Вести

РК Алкалоид подобар од РК Мулти Есенс на отворањето на новата сезона

РК АЛКАЛОИД – РК МУЛТИ ЕСЕНС 38-28 (16-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Глигор Ќаев. Делегат: Владимир Саздовски
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски 2 (9 одб), Тордарсон 1, Сухолежник, Стојковиќ 7, М. Митев 5, Ѓоргиев, Велковски 3, Цехте, Ненад Костески 1, Петковски 5, Д. Митев 9, Борзаш 4, Ѓорговски 1, Борозан 1
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Великиќески (1 одб), Јорданов (11 одб), Ј. Петрески, Џигероски 4, Илиевски 1, Ѓокески 3, Трајковски 1, М. Петрески 1, Гурмешевиќ 1, Матевски 2, Ковачевиќ 1, Ѓоргиески, Дамчевски 6, Трајкоски, Гарбески 1, Тевдовски 1
Седмерци: 6/9 Исклучувања: 4 мин.


РК Алкалоид ги запиша првите првенствени бодови во новата сезона, откако во првото коло на домашен терен го совлада тимот на РК Мулти Есенс кој годинава има нов тренерски тим предводен од Никола Матлиески.
Двете екипи играа брз ракомет во кој резултатски подобро се снајде РК Алкалоид, но Давид Трајкоски од РК Мулти Есенс кој постигна шест погодоци во првиот дел, беше најдобриот стрелец на теренот. РК Алкалоид по десетина минути игра имаше водство од 5-2, потоа таа разлика постепено се зголемуваше и достигна пет гола разлика на полувреме (16-11).


Алкалоид направи серија од 5-0 со која поведе со 21-11 и од тој момент, ритамот на играње беше посмирен во второто полувреме. Дамчевски и Џигеровски во тимот на РК Мулти Есенс беа најдобро реализаторски расположени, додека Дамјан Митев и Александар Петковски во тимот на РК Алкалоид беа главните стрелци.
Конечниот резултат е 38-28, а добар впечаток оставија и двата тима со прикажаната игра.

Вести

РК Алкалоид со два бода се враќа од Црна Гора

РК ЛОВЌЕН – РК АЛКАЛОИД 29-40 (18-18)
Стрелци за
РК Ловќен: Мрваљевиќ 7, Петричевиќ 6, Поповиќ 5, Станојевиќ 3, Андриќ 3, Вујовиќ 2, Анѓелиќ 1, Станковиќ 1, Мартиновиќ 1

Стрелци за РК Алкалоид: Џонов 8, М. Митев 6, Д. Митев 5, Костески 5, Борзаш 4, Ѓоргиев 4, Цехте 4, Стојковиќ 2, Петковски 1, Ѓорговски 1

РК Алкалоид ја запиша и втората победа во Регионалната лига, откако на првото гостување сезонава славеше против Ловќен во Црна Гора со убедливи 40-29.

Натпреварот донесе поинаква слика во однос на дуелот што истите екипи го одиграа пред три дена во Скопје. Играта не беше толку брза и со многу наттрчувања, а мотивираниот Ловќен успеа многу подолго да му парира на македонскиот тим.

РК Алкалоид добро го отвори мечот и поведе со 4-1, а во 15. минута имаше и највисоки пет гола предност (13-8). Сепак, домашниот тим не се предаде. РК Ловќен ја намали негативата на само еден гол (13-14), а во 28. минута стигна и до првото водство на натпреварот (18-17). Алкалоид брзо возврати, па на полувремето резултатот беше нерешен, 18-18.

РК Ловќен со гол го отвори и второто полувреме за водство од 19-18, но потоа следуваше целосна промена на сликата на теренот. Алкалоид со серија од 6-0 за седум минути направи пресврт и поведе со 24-19.

Домашниот тим во продолжението уште извесен период ја одржуваше разликата меѓу четири и шест гола, но Алкалоид во завршницата повторно го засили темпото, направи двоцифрена предност и на крајот стигна до убедлива победа од 40-29.

Иван Џонов со осум гола беше најефикасен во составот на Алкалоид, шест гола постигна Марко Митев, а по пет Дамјан Митев и Никола Костески.

Вести

Првата победа на РК Алкалоид одбележана со 54 гола

РК АЛКАЛОИД – РК ЛОВЌЕН 54-37 (27-17)
Стрелци за РК Алкалоид:
Борзаш 8, Цехте 7, Ѓорговски 7, Петковски 7, Стојковиќ 6, Никола Костески 5, Николов 4, М. Митев 4, Тордарсон 3, Џонов 2, Ѓоргиев 1
Стрелци за РК Ловќен:
Мрваљевиќ 7, Вујовиќ 6, Петричевиќ 5, Станковиќ 4, Анѓелиќ 4, Андриќ 3, Перишиќ 3, Лаличиќ 2, Кнежевиќ 1, Цимљановиќ 1, Мартиновиќ 1.


Ефикасното издание и висока реализација го красеа РК Алкалоид во натпреварот во кој стигна до првата победа во Регионалната лига, откако во Автокоманда убедливо го совлада црногорскиот претставник Ловќен со 54-37.

Сино-белиот состав уште од самиот почеток наметна силно темпо и брзо ја презеде контролата над резултатот. Цехте и Стојковиќ го предводеа нападот во воведните минути, им се приклучија Никола Костески и Упрш Борзаш и мечот беше брзо резултатски решен, откако по само десет минути Алкалоид имаше убедливо водство од 10-4.

Предноста продолжи да расте и во продолжението. Во 23. минута РК Алкалоид за првпат имаше двоцифрена разлика (21-11), додека на паузата се замина со 27-17.

Во второто полувреме продолжи отворената игра на двете страни, со многу трчање и брзи акции. И покрај високата разлика, двата тима не се откажаа и продолжија да играат во ист ритам, што овозможи да гледаме ефикасен натпревар со многу голови.
Најефикасен во редовите на РК Алкалоид беше Урош Борзаш со осум голови, додека по седум реализации имаа Цехте, Петковски и Емилјан Ѓорговски.
Новиот дуел меѓу Алкалоид и Ловќен е за само три дена, но овој пат двете екипи ќе се сретнат во Црна Гора.

Вести

РК Алкалоид без бодови од дуелот со РК Партизан

РК АЛКАЛОИД – РК ПАРТИЗАН 31-39 (15-17)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје.
Стрелци за РК Алкалоид: Никола Котески 6, Цехте 5, Стојковиќ 5, М. Митев 4, Борзаш 4, Борозан 2, Тордарсон 2, Ѓоргиев 1, Џонов 1, Николов 1
Стрелци за РК Партизан: Дамјановиќ 10, Лумбросо 8, Вагнер 8, Мигаљон 5, Црноглавац 4, Мичиќ 2, Шотиќ 1, Анѓелковиќ 1



Екипата на РК Алкалоид го одигра првиот натпревар во новоформираната Регионална лига. Во меч од второто коло, гостин во Автокоманда беше екипата на РК Партизан од Белград. Гостите ги освоија бодовите откако запиша победа од 39-31 во натпревар во кој пресудна беше лошата реализација на ракометарите на РК Алкалоид.

Почетокот на натпреварот беше израмнет, РК Алкалоид ја имаше контролата во воведните минути, но по неколку нереализирани шутеви од изгледни позиции, гостинскиот состав премина во водство. Најголемата разлика во првиот дел беше три гола (9-6), но РК Алкалоид се доближи на 10-11 и одново пропушти изгледни шанси да го израмни резултатот.

На полувреме гостите водеа 17-15, а во второто полувреме, по седум минути игра РК Алкалоид израмни на 21-21.
Но, се повторија пропустите од првиот дел. Неколку нереализирани напади и противникот одново премина во водство кое овој пат не го испушти до крајот на натпреварот. Екипата на РК Партизан во последните 10 минути од натпреварот успеа да ја удвои разликата и да стигне до повисока предност.

Никола Костески со шест гола беше најефикасниот ракометар во екипата на РК Алкалоид, по пет гола постигнаа Нејц Цехте и Марко Стојковиќ.
Тренерот Кирил Лазаров на овој натпревар поштеди неколку ракометари, па така Матиц Сухилежник, Мартин Велковски, Валентин Карасманакис и Александар Петковски натпреварот го следеа од трибината, а во игра не влегуваше ниту Михаил Аларов.

Следниот натпревар на РК Алкалоид е на 28 август, во Автокоманда ќе гостува екипата на РК Ловќен од Црна Гора на уште еден меч од Регионалната лига.

Вести

Ѓорѓиев и Стојковиќ: Ни следи интересна сезона на четири фронта

РК Алкалоид продолжува со напорна работа во Маврово за новата сезона во македонскиот ракомет и на меѓународната сцена. Со тројца нови играчи во тимот како додадена вредност, тимот ќе игра за што подобри резултати во Македонија и што подобра афирмација на македонскиот ракомет надвор од границите.

Капитенот Игор Ѓорѓиев повторно ќе биде дел од екипата која оваа сезона покрај домашните обврски, ќе игра и натпревари во Европскиот Куп на ЕХФ и новоформираната Регионална лига.

„Се чувствувам индивидуално одлично, тимот е во една позитивна енергија. Се работи напорно. Трениравме две недели во Скопје, сега сме во Маврово. Тој период ќе гледаме да го искористиме што подобро да се воиграме. Имаме тројца нови играчи, искусни со многу натпревари во нозете и сигурно ќе бидат додадена вредност на екипата. Ланската сезона за нас беше тешка од повеќе аспекти, но тоа е минато, со чисти глави и позитивна енергија, одиме во следните предизвици. Треба да научиме од минатото, работиме напорно за предизвиците кои ни претстојат. Македонската лига од година во година е посериозна, има квалитетни екипи, сите носат играчи, посебно екипите од „големата четворка“. Ни следи интересна сезона. Имаме добар тим, ќе играме на четири фронта, ќе се трудиме за резултати на сите натпревари до самиот крај“, изјави Ѓорѓиев.

На подготовките своето мислење го сподели и пивотот Марко Стојковиќ, кој ќе биде важен составен дел од одбраната и од нападот на РК Алкалоид.

„Сега за сега одлично течат подготовките, сите сме здрави, тоа е најважно. Се спремаме и физички, тактички и психички за дадеме една добра сезона. Сите имаме високи цели, сакаме да имаме добри резултати на сите фронтови. Сите во клубот се спремни да го дадеме максимумот, работевме по програма надвор од сезоната, тука сме спремни дојдени и не е тешко да се одработат задачите. Добивме тројца нови играчи, искусни, со многу натпревари зад себе, ние другите добро се познаваме, подолг период сме заедно. Хемијата е добра, така што спремни ќе ги дочекаме предизвиците кои ни доаѓаат“, изјави Стојковиќ.

Вести

НИКОЛА КОСТЕСКИ И МАРТИН ВЕЛКОВСКИ: Имаме одлични услови, добар тим и мора да сме подобри

РК Алкалоид веќе десетина дена е во тренажен процес, од почетокот на неделава е на висински подготовки во Маврово каде што во одлични пред сѐ временски услови акумулира енергија и ја подобрува физичката подготвеност за претстојните искушенија што ќе ги донесе сезоната.

РК Алкалоид следната сезона покрај Суперлигата, Куп на Македонија и ЕХФ Европски Куп ќе биде дел и од новото регионално натпреварување и ќе има плус предизвици и за сите нив ќе мора да биде добро подготвен.
Следат и првите контролни натпревари, но во моментов фокусот е на физичката спремност, а добрата вест од клубот е што сите ракометари се здрави и од прв тренинг работат со полн интензитет.


Тоа е особено важно за играчите кои минатата сезона имаа пехови со повреди. Еден од нив е Никола Костески кој имаше пауза, но сега тоа е минато, а тој без никакви ограничувања работи на тренинзите.

„Најбитно е што се вратив по долга пауза, тоа беше сериозна повреда. Но, мило ми е што сега сум од почеток на подготовките здрав и спремен за тренинзи. Тоа е најбитното, сите да сме здрави и да сме комплетни.
Во текот на летниот период имавме програма, предподготвителен период за да можеме да стартуваме со ритамот во подготовките. Работиме во убава атмосфера. Во прв план сега ни е кондицискиот дел и подготовката на тактиката. Задоволни сме сите, имаме добар ростер…
Се знаеме добро со Борозан и Цехте, Сухолежник ни е нов, но добро се вклопува. Долго сме во овој проект и знаеме како функционира. Професионалци се сите, си ги знаат задачите.
Овде имаме добри услови, температурата е одлична за работа, тренерот ги постави целите за овој дел од подготовките и сите си ја работиме нашата работа“, изјави Никола Костески.




Мартин Велковски е еден од поискусните играчи во РК Алкалоид и веќе добро му е познат критериумот на тренерот и што од играчите ќе се бара во оваа фаза од подготовките.
Пред сѐ на сите сакам да им посакам добро здравје и добро да ги одработиме овие подготовки. Почнавме интензивно да тренираме уште во Скопје, сега се префрливме на Маврово. Имаме нови играчи што донесоа нова енергија. Атмосферата е добра. Оваа сезона мора да бидеме подобри од минатата. Дојдоа добри засилувања, покриени сме на сите позиции и сега треба само да работиме да не следи здравјето и заеднички да почнеме како што треба.
Овде имаме добри услови за работа, од секој аспект. Добро сместување, одлични временски услови, имаме сѐ што ни треба за квалитетно да се подготвиме“, изјави Мартин Велковски.