Вести

РК Алкалоид стана и кадетски шампион на Македонија

Вистинскиот пристап и квалитетот во работата со младинските категории годинава ги поставија нашите млади колективи на пиедесталот во државните шампионати.
Кадетите на РК Алкалоид го комплетираа успехот на пионерите на РК Алкалоид кои се нови државни прваци и на РК Мулти Есенс кои се новите младински прваци.


Денеска на Фајналфор турнирот во кадетска конкуренција, екипата на РК Алкалоид доминантно во полуфиналето ја совлада екипата на РК Струга (26-15), а потоа беше импресивен и во финалето на дуелот со екипата на РК Еурофарм Пелистер 2 и го совлада со 31-22 и станаа кадетски прваци на Македонија.
Претседателот на РФМ Живко Мукаетов, генералниот секретар Филип Милошевски и селекторот на младинската репрезентација Радослав Стојановиќ ги поделија победничките пехари и медалите на екипите учесници.

Вести

Кадетскиот Ф4 викендов во Автокоманда

РК Мулти Есенс и РК Алкалоид ги освоија државните првенства во младинска и пионерска конкуренција и за да станат апсолутни прваци во младинските категории им недостасува единствено пехарот од кадетската конкуренција.


Фајналфор турнирот за кадетите ќе се игра викендов во „Автокоманда“, а една од четирите екипи што ќе се бори за шампионскиот пехар е и екипата на РК Алкалоид.
Нашиот кадетски состав во полуфиналето ќе игра со екипата на РК Струга, додека другата полуфинална двојка ја сочинуваат екипите на РК Бисинов Фруитленд и РК Еурофарм Пелистер.
Влезот ќе биде бесплатен.

КАДЕТСКИ Ф4 ТУРНИР
Сабота, 18.5.2024
Распоред на натпревари

11:00 РК Алкалоид – РК Струга
13:30 РК Бисинов Фруитленд – РК Еурофарм Пелистер
17:00 Меч за трето место
19:30 Финале

Вести

РК Алкалоид е победник на турнирот „Марко Божиновски“

Кадетскиот тим на Алкалоид e победник на вториот меморијален турнир „Марко Божиновски“ што се одржува во чест на прерано починатиот македонски ракометар и репрезентативец.
РК Алкалоид победи на турнирот на кој учествуваа екипите на РК Коњух од Босна и Херцеговина и македонските екипи РК Е. Пелистер, РК Бутел Скопје, РК Голден Арт и РК Аеродром. 

РК Алкалоид победи на сите четири одиграни натпревари. Во првото коло беше подобар од РК Коњух со резултат 30:27. Во второто коло го совлада тимот на РК Аеродором со резултат 48:21, а потоа во полуфиналето го елиминираше тимот на РК Бутел Скопје (27:16).

Во финалето, нашиот тим одново се сретна со екипата на Коњух, која пак, во полуфиналето беше подобра од Е. Пелистер (34-28). 
Нашиот тим по втор пат на турнирот беше подобар од екипата на Коњух од БиХ. Конечниот резултат е 26:25, победа извојувана во тежок меч кој имаше и драматична завршница, во која сепак, подобро се снајде нашиот состав. 

Вести

Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“

Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.

Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.

РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).

Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.

„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.

Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.

Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.

Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“

Вести

РК Алкалоид ги промовираше базата, дресот и химната

Денеска, 24.12.2022, на голем настан, заедно со нашите ракометари, пријатели, навивачи и поддржувачи, пред јавноста и пред медиумите го промовиравме нашиот ракометен дом, салата „Автокоманда“. Салата е целосно реновирана според високите стандарди. Реновирани се фасадата, теренот, осветлувањето, соблекувалните, покривот, озвучувањето и трибината.

Со овој проект одиме чекор напред кон обезбедување врвни услови во кои ќе се градат професионални ракометари, но ќе се промовираат и вистински спортски вредности за најмладите. РК Алкалоид останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометар, која на долгорочен план би дала македонски репрезентативци.

На настанот премиерно се емитуваа и се промовираа нашата клупска химна и видеоспотот за неа. Во рамките на настанот беа промовирани новите дресови во сина и бела комбинација, со кои РК Алкалоид ќе игра во втората полусезона на Суперлигата.

Вести

Со вложување во најмладите итаме кон реализација на нашите цели

Особено задоволство ни претставува кога можеме да ги поддржиме нашите најмлади во нивните обиди да живеат и да растат здраво и да се занимаваат со спорт. Основната задача која произлегува од целите што ги поставивме е создавање на врвни услови за талентираните ракометари максимално да ги развијат своите потенцијали и да постигнат најдобри резултати во младинските категории, а потоа да го пренесат тоа и во сениорската конкуренција.

Веруваме дека преку едукација и преку стручно усовршување е можно позначајно да се унапреди системот и да се очекуваат повисоки и врвни резултати од нашите спортисти во наредните години. 

РК Алкалоид годинава создаде поголема база, која, во согласност со амбициите и со целите, ќе се проширува и ќе се модифицира. Оваа година во нашиот спортски колектив имаме две пионерски, две кадетски екипи и една младинска екипа, со што вкупно имаме пет младински екипи, во кои настапуваат 98 пријавени ракометари. 

Овие играчи се натпреваруваат во три младински категории, а во моментов во младинската и кадетска категорија нашите екипи се на првите места.

РК МУЛТИ ЕСЕНС ПИОНЕРИ

РК МУЛТИ ЕСЕНС КАДЕТИ

РК АЛКАЛОИД ПИОНЕРИ

РК АЛКАЛОИД КАДЕТИ