Вести

Убедлива победа на последниот меч на домашен терен

РК Алкалоид со убедлива победа од 37-21 (19-11) над екипата на РК Бутел Скопје ја заокружи сезоната на домашен терен. Попладнево, избраните ракометари на тренерот Кирил Лазаров немаа комплицирана задача и беа доминантни од првиот до последниот момент.
Улфар Пал Монси Тордарсон со осум постигнати голови беше најефикасниот ракометар на РК Алкалоид. По пет погодоци постигнаа Урош Борзаш, Марко Стојковиќ и Филип Николов, браќата Марко Митев и Дамјан Митев и младото крило Давид Трајкоски постигнаа по три погодоци, а забележителна партија имаше и голманот Ѓорѓи Николовски кој запиша 12 интервенции.

Овој натпревар беше последниот за РК Алкалоид на домашен терен, до крајот на сезоната екипата ќе одигра само уште еден меч, на гостински терен против тимот на РК Еурофарм Пелистер.
Пред почетокот на натпреварот, тројца ракометари што заминуваат од РК Алкалоид, Никола Маркоски, Мартин Ивановски и Кристијан Симоноски добија благодарници од клубот и се поздравија со публиката и соиграчите.

Вести

Тројца ракометари си заминуваат од РК Алкалоид

Крајот на сезоната е периодот во кој се актуелни и играчките промени, а РК Алкалоид следната сезона нема да смета на услугите на тројца ракометари кои досега настапуваа во првиот тим.


Никола Маркоски, Мартин Ивановски и Кристијан Симоноски денеска официјално се збогуваа од Алкалоид — од следната сезона тие нема да бидат дел од првиот тим во Автокоманда.
Пред натпреварот со РК Бутел Скопје, клубот им врачи благодарници и тие имаа емотивно збогување со домашната публика и со своите соиграчи.
Тројцата оставија трага и свое место во историјата на клубот, како дел од генерацијата што му ги донесе први трофеи во македонската Суперлига и првиот трофеј во ЕХФ Европскиот куп.
РК Алкалоид им се заблагодарува за досегашната соработка и им посакува многу успех во понатамошните кариери.

Вести

Младинците на Мулти Есенс слават трет шампионски пехар по ред

Младинската екипа на РК Мулти Есенс денеска беше крунисана со шампионскиот пехар откако на домашен терен го победи второпласираниот РК Еурофарм Пелистер 2 со 33–28 на натпревар на кој Дарјан Ѓокески и Јулијан Матески со по седум постигнати голови беа најдобрите стрелци на натпреварот.
РК Мулти Есенс доминираше во текот на целата сезона и ја одбрани титулата, станувајќи младински првак на Македонија по трет пат по ред.
Ова е третиот трофеј сезонава за клубот во Автокоманда: претходно пионерскиот состав на РК Алкалоид стана шампион, а првиот тим на РК Мулти Есенс обезбеди директна промоција во Суперлигата. Во текот на викендот, колекцијата на трофеи може да се зголеми — кадетите на Мулти Есенс ќе настапат на Фајналфор турнирот.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС Е ШАМПИОН НА ПРВАТА ЛИГА И ИДЕН СУПЕРЛИГАШ!

РК Мулти Есенс е новиот шампион на Првата лига и директно се пласираше во Суперлигата. Сезонава, со остварени 23 победи и само еден пораз, РК Мулти Есенс го освои првото место на конечната табела со освоени 46 бода, еден повеќе од РК Младост 1977 Богданци, која сега ќе игра бараж против претпоследниот тим од Суперлигата, екипата на РК Струга. Екипата на РК Драчево Јуниор на крајот ја освои третата позиција.


Во решавачкиот натпревар, последен сезонава што се одигра во Автокоманда, РК Мулти Есенс попладнево го победи тимот на РК Драчево Јуниор. Дерби натпревар беше решен уште во првото полувреме. По изедначеното резултатско отворање до 5-5, следеше серија на Мулти Есенс и во последната минута од полувремето стигна до предност од десет гола (17-7). На пауза беше 17-8, а односот на силите не се промени ниту во второто полувреме, па конечниот резултат гласеше 39-25 во корист на новиот суперлигаш.

Вести

РК Алкалоид е нов пионерски шампион на Македонија!

РК Алкалоид е нов пионерски шампион на Македонија, откако во финалето на завршниот Ф4-турнир во салата „Автокоманда“ славеше против ГРК Охрид со убедливи 28:20.

До шампионскиот трофеј тимот на РК Алкалоид беше предводен од Иван Великов, кој постигна осум гола во финалето, додека Петар Митев додаде уште шест погодоци. Претходно, во полуфиналето РК Алкалоид го елиминира РК Мулти Есенс (24:20), а ГРК Охрид беше подобар од РК Еурофарм Пелистер 2 (14:13).

Во „малото финале“, односно мечот за трето место, РК Мулти Есенс го совлада РК Еурофарм Пелистер 2 со резултат 26:22.

По завршувањето на турнирот, индивидуалните признанија исто така заминаа во редовите на РК Алкалоид. За најдобар голман беше избран Мартин Пандиловски, додека признанието за МВП на турнирот му припадна на Петар Митев. Во идеалниот „ол-стар“ тим од нашиот состав се најдоа Мартин Пандиловски како голман, Иван Великов на позицијата десен бек и Владимир Николовски како пивот.

Покрај нив, место во идеалната постава добија и Христијан Ангеловски, Горјан Петрушевски и Емануел Вумвулакис од РК Мулти Есенс.

Вести

РК Алкалоид со целиот плен се враќа од Кавадарци

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 23-30 (11-12)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Глигор Ќаев и Спаско Ќаев. Делегат: Васил Чавдаров
ГРК ТИКВЕШ: Панов, Јовевски 2, Стојановски 6, Цејовиќ 4, Лазороски, Велков, Печуруца, Димовски, Лазов 2, Ѓоргиев, Коцев 2, Симиќ 1, Ангелов, Мијушковиќ 6, Бакев
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Џонов 4, Тордарсон 6, Маркоски, Карасманакис 1, Ѓоргиев 4, Велковски 2, Симоновски 1, Ивановски, Костески 1, Петковски 2, Борзаш 7, Аларов, Ѓорговски 2
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид беше гостин во Кавадарци и го совлада тимот на ГРК Тиквеш во последниот натпревар од Суперлигата пред паузата за настап на репрезентацијата во бараж натпреварите за пласман на СП 2027. До крајот на првенството остануваат уште две кола, а близината на крајот на сезоната има влијание и остава траг во играта на екипите.

Домашниот состав беше мотивиран за игра против РК Алкалоид и во првите 10 минути од натпреварот имаше и мала резултатска предност. Но, брзо ја презема контролата екипата на РК Алкалоид, во 21 минута водеше со три гола разлика (11-8). На полувреме разликата беше само еден гол (12-11), но РК Алкалоид беше далеку подобар противник во продолжението.

По воведната резултатска израмнетост, РК Алкалоид почна да се одлепува од противникот, па така во 40 минута беше 20-16, предност што до крајот на натпреварот беше зголемена на конечните 30-23. Урош Борзаш беше најефикасен на теренот со седум постигнати голови, Тордарсон постигна шест, а шанса да брани доби голманот Ѓорѓи Николовски и запиша девет одбрани.