Вести

Дербито во Кавадарци, без победник

ГРК ТИКВЕШ – АЛКАЛОИД   31-31 (16-16)

Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегат: Душко Камишевски


ГРК Тиквеш: Брауновиќ, Велков, Петровиќ 2, Лазов, Постолов, Темелкоски 2, Соколов, Анастасовски 3, Милков, Окардов, Кондев 4, Симиќ 9, Димовски 5, Шулески, Коцев 2, Хамзиќ 4
Седмерци: 5/8 Исклучувања: 16 мин. 


Алкалоид: Трајковски, Галевски, Петров 1, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 4, Стојковиќ 1, Илиески 4, Џонов 6, М. Митев 5, Ѓоргиев 5, Иваноски 3, Кофилоски, Петковски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 18 мин. 

РК Алкалоид и ГРК Тиквеш ги поделија бодовите од дерби мечот на првото коло од плејоф-шампионатот што се играше во Кавадарци.
Натпреварот беше цврст на моменти и тензичен, со остра игра и многу исклучувања, а завршницата беше драматична.

Домашната екипа имаше резултатски подобро отворање на натпреварот и водство во текот на првиот дел, но во финишот на полувремето до израз дојде и играта на РК Алкалоид, па на одмор се замина со нерешен резултат (16-16).

Во второто полувреме, РК Алкалоид го диктираше резултатот. Поведовме со 21-18 по десет минути игра и постојано бевме во предност, заклучно со позитивата од два гола, 31-29 во последната минута.
Но, во драматичната завршница, домашниот состав постигна два погодока и мечот заврши без победник.

Вести

Четири нови ракометари во РК Алкалоид

РК Алкалоид го комплетираше својот играчки кадар за продолжението на сезоната, во која ќе се натпреварува во плејоф-шампионатот. Четворица нови ракометари има во составот на РК Алкалоид, со кои екипата ќе има повеќе опции во играта, а со тоа ќе биде поконкуретна во националното првенство. 

Во квартетот на нови играчи на РК Алкалоид се наоѓа искусниот пивот Костадин Петров. Тој има 30 години и висок е 190 сантиметри. Зад себе има и солидно меѓународно искуство од настапите во РК Гвадалахара од Шпанија, РК Сучеава од Романија, како и од исландскиот РК Тор, од каде што дојде во редовите на РК Алкалоид. 

На позицијата лев бек ново име во тимот е Иван Џонов. Toj e 25-годишен, 195 сантиметри висок бек, кој досега настапуваше за екипата на РК Т. Пролет. 

Нов ракометар има и на позицијата десен бек, тоа е младиот 20-годишен леворак ракометар Давид Савревски, кој во редовите на РК Алкалоид доаѓа од екипата на Вардар 1961. 

Шанса да напредува и да го развива својот талент како дел од првиот тим на РК Алкалоид ќе добие и 16-годишниот, 191 сантиметар висок централен бек Дамјан Митев. Тој досега настапуваше за екипата на РК Мулти Есенс и со своите игри ја доби довербата да се пресели во редовите на РК Алкалоид. 

Вести

РК Алкалоид со четири победи се враќа од Србија

РК Алкалоид ја одработи и последната фаза од подготовките за плејоф-сезоната. Минатата недела екипата беше во Србија, каде што, покрај физички и тренажно, се подготвуваше и тактички, преку одигрување контролни натпревари со екипите од шампионатот на Р Србија.

РК Алаклоид одигра четири контролни натпревари, на кои забележа четири победи, а тренерот Кирил Лазаров имаше можност да ги тестира сите ракометари и да ја темпира нивната форма за претстојните предизвици во домашното првенство.

На првиот контролен натпревар РК Алкалоид беше подобар од есенскиот вицепрвак на Србија, екипата на РК Динамо Панчево (25 : 22); на втората средба ја совлада екипата на РК Лавови (36 : 13); потоа го совлада и РК Црвенка (39 : 23), а на последната контрола беше подобар од тимот на РК УБ (35 : 27).

Со последниот меч, всушност, беше заокружена целата фаза од подготовките, па екипата во продолжение, до почетокот на плејофот, ќе тренира во Скопје.

Плејоф-шампионатот на Македонија е предвидено да започне од 11 февруари, а во првото коло РК Алкалоид како гостин ќе игра против екипата на ГРК Тиквеш во Кавадарци.

Вести

РК Алкалоид против РК Бутел Скопје во Купот на Македонија

РК Алкалоид со елиминациски натпревар против РК Бутел Скопје ќе го продолжи натпреварувањето во Купот на Македонија. Победникот од овој дуел, пак, ќе игра против победникот од дуелот меѓу екипите на РК Прилеп и РК Вардар Неготино за пласман на Ф4- турнирот во Купот на Македонија.


Вкупно 16 екипи се пласираа во групната фаза од Купот на Македонија и тие денеска со ждрепка беа поделени во четири групи со по четири екипи. Според системот на елиминација, тие ќе играат меѓусебе, а вкупниот победник од секоја група ќе се пласира во полуфиналето на турнирот. Полуфиналето ќе се игра според Ф4-системот.

Рангирањето на екипите беше извршено според пласманот од минатата сезона, па така нашиот клуб се најде во т.н. трет шешир. Потоа со ждрепка беа одредени групите, а РК Алкалоид ќе игра во групата 3 со екипите на РК Бутел Скопје, РК Прилеп и РК Вардар Неготино. Предвидено е натпреварите од оваа фаза да се играат во периодот 18-19 март. Организаторот на групата не е одреден во моментов, a секоја екипа има право да аплицира за домаќин.

КУП НА МАКЕДОНИЈА
ГРУПА „1“
РК Вардар 1961 – ГРК Охрид
РК Скопје 2020 – РК Јуниор К. Вода

ГРУПА „2“
РК Е. Пелистер 2 – РК Радовиш.
РК Пролет – Голден Арт

ГРУПА „3“:
РК Бутел Скопје – РК Алкалоид
РК Прилеп – РК Вардар (Н)

ГРУПА „4“:
РК Е. Пелистер – МРК Куманово
ГРК Тиквеш – РК Струга

Вести

РК Алкалоид со победа ја почна годината

РК Алкалоид со победа ја почна годината. На својот прв настап во 2023 г., во рамките на подготовките во Стара Пазова, нашиот тим го совлада тимот на РК Динамо Панчево со 25 : 22 (12 : 10).

Второпласираниот тим во шампионатот на Србија, Динамо Панчево, кој и е во поодмината фаза на подготовки, подобро го почна натпреварот и поведе со 5 : 2 по тринаесет минути игра. РК Алкалоид израмни (5 : 5) во седумнаесеттата минута, а две минути подоцна мина во водство (7 : 6). На полувреме се одржа истата разлика (12 : 10).

Во второто полувреме нашиот тим влезе со серија од 5 : 2 и стигна до водство од 17 : 12 во 42. минута.  Динамо Панчево успеа да се доближи и на еден гол разлика на десет минути до крајот, но нашите ракометари беа присебни и не дозволија израмнување или пресврт. Напротив, во финишот од резултат 21 : 20, по серијата од 4 : 1, ставија точка на овој натпревар. 

РК Алкалоид во Србија се подготвува без репрезентативците Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев и Никола Маркоски, кои добија поштеда по настапот на мундијалот.

Вести

Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“

Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.

Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.

РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).

Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.

„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.

Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.

Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.

Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“