Вести

Ѓорѓиев и Стојковиќ: Ни следи интересна сезона на четири фронта

РК Алкалоид продолжува со напорна работа во Маврово за новата сезона во македонскиот ракомет и на меѓународната сцена. Со тројца нови играчи во тимот како додадена вредност, тимот ќе игра за што подобри резултати во Македонија и што подобра афирмација на македонскиот ракомет надвор од границите.

Капитенот Игор Ѓорѓиев повторно ќе биде дел од екипата која оваа сезона покрај домашните обврски, ќе игра и натпревари во Европскиот Куп на ЕХФ и новоформираната Регионална лига.

„Се чувствувам индивидуално одлично, тимот е во една позитивна енергија. Се работи напорно. Трениравме две недели во Скопје, сега сме во Маврово. Тој период ќе гледаме да го искористиме што подобро да се воиграме. Имаме тројца нови играчи, искусни со многу натпревари во нозете и сигурно ќе бидат додадена вредност на екипата. Ланската сезона за нас беше тешка од повеќе аспекти, но тоа е минато, со чисти глави и позитивна енергија, одиме во следните предизвици. Треба да научиме од минатото, работиме напорно за предизвиците кои ни претстојат. Македонската лига од година во година е посериозна, има квалитетни екипи, сите носат играчи, посебно екипите од „големата четворка“. Ни следи интересна сезона. Имаме добар тим, ќе играме на четири фронта, ќе се трудиме за резултати на сите натпревари до самиот крај“, изјави Ѓорѓиев.

На подготовките своето мислење го сподели и пивотот Марко Стојковиќ, кој ќе биде важен составен дел од одбраната и од нападот на РК Алкалоид.

„Сега за сега одлично течат подготовките, сите сме здрави, тоа е најважно. Се спремаме и физички, тактички и психички за дадеме една добра сезона. Сите имаме високи цели, сакаме да имаме добри резултати на сите фронтови. Сите во клубот се спремни да го дадеме максимумот, работевме по програма надвор од сезоната, тука сме спремни дојдени и не е тешко да се одработат задачите. Добивме тројца нови играчи, искусни, со многу натпревари зад себе, ние другите добро се познаваме, подолг период сме заедно. Хемијата е добра, така што спремни ќе ги дочекаме предизвиците кои ни доаѓаат“, изјави Стојковиќ.

Вести

НИКОЛА КОСТЕСКИ И МАРТИН ВЕЛКОВСКИ: Имаме одлични услови, добар тим и мора да сме подобри

РК Алкалоид веќе десетина дена е во тренажен процес, од почетокот на неделава е на висински подготовки во Маврово каде што во одлични пред сѐ временски услови акумулира енергија и ја подобрува физичката подготвеност за претстојните искушенија што ќе ги донесе сезоната.

РК Алкалоид следната сезона покрај Суперлигата, Куп на Македонија и ЕХФ Европски Куп ќе биде дел и од новото регионално натпреварување и ќе има плус предизвици и за сите нив ќе мора да биде добро подготвен.
Следат и првите контролни натпревари, но во моментов фокусот е на физичката спремност, а добрата вест од клубот е што сите ракометари се здрави и од прв тренинг работат со полн интензитет.


Тоа е особено важно за играчите кои минатата сезона имаа пехови со повреди. Еден од нив е Никола Костески кој имаше пауза, но сега тоа е минато, а тој без никакви ограничувања работи на тренинзите.

„Најбитно е што се вратив по долга пауза, тоа беше сериозна повреда. Но, мило ми е што сега сум од почеток на подготовките здрав и спремен за тренинзи. Тоа е најбитното, сите да сме здрави и да сме комплетни.
Во текот на летниот период имавме програма, предподготвителен период за да можеме да стартуваме со ритамот во подготовките. Работиме во убава атмосфера. Во прв план сега ни е кондицискиот дел и подготовката на тактиката. Задоволни сме сите, имаме добар ростер…
Се знаеме добро со Борозан и Цехте, Сухолежник ни е нов, но добро се вклопува. Долго сме во овој проект и знаеме како функционира. Професионалци се сите, си ги знаат задачите.
Овде имаме добри услови, температурата е одлична за работа, тренерот ги постави целите за овој дел од подготовките и сите си ја работиме нашата работа“, изјави Никола Костески.




Мартин Велковски е еден од поискусните играчи во РК Алкалоид и веќе добро му е познат критериумот на тренерот и што од играчите ќе се бара во оваа фаза од подготовките.
Пред сѐ на сите сакам да им посакам добро здравје и добро да ги одработиме овие подготовки. Почнавме интензивно да тренираме уште во Скопје, сега се префрливме на Маврово. Имаме нови играчи што донесоа нова енергија. Атмосферата е добра. Оваа сезона мора да бидеме подобри од минатата. Дојдоа добри засилувања, покриени сме на сите позиции и сега треба само да работиме да не следи здравјето и заеднички да почнеме како што треба.
Овде имаме добри услови за работа, од секој аспект. Добро сместување, одлични временски услови, имаме сѐ што ни треба за квалитетно да се подготвиме“, изјави Мартин Велковски.

Вести

РК Алкалоид ги полни батериите во Маврово, тренерот Лазаров задоволен

По неколкудневните тренинзи во Скопје кои беа воведни во подготвителниот процес за претстојната сезона, ракометарите на РК Алкалоид се преселија во Маврово каде што во многу подобри, пред сѐ временски услови ги полнат батериите за активностите што ќе ги очекуваат ракометарите кога на ред ќе дојде натпреварувачкиот дел.

Во комплетен состав, со исклучок на кадетскиот репрезентативен голман Ѓорѓи Николовски кој е на М18 ЕП, ракометарите на РК Алкалоид работат на подобрување на физичките перформанси. Оваа летна планинска база не е новост за најголемиот дел од играчите и тие добро знаат дека оваа фаза од ќе биде долга и тешка. Но, лекцијата е одамна научена и летниот одмор нема земено данок на опуштање, па тука се дојдени речиси спремни. Другиот дел е задача на тренерскиот тим да го доведе до потребното ниво колективот.


Спремноста на играчите не останува незабележана од тренерот Кирил Лазаров:

Ние работиме повеќе време и веќе воспоставивме ред и дисциплина и како минува времето сите станаа поквалитетни и свесни што е потребно за повисок перформанс и висок стил на игра, односно тоа што го бара Европа и што го бараат најдобрите клубови.
Задоволен сум од почетокот на подготовките, имаме добра атмосфера, квалитетни услови и работиме со голем елан и задоволство“, изјави Лазаров.

Клупската стратегија не се менува, а екипата следната сезона добива на искуство.

„РК Алкалоид заедно со РК Мулти Есенс уште од формирањето на клубот, одат чекор по чекор, стратегиски го развиваат клубот и македонскиот ракомет воопшто. Проектот РК Алкалоид и РК Мулти Есенс беше младински и пионерски првак и кадетски вицепрвак минатата сезона. Во моментот како клуб даваме повеќе од 50 репрезентативци во сите категории и продолжуваме да работиме на производство на ракометари и за клубот и за репрезентациите.
Со оглед на тоа дека нашите конкуренти се засилуваат и Суперлигата станува посилна, се одлучивме за мали промени за да добиеме дополнителен квалитет и да останеме компетитивни и на домашна и на меѓународна сцена.
Тоа што го создаваме и создадовме како квалитет го задржавме и се надополнивме со тројца искусни, квалитетни играчи кои треба да бидат додадена вредност.
Имињата не ја даваат целата слика, за да се направи тим треба да се работи, да има дисциплина да се воспостави систем. Од тоа што го гледам комплетно сум задоволен од сите играчи, а кога имате квалитет за работа многу е полесно и тренингот е порелаксиран.
Ако треба да сумирам, иако е рано, чувствувам задоволство како прв тренер. Ние сме професионалци, но во моментов професионализмот ни носи и големо задоволство“, вели Лазаров.

Планот за подготовките е комплетен, договорени се контролни натпревари…

„Во текот на планирањето на подготовките неколкупати го менувавме планот затоа што не знаевме детали околу Регионалната лига, како ќе се игра. По дефинитивната одлука дека ќе учествуваме и откако го дознавме распоредот, одлучивме да останеме во Македонија и да одиграме неколку пријателски натпревари, иако веќе беше доцна. Доцна ни беше и да прифатиме да играме во Охрид и Струга, па ќе одиграме два пријателски натпревари со репрезентацијата на Египет, РК Нексе ќе биде наш гостин. А почнуваме овде на Маврово, со РК Прилеп. Првиот натпревар во Регионалната лига ни е со РК Партизан на 26 август, а дотогаш можеби ќе договориме уште еден натпревар“, изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.

Вести

Стартуваа подготовките на РК Алкалоид

Со денешната прозивка што се одржа во салата „Автокоманда“, официјално беше означен почетокот на подготовките за новата сезона на екипата на РК Алкалоид. На првиот собир, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје и им посака пред сѐ здравје и успех во новата сезона.

Подготовките на РК Алкалоид ќе се одвиваат во три дела. Првиот дел е воведниот во тренажниот процес и ќе се реализира во Скопје. Потоа од трети август екипата ќе замине на подготовки во Маврово, по што во последната фаза, подготовките ќе бидат финализирани со контролни натпревари. Во новата сезона РК Алкалоид ќе се натпреварува во четири натпреварувања. Покрај домашното првенство и Куп на Македонија, ќе игра во во новоформираната Регионална лига со екипи од Србија и од Црна Гора, а меѓународна сцена ќе игра и во ЕХФ Европскиот Куп каде што беше победник во сезоната 2024/25.

Во екипата има неколку играчки промени. Од екипата што играше во минатата сезона заминаа ракометарите Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов. Нови имиња во РК Алаклоид се словенечките ракометари Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас Вуко Борозан

Матиц Сухолежник е 31 годишен пивот висок 202 сантиметри и во РК Алкалоид доаѓа од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.

Нејц Цехте (33) е десен бек кој минатата сезона ја заврши кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин од Германија. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за РК Еурофарм Пелистер.

Црногорскиот лев бек Вуко Борозан е добро познат ракометар кој има настапувано за повеќе екипи од во Европа, Блискиот исток и Македонија. Има 32 години, а висок е 203 сантиметри.

Вести

РК Алкалоид е трет носител во ЕХФ Европскиот Куп


РК Алкалоид ќе биде трет носител во најмасовното европско клупско натпреварување, ЕХФ Европски Куп во сезоната 2026/2027. Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ја објави ранг листата на учесници во ова натпреварување и ја најави ждрепката што на 14 јули ќе се одржи во Виена.
РК Алкалоид според остварениот рејтинг, освен што е првиот т.н. шешир, е директно пласиран во второто коло.

Од ЕХФ се очекува и финалната потврда дека и за второто коло ждрепката ќе биде на истиот датум, каква што беше досегашната пракса или пак ќе биде во нов термин, а тоа е 22 септември.

РК Алкалоид во својата дебитантска сезона во ЕХФ Европскиот Куп во сезоната 2024/2025 го освои шампионскиот пехар. Ова ќе биде второ учество во најмасовното клупско европско натпреварување. Следната сезона во ЕХФ Европскиот Куп ќе учествуваат 83 екипи, односно 10 екипи повеќе од минатата и од двете претходни сезони.

Вести

КРАЈ НА СЕЗОНАТА ЗА РК АЛКАЛОИД

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 31:26 (14:15)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегати: Марјан Огњановски и Душко Камишевски.

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Хеидарирад, Манасков 1, Видомски 4, Ристевски, Тајник 6, Граховац, Хенигман 1, Радивојевиќ 3, Кузмановски 7, Абутовиќ, Калајџиоски, Петар Атанасијевиќ 5, Пешевски 1, Хосни 1, Павле Атанасијевиќ 2
Седмерци: 6/10 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски, Џонов 1, Тордарсон, Стојковиќ 4, М. Митев 4, Ѓорѓиев, Велковски, Симоноски, Ненад Костески 1, Петковски, Д. Митев 7, Борзаш 4, Аларов, Николов 5, Ѓорговски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид ја затвори сезоната со гостување кај Еурофарм Пелистер во Битола, во меч кој заврши со резултат 31:26 (14:15). Нашиот тим сезоната ја завршува на четвртата позиција во плеј-офот и има позиција во Европскиот Куп на ЕХФ, на кој важиме за актуелни освојувачи.

Добро го отвори РК Алкалоид мечот во Битола, затоа што голманот Галевски не дозволи противникот да реализира три пенали (0:3). Пелистер потоа се врати и израмни, па беше неизвесно до крајот на првиот дел кога на пауза нашиот тим имаше минимална предност (14:15).

Стартот на второто полувреме донесе проблеми во нападот и неколку технички грешки, а тоа противникот го искористи и го сврти дуелот во своја корист. До крајот, РК Алкалоид бркаше резултат и се бореше да се врати од негативата, но не успеа да направи такво нешто во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.