Вести

РК Мулти Есенс не влезе во победничка низа

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ВАРДАР (Н) 25-27 (13-15)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролор: Љупчо Јаневски

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 3, Костовски 5, Илиески 2, Насевски, Д. Узунчев 2, Петрески 2, Трајчев, Омерагиќ 5, Г. Трајковски, Иваноски, Тодески, Т. Узунчев, Ј. Трајковски, Јорданов, Стојчевиќ 1

Седмерци: 1/2 Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР (Н): Мицев, Бугариновиќ 8, Кузев, Орешков 2, Ацев, Митевски 5, Мицев, Грујовски, Ѓорѓев, Петров, Адамовиќ 6, Митиќ 3, Ицев, Пеовски, Јовановски, Трајанов 3

Седмерци: – Исклучувања: 8 мин.

РК Мулти Есенс не успеа да направи победничка низа во суперлигашкиот Плејаут. По победата над РК Голден Арт, во второто коло на домашен терен, нашиот млад состав му ги препушти бодовите на тимот на РК Вардар Неготино, екипа што значително се засили во зимскиот преоден рок.
Натпреварот беше резултатски возбудлив и во најголем дел израмнет, а пропуштените шанси во финишот, беа платени со три бода.

РК Мулти Есенс поведе со 3-0 на почетокот на натпреварот, но не го задржа ритамот, напротив гостите со серија од 5-1 премина во водство, а потоа се играше резултатски израмнето.
РК Мулти Есенс имаше гол до два гола предност сѐ со резултат 13-11, но во финишот имаше голем пад, серија од 4-0 за неготинскиот состав и водство од 15-13 на полувреме.

Во второто полувреме по израмнетиот почеток, гостинскиот состав искористи ситуација кога имаше играч повеќе и успеа да поведе со 21-17.
По ова следеа минути за нашето крило Михајло Костовски кој постигна три гола по ред и РК Мулти Есенс намали на 20-21 и пропуштивме две шанси за израмнување. Во третиот обид израмнивме на 21-21, по што следеа моменти во кои гостите успеаја да вратат два гола предност.

По ова следеа неколку обиди на РК Мулти Есенс да израмни, но откако ќе успееше да се доближи на гол разлика не успеваше да се одбрани, времето изминуваше, притисокот стануваше сѐ поголем, за на крајот средбата да заврши со резултат 25-27, а бодовите да бидат запишани за гостинскиот состав.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ПОБЕДА СТАРТУВАШЕ ВО ПЛЕЈОФ

РК ПРОЛЕТ 62 – РК АЛКАЛОИД 17:22 (9:10)
Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Игор Огненов
РК Т. ПРОЛЕТ: А. Петковски, Стојановски 1, Тотиќ, Мајнов, Х. Петковски, Спасовски, Андоновски 4, Михаљевиќ, Палевски 4, Пецаковски, Василевски 2, Арсеновски 2, Димковски 1, Димов, Додевски 3, Крстески
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, М. Митев 2, Савревски, Кофилоски 1, Карасманакис 2, Џонов 3, Стојковиќ 1, Младеновиќ, Маркоски, Д. Митев 1, Велковскиц3, Омерагиќ, Серафимов 5, Димовски 1, Ѓоргиев 2,
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид со победа стартуваше во суперлигашкиот Плејоф. Денеска нашиот тим ја оправда фаворитската улога и ги освои бодовите на гостувањето кај РК Пролет 62.
Домашниот состав резултатски подобро го отвори натпреварот и имаше водство во првите дваесетина минути од средбата.
РК Алкалоид во подобар ритам влезе во последните десет минути. Одигра одлична одбрана РК Алкалоид, 11 минути не прими гол и со серија од 4:0 поведе со 10:9, а потоа пропушти и неколку напади за да го зголеми водството.


Добрата игра на РК Алкалоид во одбрана го остави без погодоци противничкиот тим и во воведните осум минути од второто полувреме, а нашиот клуб за тоа време направи разлика од пет гола (14-9)
Потоа таа разлика нашиот тим ја одржа без поголеми проблеми. Домашните се обидуваа да намалат и да воведат неизвесност, но не успеаја да ја намалат разликата под пет гола и во рутинска завршница ги освоивме првите пролетни бодови.

Вести

БЛЕСКАВО ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ ЗА СТАРТЕН ТРИУМФ НА РК МУЛТИ ЕСЕНС

РК ГОЛДЕН АРТ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 23-24 (16-11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Контролор: Цано Куртовиќ.

РК Голден Арт: Трајковски, Христоски, Ончев 1, Глигоров, Даев 1, Шилегов 3, Јанковски, Гошевски 5, Даскаловски 1, Стојаноски 2, Миланов 1, Трајков, Милошески 7, Дрпљанин 1, Бардакоски, Гајиќ 1.
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 14 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 10, Костовски 1, Илиески 4, Насевски, Узунчев 2, Петрески 1, Трајчев, Омерагиќ, Трајковски, Иваноски 6, Тодески, Узунчев, Трајковски, Јорданов, Стојчевиќ
Седмерци: 1/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Мулти Есенс со блескаво второ полувреме дојде до победа против Голден Арт (24-23) во првиот меч од плеј-аутот во машката ракометна Суперлига! Нашиот тим имаше негатива од пет гола на паузата, ама со посветена игра во нападот и во одбраната дојде до важен триумф на стартот на разигрувањето за опстанок во елитното друштво во македонскиот ракомет.

Првиот меч од плеј-аутот стартува изедначено. Беше 4-4, па 5-5, потоа 7-7. Главни стрелци во нападот во таборот на РК Мулти Есенс беа Димитар Узунчев и Михаил Иваноски кои комбинираа пет гола. Разликата меѓу двата тима настана по 15. минута, кога Мулти Есенс загуби две топки во нападот, а тоа Голден Арт го надополни со два гола и замина на 8-10.

По серијата на противникот, тренерот Бочкаровски го повика првиот тајм-аут на мечот, но и тоа не помогна. Мулти Есенс против себе го имаше и расположениот искусен голман Даскалоски кој фати два пенали, па така резултатот на паузата гласеше 11-16 за РК Голден Арт. Првиот дел РК Мулти Есенс го заврши со три нереализирани седмерци (0/3).

Во воведните десетина минути од вториот дел нашиот тим беше далеку пофокусиран од ривалот и со поагресивна игра во одбраната и лесни голови израмни на 18-18, па така се врати неизвесноста на натпреварот. По нова грешка на противникот, со одличен гол од девет метри, Давид Димевски по долго време ја врати предноста за Мулти Есенс (19-18).

На самиот влез во последните десет минути, следеше нов гол на Димевски, овој пат преку цепелин, за прва позитива од два гола на мечот (23-21), Голден Арт возврати со два гола за 23-23 и следеше драматична завршница која му припадна на нашиот тим. Во клучните моменти, најважната одбрана на мечот ја забележа голманот Ѓорѓи Ерманоски, тоа беше во последниот напад на Голден Арт.

Вести

Почнува плеј-офот за РК Алкалоид!

РК Алкалоид се враќа во домашна акција. Нашиот тим ги продолжува настапите во Суперлигата, каде во рамки на вториот дел од натпреварувањето, тоа е плеј-офот, ја почнува битката за највисок дострел – титулата во македонскиот ракомет и пласманот во еврокуповите на ЕХФ.

Зад себе нашиот клуб го остави најуспешниот прв дел досега, затоа што на 14 одиграни натпревари во Групата „А“ од Суперлигата забележа 14 победи. Целосниот фокус сега е кон плеј-офот каде според правилникот се пренесуваат три бода. Исто толку бодови во оваа фаза ќе има и Вардар 1961 кој заврши како прв во Групата „Б“.

Останати учесници во плеј-офот се ГРК Охрид, Еурофарм Пелистер (пренесуваат по 2 бода), ГРК Тиквеш, Бутел Скопје (пренесуваат по 1 бод), Пролет 62 и Струга (не пренесуваат бодови). Плеј-офот стартува во февруари, а ќе се игра до јуни. Прв предизвик за РК Алкалоид во плеј-офот ќе биде тимот на Пролет 62. Натпреварот е закажан на 10.02. (сабота) со почеток од 16:00 часот во салата „Македонско Сонце“ во Скопје.

Во плеј-офот во РК Алкалоид ќе има три новини во играчкиот ростер – тоа се тројца нови играчи кои се промовирани од екипата на РК Мулти Есенс. Во нашиот клуб доаѓаат пивотот Валентин Карасманакис, десното крило Мартин Димовски и голманот Виктор Василевски.

Од екипата си замина интернационалецот Алехандро Ромеро Карерас кој настапуваше на голманската позиција, додека пивотот Стефан Стојчевиќ од РК Алкалоид е испратен во РК Мулти Есенс.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ВО ПЛЕЈ-ОФОТ

1. коло: РК Пролет 62 – РК Алкалоид
2. коло: РК Алкалоид – ГРК Тиквеш
3. коло: РК Струга – РК Алкалоид
4. коло: ГРК Охрид – РК Алкалоид
5. коло: РК Алкалоид – РК Вардар 1961
6. коло: РК Бутел Скопје – РК Алкалоид
7. коло: РК Алкалоид – РК Еурофарм Пелистер
8. коло: РК Алкалоид – РК Пролет 62
9. коло: ГРК Тиквеш – РК Алкалоид
10. коло: РК Алкалоид – РК Струга
11. коло: РК Алкалоид – ГРК Охрид
12. коло: РК Вардар 1961 – РК Алкалоид
13. коло: РК Алкалоид – РК Бутел Скопје
14. коло: РК Еурофарм Пелистер – РК Алкалоид

Вести

РК Алкалоид ја комплетираше втората фаза од подготовките

РК Алкалоид ја заврши и втората фаза од подготовките за суперлигашкиот плејоф во која екипата осум дена се подготвуваше во спортскиот центар во Стара Пазова. Во тој период покрај тренинзите одигра и три контролни натпревари.
РК Алкалоид одигра два меча со хрватскиот вицешампион Нексе на кои запиша победа (29:27) и минимален пораз (29:30). На денот на заминувањето за Скопје одигра уште еден меч, против екипата на Југовиќ на кој поголема шанса добија условно кажано „резервистите“. Таа средба заврши без победник (35:35).
РК Алкалоид потоа се врати во Скопје и во својата сала ќе се подготвува до стартот на суперлигашкиот Плејоф кој е предвиден викендов.
Во првото плејоф коло, РК Алкалоид на гостински терен ќе игра со екипата на РК Тинекс Пролет 62.

Вести

РК Алкалоид испушти втора победа над РК Нексе

РК АЛКАЛОИД – РК НЕКСЕ 29:30 (19-14)
Спортски центар во Стара Пазова
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајковски, Маркоски 1, Џонов 2, Младеновиќ 4, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ 1, М. Митев 7, Ѓоргиев 3, Велковски, Омерагиќ 2, Бинго 3, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 3
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 10 мин.
РК НЕКСЕ: Цар, Кузмановиќ, Рачиќ 4, Ракиќ 2, Хромин 5, Вејин 4, Сршен 1, Мославац, Манци-Мичевиќ, Велкаврх 1, Безјак 4, Штрлек 2, Мошчаниќ, Цениќ, Кохен 4
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид ја привршува втората фаза од подготовките за суперлигашкиот Плејоф во Македонија, играјќи контролни натпревари во спортскиот центар во Стара Пазова.
Спаринг партнер на нашиот тим е хрватскиот вицепрвак Нексе со кого одигравме два тест меча. По вчерашната победа на РК Алкалоид (29-27), денеска за гол подобар беше хрватскиот тим (30-29).

По израмнетиот почеток во кој за нијанса подобар беше РК Нексе, РК Алкалоид ја презема контролата и доминираше до крајот на првото полувреме. Израмнивме на 5-5, потоа поведовме со два гола разлика (10-8), а како одминуваше првиот дел, нашиот тим беше сѐ подобар и го зголеми водството на плус пет гола (16-11) и таа разлика ја задржа до крајот на првото полувреме (19-14).

Во вториот дел нашиот противник успеа по десет минути игра да анулира два гола од негативата, но сѐ уште имавме водство од плус три се до последните десетина минути.
Од резултат 26-23 за РК Алкалоид, РК Нексе успеа да намали на 25-26, а потоа го одиграа својот најдобар дел и со серија од 3-0 стигнаа до водство од 28-27.
РК Алкалоид израмни на 28-28 и на 29-29, но последниот гол беше постигнат од Нексе.
Марко Митев со седум гола и Михајло Младеновиќ со четири погодоци денеска беа најефикасните играчи на РК Алкалоид.