Вести
Рутинска победа на РК Алкалоид пред репрезентативната пауза
РК АЛКАЛОИД – РК ПРИЛЕП 37-27 (18-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје.Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Бобан Мајнов.
РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон, Сухолежник 3, Костески 10, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Ѓорѓиев 2, Велковски 2, Цехте 2, Петковски 3, Д. Митев 3, Борзаш 4, Аларов, Ѓорѓовски.
Седмерци: 4/6. Исклучувања: 8 минути.
РК Прилеп: Трајкоски, Стојкоски, Ангелески, Тренчевски 4, Марковски 5, Кастратовиќ 3, Шипинкоски 3, Адамчески, Лозаноски, Столески 2, Крстески 2, Димитриоски 4, Стојановски 1, Тутески, Зековиќ, Цветаноски 2
Седмерци: 1/4. Исклучувања: 10 минути.

Екипата на РК Алкалоид забележа нова сигурна победа во македонската Суперлига, совладувајќи го РК Прилеп со 37-27 во натпреварот од деветтото коло.
Гостите го отворија натпреварот со водство, но РК Алкалоид брзо одговори. Со два гола на Марко Митев и еден на Иван Џонов, домашниот тим направи серија од 3-0, ја презеде контролата и не им дозволи на прилепчани посериозно да се наметнат.

Откако Алкалоид поведе со три гола разлика, резултатската предност беше на страната на домашниот тим во текот на целото прво полувреме. Во еден момент избраниците на Алкалоид имаа и највисоки плус пет (17-12), а на пауза заминаа со водство од 18-14.
Во второто полувреме, по само седум минути игра, РК Алкалоид веќе имаше комотни плус седум (24-17), а во 40. минута ја зголеми предноста на осум гола (26-18). Домашниот тим целосно ги контролираше настаните на теренот, а во 50. минута за првпат стигна и до двоцифрена предност. До крајот на натпреварот ја одржуваше разликата, за конечни 37-27.
Никола Костески со 10 гола беше најефикасниот поединец на натпреварот, а во победничкиот тим се истакнаа и Марко Митев и Урош Борзаш со по четири погодоци.
Ова беше последниот натпревар на РК Алкалоид пред репрезентативната пауза, која следува поради квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство во 2028 година.

По завршувањето на репрезентативната акција, РК Алкалоид го очекува серија од три големи предизвици – дуелите со РК Вардар 1961 и РК Еурофарм Пелистер во македонската Суперлига, како и европскиот двомеч со словенечко Горење Велење во ЕХФ Европскиот Куп.