Вести

Соопштение за јавноста

АД РАКОМЕТЕН КЛУБ АЛКАЛОИД РАКОМЕТ информира дека клубот, во согласност со своите внатрешни акти, ќе  спроведе детално разгледување на случајот за инцидентот што се случил за време на ракометниот турнир во Сегед, Унгарија, во периодот од 1 до 4 јуни.

Врз основа на Статутот на клубот и дисциплинскиот правилник на АД РАКОМЕТЕН КЛУБ АЛКАЛОИД РАКОМЕТ, донесена е одлука Суспензија/Забрана за вршење на функција Помошник тренер во временски период од 3 (три) месеци на лицето Влатко Котески. Суспензијата, како привремена мерка, е изречена поради постоење на сомневање дека во наведениот период на меѓународен турнир одржан во Унгарија е сторен дисциплински престап од страна на Помошникот тренер Влатко Котески, со што директно е нарушен угледот на Клубот. Изречената Суспензија може да се прекине и пред завршување на периодот од 3 (три) месеци за кој е изречена, доколку се донесе правосилна Одлука по спроведена Дисциплинска постапка во рамки на Клубот или се донесе Одлука од надлежен државен орган со која е одлучено за поведението на Помошникот тренер, а во кое поведение се опфатени и елементите на предметниот дисциплински престап.

Правилната работа, дефинираниот систем на функционирање, како и интегритетот и кредибилитетот во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Клубот посветува големо внимание на работата со младите категории на ракометари, како и на воспитувањето и на грижата за правилен развој и за градење здрави спортски личности.

Во согласност со клупската култура и со спортскиот дух, со помош на правилна организација и стручна работа, АД РАКОМЕТЕН КЛУБ АЛКАЛОИД РАКОМЕТ ќе продолжи во остварување на својата визија и мисија да овозможи квалитетен и напреден тренажен процес за развивање и за градење врвни ракометари во македонскиот ракомет.

Вести

Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“

Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.

Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.

РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).

Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.

„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.

Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.

Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.

Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“

Вести

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир во Нант

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир што се одржа во Нант, Франција!
Нашите надежи денеска во полуфиналето го совладаа шпанскиот тим Понтеведра (23-20), а во финалето кое имаше драматичен финиш беа подобри од уште една шпанска екипа, Хихон 27-26.
Алкалоид на овој турнир одигра вкупно седум натпревари и победи на сите средби.