Вести

Успешен старт на европската сезона!

РК АЛКАЛОИД – СЦ КЕЛАГ ФЕРЛАХ 31-22 (16-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иво Бошњак и Јосип Мариќ од БиХ. Делегат: Кенан Чокмен од Турција.
РК Алкалоид: Марко Кизиќ, Иван Галевски (8 одбрани + 2 седмерци), Улфар Пал Монси Тордарсон 5, Матиц Сухолежник 4, Никола Костески 6, Марко Стојковиќ 1, Марко Митев 7, Игор Ѓорѓиев 2, Мартин Велковски 2, Филип Николов, Нејц Цехте, Александар Петковски, Дамјан Митев 1, Урош Борзаш 2, Михаил Аларов 1, Емилијан Ѓорговски.
Седмерци: 1/2. Исклучувања: 6 минути. Црвен картон: Филип Николов (3 × 2 минути).

СЦ Келаг Ферлах: Арне Фукс (2 одбрани), Михаел Конечни (6 одбрани), Штефан Вузела, Симон Кнап, Тони Перкушиќ 7, Петар Станиќ 1, Давид Гисин 2, Лорин Ебнер, Маркус Келих 1, Михаел Јесахер, Лука Ебнер, Флоријан Плонер 2, Изидор Буџа 1, Адријан Миличевиќ 5, Јакоб Келих, Блаж Носан 1.
Седмерци: 1/3. Исклучувања: 10 минути.

РК Алкалоид имаше успешен старт на европската сезона. Нашиот клуб во рамки на Европскиот Куп на ЕХФ, во 2. коло, го пречека Керлаг Ферлах од Австрија во Скопје и славеше со резултат 31-22 (16-11). На овој меч за нашиот тим во ростерот не беа Ненад Костески, Вуко Борозан и Валентин Карасманакис, но и покрај нивното отсуство, одигравме тимски и заслужено се радувавме на победата.

Уште од почетокот на мечот, РК Алкалоид наметна свое брзо темпо на игра, прв се одлепи на 6-2 и ривалот константно бркаше. Само еднаш во продолжението од средбата Ферлах дојде на три гола негатива, но ниту еднаш не успеа да спушти под неа. До полувремето, РК Алкалоид имаше пет гола позитива (16-11), предност која ја држеше до самиот финиш (25-20), а потоа влеговме во супер-серија и со шест гола во низа дојдовме до највисоките 30-21.

Најдобар стрелец на натпреварот во нашиот тим беше Марко Митев со седум гола, пред Никола Костески со шест гола, додека Монси Тордарсон запиша пет гола. Вториот дуел меѓу Алкалоид и Ферлах во Виена ќе се одигра на 24 октомври.

Вести

РК Алкалоид рутински до победа пред европскиот старт

РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 33-22 (16-8)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегат: Ерик Белимов.

РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 5, Сухолежник 1, Никола Костески 6, Стојковиќ 3, М. Митев 1, Ѓорѓиев 2, Велковски 2, Николов 4, Петковски 3, Д. Митев 5, Борзаш 1, Аларов, Ѓорѓовски.
Седмерци: 6/7. Исклучувања: 12 минути.

РК Струга: Тутенкоски, Пајкоски 1, Петров 1, Костовски 1, Рајатоски, Јукиќ 1, Родиќ 4, Шилегов 5, Танкоски 1, Георгиевски, Димоски, Крстаноски 2, Манасков 4, Костоски 1, Симоновски 1, Костадиновски.
Седмерци: 5/5. Исклучувања: 18 минути.

РК Алкалоид, три дена пред првиот европски натпревар во новата сезона, го одигра мечот од седмото коло во македонската Суперлига, во кој гостин во „Автокоманда“ беше екипата на Струга.

Избраниците на тренерот Кирил Лазаров не трошеа многу време на денешниот натпревар. За само шест минути, од осмата до 14. минута од првиот дел, ги отстранија сите дилеми, откако направија серија од 6-0 и од резултатот 3-3 поведоа со 9-3.

На полувремето беше 16-8, а по четири минути игра во второто полувреме разликата за првпат стана двоцифрена (19-9). Натпреварот продолжи во ист ритам и во следните десет минути, по што во 44. минута РК Алкалоид ја достигна најголемата предност од 14 гола (27-13). Оваа разлика се задржа речиси до крајот на мечот, односно до 57. минута. Потоа, со три гола по ред, гостинскиот состав го ублажи поразот.
Никола Костески со шест и Улфар Тордарсон со пет гола беа најефикасните ракометари во редовите на РК Алкалоид.

Вести

РК Алкалоид без бодови од гостувањето во Охрид

ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 26-24 (15-11)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегати: Марјан Начевски и Славчо Каланоски.
ГРК Охрид: Славиќ, Ѓорѓески, Стрмљан 4, Ојлески, Јошида 5, Иванковиќ 5, Карапалевски, Тасески, Савревски, Мате 6, Љапис 2, Талески, Зечевиќ 1, Ивановски, Ѓукиќ 3, Ќосевски.
Седмерци: 5/8. Исклучувања: 12 минути.

РК Алкалоид: Николовски, Галевски, Џонов, Тордарсон 1, Сухолежник 1, Костески 6, Стојковиќ 1, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Николов, Цехте 1, Петковски 1, Д. Митев 4, Борзаш 3, Аларов 1, Борозан 1.
Седмерци: 5/6. Исклучувања: 8 минути.

Екипата на РК Алкалоид не успеа да освои бодови на дерби натпреварот со ГРК Охрид од шестото коло што се играше во салата „Билјанини извори“ во Охрид.

ГРК Охрид поведе со 2-0 и 3-1, но РК Алкалоид брзо одговори и со серија од 4-0 го презеде водството. Во 12. минута избраниците на Кирил Лазаров имаа предност од два гола (5-3), а три минути подоцна стигнаа и до максималните плус три (7-4). ГРК Охрид возврати со два гола во низа и ја намали негативата на само еден гол (6-7).

ГРК Охрид успеа да израмни на 7-7, а неколку минути подоцна и повторно да поведе (9-8), по што тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров, побара тајм-аут. Сепак, наместо одговор од РК Алкалоид, следеа два гола по ред на ГРК Охрид, кој за првпат во овој период се одлепи на плус три (11-8). Никола Костески реализираше седмерец за прекин на серијата на домашниот тим, но ГРК Охрид постигна уште два гола и ја зголеми предноста на 13-9.

Во последните секунди од првото полувреме, при резултат 14-11, РК Алкалоид се обиде да ја намали негативата со напад без голман. Двата тима во тој момент имаа по еден играч помалку на теренот, но РК Алкалоид ја загуби топката, а ГРК Охрид ја искористи празната мрежа за гол и предност од 15-11 на паузата.

Првите десет минути од второто полувреме му припаднаа на ГРК Охрид, кој во 41. минута поведе со највисоки шест гола разлика (19-13). Но, РК Алкалоид не се предаде и во следните седум минути успеа да се врати во натпреварот. Гостите ја намалија негативата на три гола (21-18), а имаа и напад за да дојдат на минус два и дополнително да го направат финишот неизвесен.
Сепак, ГРК Охрид го издржа налетот на РК Алкалоид, повторно изгради предност од пет гола и успеа да ја задржи до крајот на натпреварот, за победа од 26-24.

Вести

Петта победа по ред за РК Алкалоид, совладан тимот на ГРК Тиквеш

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 31-30 (18-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Васил Зипески.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски, Тордарсон 3, Никола Костески 5, Стојковиќ 1, М. Митев 5, Ѓорѓиев, Велковски, Николов 3, Цехте 2, Ненад Костески 1, Петковски, Борзаш 4, Аларов 4, Ѓорговски, Борозан 3.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 4 мин.

ГРК ТИКВЕШ: Велков, Бакев, Јовевски 2, Цејовиќ, Цековски 3, Тодоров, Гавидија 4, Димовски 1, Димковски 3, Лазов 4, Ѓорѓиев, Симиќ, Ончев 4, Солeв, Бен Махфуд 7, Габара 2.
Седмерци: 2/2. Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид го совлада тимот на ГРК Тиквеш, ја запиша петтата првенствена победа и остана со максимален ефект во новата сезона во најсилната конкуренција на домашната сцена.
Натпреварот со кавадаречкиот тим, неочекувано, имаше драматична завршница во која, сепак, ракометарите на РК Алкалоид беа поприсебни и избегнаа непријатно изненадување.

Почетокот на натпреварот беше добар за ракометарите на РК Алкалоид. Поведоа со 3-1, потоа беше 6-3, но им дозволија на гостинските играчи да се вратат во игра и да израмнат на 7-7. Следеше брз одговор, само две минути подоцна одново беше плус три (10-7) и одново ритамот го диктираа ракометарите на тренерот Кирил Лазаров.
До крајот на првиот дел се играше гол за гол, а полувремето заврши со три гола предност за РК Алкалоид (18-15).

Почетокот на вториот дел одново беше добар за сино-белиот тим и следеше зголемување на предноста на плус пет гола во 32. минута (21-16). Пет минути подоцна, разликата беше иста, 25-20, а во 50. минута РК Алкалоид и натаму имаше комотна предност (28-24).

Во последните 10 минути, ракометарите на РК Алкалоид ја искомплицираа ситуацијата. Гостинскиот состав се обидуваше да се врати во игра, а преголемата комоција на ракометарите на РК Алкалоид му отиде во прилог и му овозможи да креира драматична завршница. Со серија од 3-0, која започна во 56. минута, гостинските ракометари стигнаа до израмнување (30-30) во 58. минута.
Тренерот Лазаров побара тајм-аут, потоа преку Костески Алкалоид повторно дојде до водство од 31-30 и потоа одигра добро во одбрана, не дозволувајќи му на противникот да постигне гол за ново израмнување.