Вести
РК Алкалоид горд на своите репрезентативци
Македонската сениорска репрезентација имаше успешен настап на 29 Светско првенство што се одржува во Хрватска, Норвешка и Данска.

Нашиот национален тим го заврши настапот со пласман меѓу најдобрите 16 во светот, со освоено 15 место, а притоа повторно ја освои ракометната публика со прикажата борбеност, бескомпромисност, подобрен квалитет и модернизирана игра.
Македонија на СП запиша две победи, два нерешени резултати и два пораза. Бевме подобри од репрезентациите на Гвинеја (29-20) и на Катар (39-34), без победник одигравме со фаворизираните репрезентации на Унгарија (27-27) и на Австрија (29-29), а единствено бодови не освоивме на помалку контроверзниот меч со Холандија (32-37) и против репрезентацијата од светскиот Топ 4, Франција (25-32).

Македонската репрезентација на сите шест натпревари одигра на високо ниво и покажа виден напредок во начинот на кој игра во однос на претходните изданија како своевидна потврда дека овој безмалку комплетно реновиран и подмладен тим под водство на селекторот Кирил Лазаров и неговите стручни помошници се движи во нагорна линија и веќе и резулатски е на посакувано ниво.
РК Алкалоид како ракометен проект во кој првенствено македонски ракометари добиваат шанса преку квалитетен тренажен и натпреварувачки процес во кој се под строг стручен надзор да напредуваат и да се градат во врвни ракометари играше значајна улога во целиот процес.
Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров со асистентите Билјана Црвенкоска и Нинослав Павелиќ, заеднo со кондицискиот тренер Петар Баснарков и физиотерапевтот Тоше Трајковски го сочинуваа стручниот тим на репрезентација на Македонија.

Во составот од 18 ракометари кои настапи на шесте натпревари од прелиминарната и главната рунда на Светското првенство беа и ракометарите Марко Кизиќ, Иван Галевски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис.
РК Алкалоид е особено горд на овие 11 ракометари кои секој на свој начин безрезервно ги бранеа боите на македонската репрезентација и со своето однесување на и надвор од теренот имаа голем придонес кон постигнатите резултати, но и во формирањето на комплетната слика на достоинствено презентирање на Македонија на светската ракометна сцена.
