РК Алкалоид е формиран во 2021 година со примарна цел младите ракометни таленти кои имаат потенцијал и желба за напредок правилно да се насочат и да се развиваат во врвни играчи со позитивни животни вредности. Правилната работа, дефинираниот систем на функционирање, како и интегритетот и кредибилитетот во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Со организација на стручната работа, РК Алкалоид и неговиот тим од ракометни експерти ќе се стремат да им овозможат на ракометарите квалитетен и напреден тренажен процес, со цел нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари, кои ќе бидат столб на македонскиот ракомет.
Визијата на клубот е да се стреми кон европските ракометни стандарди на професионална работа, промоција на модерен ракомет и на издигнување на играта на највисоко ниво. Нашата држава е расадник на ракометни таленти. Имаме многу млади кои сакаат да тренираат и кои имаат квалитет, а нашата мисија е со специфични тренинзи и методи на работа тие млади надежи кои ќе ги регрутираме да прераснат во квалитетни ракометни играчи.
РК Алкалоид по успешниот настап во дебитантската сезона во Првата лига обезбеди пласман во Суперлигата во сезоната 2022/2023. Прв тренер на тимот стана македонската ракометна легенда Кирил Лазаров. Во 2022г. формиран е и РК Мулти Есенс, екипа составена од помлади талентирани играчи кои формираат база на играчи што имаат младински репрезентативен потенцијал.
Нашите клубови имаат и голем младински погон со пријавени 98 ракометари во младинските категории. Тие се поделени во пет екипи што играат во три возрасни категории. Во системот на натпреварување се РК Алкалоид У14 (пионери), РК Мулти Есенс У14 (пионери), РК Алкалоид У16 (кадети), РК Мулти Есенс У16 (кадети) и РК Мулти Есенс У18 (младинци).
Во својата прва сезона РК Алкалоид во системот на натпреварување пријави екипи во сите конкуренции. Нашата сениорска екипа, без пораз го освои првото место и обезбеди пласман во Суперлигата. Нашата младинска екипа стана е нов државен младински првак, а кадетскиот тим сезоната ја заврши како вицепрвак на Македонија.
РК Алкалоид им посвети посебно внимание на најмладите и отвори свои ракометни школи во Скопје и во неколку градови во Македонија. Во првата сезона повеќе од 500 деца беа дел од ракометните школи под патронат на РК Алкалоид.