Вести

РК Алкалоид горд на своите репрезентативци

Македонската сениорска репрезентација имаше успешен настап на 29 Светско првенство што се одржува во Хрватска, Норвешка и Данска.


Нашиот национален тим го заврши настапот со пласман меѓу најдобрите 16 во светот, со освоено 15 место, а притоа повторно ја освои ракометната публика со прикажата борбеност, бескомпромисност, подобрен квалитет и модернизирана игра.
Македонија на СП запиша две победи, два нерешени резултати и два пораза. Бевме подобри од репрезентациите на Гвинеја (29-20) и на Катар (39-34), без победник одигравме со фаворизираните репрезентации на Унгарија (27-27) и на Австрија (29-29), а единствено бодови не освоивме на помалку контроверзниот меч со Холандија (32-37) и против репрезентацијата од светскиот Топ 4, Франција (25-32).


Македонската репрезентација на сите шест натпревари одигра на високо ниво и покажа виден напредок во начинот на кој игра во однос на претходните изданија како своевидна потврда дека овој безмалку комплетно реновиран и подмладен тим под водство на селекторот Кирил Лазаров и неговите стручни помошници се движи во нагорна линија и веќе и резулатски е на посакувано ниво.
РК Алкалоид како ракометен проект во кој првенствено македонски ракометари добиваат шанса преку квалитетен тренажен и натпреварувачки процес во кој се под строг стручен надзор да напредуваат и да се градат во врвни ракометари играше значајна улога во целиот процес.
Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров со асистентите Билјана Црвенкоска и Нинослав Павелиќ, заеднo со кондицискиот тренер Петар Баснарков и физиотерапевтот Тоше Трајковски го сочинуваа стручниот тим на репрезентација на Македонија.


Во составот од 18 ракометари кои настапи на шесте натпревари од прелиминарната и главната рунда на Светското првенство беа и ракометарите Марко Кизиќ, Иван Галевски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис.
РК Алкалоид е особено горд на овие 11 ракометари кои секој на свој начин безрезервно ги бранеа боите на македонската репрезентација и со своето однесување на и надвор од теренот имаа голем придонес кон постигнатите резултати, но и во формирањето на комплетната слика на достоинствено презентирање на Македонија на светската ракометна сцена.

Вести

Талентот препознаен од ЕХФ!


Тројца македонски репрезентативци од редовите на РК Алкалоид и РК Мулти Есенс беа селектирани од Европската ракометна федерација да бидат дел од проектот „Почитувај го својот талент“ – класа 2024.

Photos: Uros Hocevar/Kolektiff

Вкупно 30 млади ракометари што оставија посебен впечаток на М18 ЕХФ Еуро одржано летоска во Црна Гора, каде што беа прогласувани за играч на натпреварот, беа поканети за учество на годишиот камп во Виена каде што имаа можност да учат и да разговараат за теми што се надвор од теренот со ракометните амбасадори на ЕХФ, а тоа годинава беа врвните поранешни играчи Ханс Линдберг (Данска), Љубомир Врањеш (Шведска), Вид Кавтичник (Словенија) и Карлос Прието (Шпанија).

Македонски претставници на овој настап беа ракометарите Дамјан Митев, Марин Крстевски и Ѓорѓи Николовски.

Темите на кои селектираните ракометари разговараа со познатите ракометари беа од областа на нутриционзимот, социјални медиуми, анти допинг, двојни кариери, психолошки вежби и спортски закони.
За секоја точка, амбасадорите имаа покрај себе посебен експерт за темата со што професионално беше анализирана и одработена секоја поединост.

„Сакам да стигнам до врвот, дефинитивно. Знам дека тоа е тешка задача, но има време и мислам дека сме на вистинскиот пат. Небото е граница, а со советите што ги добивме од амбасадорите, сѐ е возможно. Тие ни ја раскажаа својата приказна и тоа ќе ни биде многу корисно во иднина“, изјави Марин Крстевски.

Photos: Uros Hocevar/Kolektiff