Вести

РК АЛКАЛОИД ЗАПИША ВИСОКА ПОБЕДА НАД ГРК ТИКВЕШ

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 40-25 (20-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Дејан Георгиевски и Димитар Георгиевски. Делегат: Марјан Огњановски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 4, Никола Костески 8, Стојковиќ 5, М. Митев 2, Велковски 1, Симоноски, Ненад Костески 6, Д. Митев 2, Борзаш 2, Трајкоски 1, Аларов 1, Николов 5, Ѓорговски 1
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Панов, Јовевски, Стојановски 5, Цејовиќ 3, Тодоров, Велков, Печурица, Димовски 1, Лазов 5, Симиќ, Коцев 5, Атанасовски 3, Мијушковиќ 3, Бакев
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид запиша уште една суперлигашка победа и го подобри своето бодовно салдо на Плејоф табелата во финишот на првиот дел од разигрувањето.
РК Алкалоид на домашен терен го пречека тимот на ГРК Тиквеш и без големи резултатски проблеми запиша победа која на крајот беше изразена со убедливи 15 гола разлика.
РК Алкалоид имаше подобро отворање на натпреварот и водство од 4-1 по пет минути игра и тоа беше разлика што беше актуелна во следните 10 минути. Потоа подолга серија од 6-1 стигна до водство од 14-7 во 20 минута.

На полувреме резултатот беше 20-12, а по десет минути игра во вториот дел прв пат беше двоцифрена разликата (25-15).
До крајот на мечот, РК Алкалоид рутински ги спроведе сите задачи и конечно стигна до победа од 40-25.
Браќата Никола и Ненад Костески беа најефикасните играчи во РК Алкалоид со осум односно со шест постигнати голови.

Вести

РК АЛКАЛОИД ДОБИ ПРОТИВНИК ЗА „Ф4“ ВО КУП НА МАКЕДОНИЈА

Ракометната федерација на Македонија организираше ждрепка за полуфиналните натпревари од Куп на Македонија за сезоната 2025/26. Завршниот турнир ќе се игра во „Фајналфор“ формат, а натпреварите од завршницата ќе се играат во Струмица во спортската сала „Парк“ на 17 и на 19 април.
РК Алкалоид во полуфиналето ќе игра против екипата на РК Вардар 1961 што ќе биде дуел на двајцата последни освојувачи на пехарот. РК Алкалоид е победник од 2024 година, а РК Вардар во 2025 и е актуелен бранител на пехарот.
Другиот полуфинален пар го сочинуваат екипите на ГРК Охрид и РК Еурофарм Пелистер.

Одредени се и термините за одигрување на натпреварите:

КУП НА МАКЕДОНИЈА 2026
ПОЛУФИНАЛЕ:
ПЕТОК, 17 АПРИЛ:
17:00 ГРК ОХРИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
20:00 РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961
НЕДЕЛА, 19 АПРИЛ:
19:00 ФИНАЛЕ

Вести

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

РК Алкалоид поднесе официјална жалба за скандалозното судење на натпреварот против ГРК Охрид.

Ракометниот клуб Алкалоид ја информира јавноста дека до надлежните органи на Ракометната федерација на Македонија е поднесена официјална жалба поради сериозните судиски пропусти и крајно неконзистентното судење на натпреварот меѓу ГРК Охрид и РК Алкалоид, одигран на 14 март 2026 година во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, во рамки на второто коло од плејофот во македонската Суперлига, кој заврши со нерешен резултат 27-27.

Станува збор за натпревар од исклучително значење во плејоф фазата, дерби кое имаше резултатска тежина, натпреварувачки набој и големо влијание врз понатамошниот тек на првенството. Токму затоа, ваквите натпревари бараат највисок степен на професионалност, концентрација, интегритет и изедначен критериум во судењето.

РК Алкалоид смета дека на овој натпревар беше драстично оштетен од одлуките на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски, чие судење, според клубот, беше лошо во текот на целиот натпревар, со невоедначен критериум, различен пристап во идентични ситуации и со повеќе спорни одлуки што директно влијаеја врз ритамот на играта, психолошката стабилност на тимот и конечниот резултат.

„Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито“, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.

РК Алкалоид очекува Ракометната федерација на Македонија без одлагање, детално, стручно и одговорно да ја разгледа поднесената жалба и да утврди дали на овој натпревар биле исполнети основните критериуми за фер, објективно и непристрасно судење. Апелираме до надлежните да постапат професионално, одговорно и без калкулации.

РК Алкалоид и во иднина ќе продолжи да ги користи сите дозволени и легитимни механизми за заштита на своите права, интереси и спортскиот интегритет на клубот.

Вести

РК АЛКАЛОИД СЕ ПЛАСИРАШЕ НА „Ф4“ ОД КУП НА МАКЕДОНИЈА

РК ПРОЛЕТ – РК АЛКАЛОИД  18-34 (12-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Марјан Начевски
РК ПРОЛЕТ 62: Трајков, Глигоров 2, Василевски 1, Костов, Великиќески, Андоновски 1, Јовиќ 1, Дамчевски, Димковски 1, Стојановски 3, Стојчевиќ 2, Стоилевски, Дрпљанин 1, Палевски 5, Ѓорчевски 1, Давитковски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 14 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов, Тордарсон 3, Маркоски, Никола Костески 6, Стојковиќ 2, М. Митев 5, Велковски 1, Симоноски 1, Ивановски, Ненад Костески 3, Д. Митев 9, Аларов, Николов 2, Ѓорговски 1
​Седмерци: 6/8 Исклучувања: 8 мин. 

РК Алкалоид се пласираше на Ф4 турнирот од Куп на Македонија откако денеска во 1/4 финалната група што се играше во Автокоманда ги совлада екипите на РК Радовиш, а потоа во финалето и екипата на РК Пролет 62.

Претпладневното полуфинале мина во доминантна игра на РК Алкалоид кој запиша победа од 41-21 (22-7) и закажа финале со подобриот од дуелот меѓу РК Пролет 62 и РК Македонија Ѓ. Петров.
Во финалниот натпревар, првите 15 минути минаа во израмнета игра и минимално водство на гостинскиот тим, но потоа РК Алкалоид почна да ја оправдува улогата на фаворит. Последното реми го регистриравме при резултат 8-8, а по 20 минути игра, прв пат поведе со два гола разлика (10-8). До крајот на полувремето, РК Алкалоид го зголеми водството за уште еден гол и на паузата резултатот беше 15-12.

Многу подобро стартуваше РК Алкалоид во второто полувреме и со серија од 4-0 во првите седум минути од продолжението стигна до водство од 19-12.

Темпото на натпреварот не беше премногу брзо, двата тима повеќе позициски напаѓаа при што свои моменти имаа и голманите и напаѓачите, имаше и повеќе грешки, а разликата се движеше меѓу седум и девет гола разлика.

Во 48 минута, РК Алкалоид прв пат поведе со 10 гола разлика (26-16). Како се доближуваше крајот, ракометарите повеќе размислуваа на нападот отколку на одбраната за конечно натпреварот да заврши со победа на РК Алкалоид од 34-18.