Вести
РК Алкалоид без бодови од дуелот со РК Партизан
РК АЛКАЛОИД – РК ПАРТИЗАН 31-39 (15-17)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје.
Стрелци за РК Алкалоид: Никола Котески 6, Цехте 5, Стојковиќ 5, М. Митев 4, Борзаш 4, Борозан 2, Тордарсон 2, Ѓоргиев 1, Џонов 1, Николов 1
Стрелци за РК Партизан: Дамјановиќ 10, Лумбросо 8, Вагнер 8, Мигаљон 5, Црноглавац 4, Мичиќ 2, Шотиќ 1, Анѓелковиќ 1

Екипата на РК Алкалоид го одигра првиот натпревар во новоформираната Регионална лига. Во меч од второто коло, гостин во Автокоманда беше екипата на РК Партизан од Белград. Гостите ги освоија бодовите откако запиша победа од 39-31 во натпревар во кој пресудна беше лошата реализација на ракометарите на РК Алкалоид.
Почетокот на натпреварот беше израмнет, РК Алкалоид ја имаше контролата во воведните минути, но по неколку нереализирани шутеви од изгледни позиции, гостинскиот состав премина во водство. Најголемата разлика во првиот дел беше три гола (9-6), но РК Алкалоид се доближи на 10-11 и одново пропушти изгледни шанси да го израмни резултатот.

На полувреме гостите водеа 17-15, а во второто полувреме, по седум минути игра РК Алкалоид израмни на 21-21.
Но, се повторија пропустите од првиот дел. Неколку нереализирани напади и противникот одново премина во водство кое овој пат не го испушти до крајот на натпреварот. Екипата на РК Партизан во последните 10 минути од натпреварот успеа да ја удвои разликата и да стигне до повисока предност.

Никола Костески со шест гола беше најефикасниот ракометар во екипата на РК Алкалоид, по пет гола постигнаа Нејц Цехте и Марко Стојковиќ.
Тренерот Кирил Лазаров на овој натпревар поштеди неколку ракометари, па така Матиц Сухилежник, Мартин Велковски, Валентин Карасманакис и Александар Петковски натпреварот го следеа од трибината, а во игра не влегуваше ниту Михаил Аларов.
Следниот натпревар на РК Алкалоид е на 28 август, во Автокоманда ќе гостува екипата на РК Ловќен од Црна Гора на уште еден меч од Регионалната лига.