнавме добро, беше тесно до 35. минута. Играме брзо, ние влечевме исто, во вториот дел го вративме резултатот во наша корист. Имаме уште многу да поправаме за да го кренеме нивото.

РУДОЛФ НОЈНЕР (РК Бриксен, тренер): „Се заблагодарувам на гостопримсотвото во Македонија. Честитки за Алкалоид, тоа е тим нивоа над нас, ние дадовме се од себе и се надевам дека тие ќе имаат успеси во нивните следни настапи на домашната сцена и на Европа“

АНДРЕА БАШИЌ (РК Бриксен, играч): На 40 години да доживеам ваков меч, во ваква атмосфера, секоја чест за Кирил Лазаров и за неговиот тим Алкалоид. Ние дадовме се од себе. За нас овој меч не беше императив, туку се насочивме кон домашните предизвици. Тука вежбавме работи во нашата игра. Честитки уште еднаш за ривалот за победата.“

Вести

РК АЛКАЛОИД Е ВО 1/4 ФИНАЛЕ НА ЕХФ ЕВРОПСКИОТ КУП

РК АЛКАЛОИД – ССВ БРИКСЕН 38-31 (19-20)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иварс Чернавскис и Едмундс Богдановс од Летонија. ЕХФ делегат: Дељан Генчев од Бугарија
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (9 одб +1), Галевски (7 одб), Џонов 1, Маркоски, Серафимов 2, Карасманакис 2, Стојковиќ 4, М. Митев 7, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Ивановски 2, Бинго 5, Франциско 2, Петковски 8, Д. Митев 1, Савревски 1
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 2 мин
ССВ БРИКСЕН: Лубинати, Вуливач, Аѕолин 1, Дела Векија 3, Арциери 4, Винисиус 12, Кањете 4, Е. Ибаљи 2, А. Ибаљи 1, Садер, Башиќ 3, Милхогер, Социо, Оберхолензер 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид е меѓу најдобрите осум екипи во ЕХФ Европскиот куп. Нашиот тим беше подобар во двомечот со италијанската екипа Бриксен и во вторник ќе биде дел од ждрепката за 1/4 финалето на ова европско натпреварување.
Натпреварот во Скопје се играше во побавен ритам од тој во Италија, но имаше многу погодоци, затоа што немаше многу силни стартови во одбраната, па напаѓачките формации дојдоа до поголем израз.

Во првите 10 минути од средбата темпото и резултатот го диктираше РК Алкалоид, но свој период имаа и гостите кои успеаја да израмнат и да поведат по десет минути игра (7-6). РК Алкалоид се врати во предност, стигна и до плус три гола (14-11), но гостинскиот состав покажа карактер и одлучност и искористи неколку грешки, па направи целосен пресврт и во 28 минута имаше водство од 20-17. По ова РК Алкалоид одново го засили ритамот и во последниот напад од полувреме бркаше нерешено, но немаше доволно време. На одмор се замина со гол предност за гостинскиот тим (20-19).

РК Алкалоид со изменет и поангажаиран пристап го почна вториот дел и по 10 минути игра имаше предност од четири гола (27-23), а во 43 минута водеше и со седум гола (30-23). До крајот беше рутинско одработување, но во допадлив стил, со брза игра и убави погодоци.

РК Алкалоид следната недела ќе биде во ждрепката за 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп.

Вести

Лазаров и Велковски: Посакуваме нов европски триумф со РК Алкалоид

РК Алкалоид се насочува кон новиот европски предизвик во EHF Европската лига каде нашиот тим е пред портите на четврт-финалето. Ни следи реваншот со италијанскиот клуб РК Бриксен, против кого славевме со високи 12 гола разлика на првата меѓусебна средба во Италија.

Како увертира на вториот меѓусебен меч кој ќе се игра во Скопје, РК Алкалоид одржа прес-конференција на која пред медиумите говореше тренерот Кирил Лазаров. Нашиот стратег ќе ги има сите посакувани играчи на располагање, а амбициите се секогаш високи – да се победува.

„За мене малку неочекувано во овој период на годината, дојдовме до висока и убедлива победа прротив квалитетен ривал од Италиа. Знаеме дека нивниот ракомет е во подем како репрезентативен така и клупски, така што високата гол-разлика е неочекувана. Одигравме еден квалитетен меч, ни одеше се од рака и резултатот од Италија не е реален. Се одлепивме во последните минути, во 50 минута беше само четири гола предност, па така нема да го потцениме ривалот, иако можам да кажам дека сме поквалитетен противник од нив. Ракометарите одиграа одлично, ни следува реванш во Скопје, со истиот противник. Сакам и очекувам да победиме, заради нашиот рејтинг и македонскиот ракомет. Доста добро се подготвивме за овој натпревар и спремни ќе го дочекаме натпреварот против Бриксен.

Искуството ми вели дека треба да се фокусираме на секој следен противник, така што сега ни е Бриксен од Италија. Распоредот е таков и мораме да го прифатиме овој предизвик. Знаеме дека против Еурофарм Пелистер ни следи меч, но мора да одиграме максимално со секого. Се уште немаме одлучено како ќе играме. Ќе видиме како ќе не води мечот, така ќе се однесуваме во сабота. Со мислите ќе бидеме во Битола, но мора прво да си ја завршиме задачата. Не сакам да дојде до некои непромислени работи со кои би ја загубиле самодовербата.
Доста разговараме на таа тема, затоа што имаме голема предност. Посакуваме да добиеме понеатрактивен ривал, во еден сад мислам дека има понеквалитетни ривали, иако сите што се во ТОП-8 се квалитетни и на високо ниво, од нивото на Европската лига на ЕХФ.“, изјави Лазаров.

Во име на РК Алкалоид пред новинарите зборуваше и десниот бек Мартин Велковски, кој по одличното Светско првенство со Македонија целосно му се стави на располагање на клубот и продолжи да игра во ист ритам.

„Пред нас е реванш со вицешампионот на Италија. Резултатот на крајот беше со висока разлика, но не беше така текот на мечот. Ривалот игра модерен и брз ракомет, но ние сме поквалитетни, можеме да дојдеме до уште една победа. Ја повикувам публиката да не бодри и заеднички да го славиме пласманот во четвртфиналето. Мечот во Италија имаше многу голови затоа што се играше со високо темпо. Тешко е да се игра и поквалитетна одбрана со мислата да има повеќе голови. Мислам дека и овој меч во Скопје ќе биде во исто темпо како оној во Италија и ќе има повеќе голови““, изјави Велковски.

За РК Алкалоид, мечот против РК Бриксен во Скопје ќе биде шести во еврокуповите оваа сезона. Во рамки на EHF Европскиот куп, покрај што нашиот клуб победи во Италија со 44:32, во претходните двомечи со по две победи бевме подобри од РК Вест Виена од Австрија (38:27 и 32:29) и РК Драгунас Клаипеда од Литванија (42:31 и 37:31).

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Бриксен се игра во сабота со почеток од 18:00 часот во салата „Автокоманда“.