Вести

Марко Митев: Сплотеноста и посветеноста ќе ни донесат резултати

Минува првата недела исполнета со тренинзи и РК Алкалоид веќе е пред втората фаза од подготовките за претстојната сезона која ќе биде исполнета со големи предизвици уште од самиот почеток.
Марко Митев, играчот кој за кратко време ја освои ракометна Македонија со својата пожртвуваност, бескомпромисност и неспорен квалитет, новата сезона ја почнува со тренинзи дизајнирани за побрза рехабилитација и враќање на терен кое се очекува во есенскиот дел од сезоната.

За текот на подготовките…

„Во тек се подготовките за новата сезона. Секој од нас посветено работи и се подготвува за претстојната сезона. Условите за работа во РК Алкалоид, како и до сега, се врвни, исклучително професионални и се на највисоко ниво.
За тоа зборуваат и досегашните резултати и постигнувања на екипата. Стручниот тим ни е максимално посветен. Заеднички и напорно работиме сите, а секој со својот ангажман и квалитет придонесува екипата да биде максимално спремна за сезоната што ни претстои“.

За предизвиците…

„Ќе застанеме цврсто подготвени пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона. Во тимот има одлична хемија и сплотеност, посветени сме на тренинзите и се надополнуваме еден со друг. Очекувам дека и новите играчи многу лесно ќе се вклопат во тимот и верувам дека ќе бидат одлично надополнување на сѐ она кое што можеби недостигаше изминативе сезони. Поддршката од тимот веќе ја имаат.

Очекувањата од новата сезона…

„Очекувам високи резултати бидејќи кога постои поддршка, надополнување и кога сите придонесуваат максимално, а квалитетот што го поседуваат го вложуваат несебично на терен за екипата, успехот е неминовен. Фокусот и максималните индивидуални вложувања во единствената и заедничка цел на екипата ќе и донесат високи резултати и исклучителни успеси.

Вести

Ивановски: Сите имаме напредок, целиме високо во новата сезона

Мартин Ивановски по само шест месеци во екипата забележа голем напредок и стана важен дел од колективот на РК Алкалоид. Средниот бек и во новата сезона ќе дели минутажа на плејмејкерската позиција, а во неа се влегува со високи амбиции и цели.

Очекувањата за новата сезона…

„Очекувањата за новата сезона кај сите нас се доста високи, имаме големи цели. Сакаме да оствариме највисоки успеси во Македонија, а во Европа да влеземе во групната фаза. Тие ни се првични зацртани цели за кои сите напорно ќе работиме на овие подготовки“

Како се чувствува по шест месеци во РК Алкалоид и како гледа на тимот…

„Ја завршив првата полусезона во РК Алкалоид и сум многу задоволен од брзиот напредок и од шансата која ја добив од тренерот Кирил Лазаров. Имам прилика да играм во добар клуб со големи амбиции, освоивме европски пехар и се надевам на уште една нова успешна сезона. Новите играчи кои ги добивме ќе ни донесат многу, ќе имаме доста ротација, поцврста одбрана. Ќе добиеме и на квантитет и на квалитет, што ќе биде од голема помош за нашата брза игра“

Како гледа на шампионатот на Македонија?

„Во првенството сите екипи се засилија. Очекуваме Суперлигата да биде најсилна. Ќе има борба за врвот на табелата до самиот крај и ќе биде неизвесно. Но, ние ќе се потрудиме да ги оствариме зацртаните цели, тоа се двете титули.“

За амбициите во ЕХФ Европската лига…

„Иако можеби сите посакувавме да го избегнеме Хановер, сепак, тоа не се случи. Не ни останува ништо друго освен да се подготвиме за нив. Имаме план, со добра физичка и тактичка подготовка имаме наши шанси. Сакаме да влеземе во групната фаза“

Вести

Тордарсон: Возбуден сум што ќе играм во ракометна земја и ќе работам со Лазаров

Еден од двајцата нови странски ракометари во составот на РК Алкалоид за следната сезона е брзото крило Улфар Пал Монси Тордарсон од Исланд, кој во Македонија ќе ја има првата интернационална станица. Исланѓанецот кој има 25 години во тимот доаѓа од екипата на Валур, со која минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Европската лига на ЕХФ. За исландскиот ракометар, настапите за РК Алкалоид ќе бидат прво интернационално искуство.

За првиот интернационален ангажман и новиот предизвик…

„Се чувствувам одлично и возбуден сум што сум тука. Доаѓам во нов проект, во нова земја која сака и знае ракомет. Првите впечатоци се одлични. Гледав некои натпревари на Алкалоид од минатата сезона и веќе знам како игра тимот. Се игра брз ракомет и тоа доста ми одговара на мојот профил. Генерално, сакам само да победуваме. Имаме добар состав, кој сум сигурен дека ќе ме турка и јас да бидам подобар. Тоа е мојата цел со Алкалоид за следните натпревари“

За работата со Кирил Лазаров…

„Го познавам Кирил Лазаров, големо ракометно име, тој е легенда. Возбуден сум што ќе работам со него. Сигурен сум дека може да ме научи многу за ракометната игра. Тој е модерен тренер кој сака брза игра, но знам дека ќе ме научи и некоја „олд скул“ финта на теренот и ќе ми го пренесе тој менталитет.“

За настапот во Европската лига на ЕХФ…

„Возбуден сум што повторно ќе играм во Европа. Претходно бев дел од Европската лига на ЕХФ каде имав добри партии и сега се надевам на добро претставување со Алкалоид, иако добивме незгоден ривал на ждрепката за квалификациите“

Вести

Џонов: Пред нас е најизедначената сезона

РК Алкалоид го зголемува интензитетот на тренинзи во пресрет на преселбата на планинската база на Маврово каде што во преден план ќе се работи на физичката спремност. До предвиденото заминување планирано за понеделник, ракометарите во Автокоманда фаќаат ритам на тренинзи и се прилагодуваат на работната атмосфера.
Минатата сезона брзината, колективот и транзицијата во играта беа едни од главните карактеристики на тимот. Следната сезона се очекува да биде уште „побрза“, а еден од играчите што може да го испорача тоа на терен и како крило и како бек е Иван Џонов.
Неговиот напредок е евидентен, а продолжување по нагорна траекторија е приоритет и за него и за клубот. Предизвиците ќе бидат покомплексни и потешки, а точката од каде што почнува сѐ е добрата подготвеност. Тоа е нешто на што се внимателно и планирано се работи од првиот собир.
Иван Џонов ги пренесе своите очекувања за сезоната што е претстои.

За подготовките…

„Веќе неколку дена сме во тренажен процес и подготовките почнаа да добиваат свој ритам на кој се привикнуваме. Во понеделник ќе одиме на Маврово каде што ќе ја одработиме втората фаза. Работиме многу посветено, знаеме колку е битно да се одработи квалитетно овој дел за да може екипата да ја игра својата игра и во одбрана, транзиција, напад… Максимално ќе ги искористиме тренинзите и овде и на Маврово и за физичката подготвеност и за психолошката. Понатаму, како што ќе течат подготовките ќе бидат збогатувани со повеќе детали, анализи на противници, за конечно кога ќе дојде моментот да се натпреваруваме да бидеме целосно спремни за предизвиците што ќе бидат пред нас“.

За македонската Суперлига…

„Оваа сезона би требало да биде најинтересната и најквалитетната досега. Неколку екипи имаат сериозно добри состави, многу е вложено и очекувам да биде многу неизвесно и интересно првенство до крајот. Променет е и системот на бодување што ќе го зголеми притисокот врз сите уште од почетокот на шампионатот.

ЕХФ Европската лига…
„Добивме тежок противник во квалификациите. Не треба да се трошат зборови за Хановер, екипа што е во врвот на Бундеслигата. Прв пат ќе играме против Германци, тоа ќе биде нов голем предизвик за нас како екипа, па ќе видиме како ќе изгледа тој дуел. Ние ќе се спремиме за нив, ќе ни биде потребно да играме во најдобро издание за да ја оствариме целта.

Вести

Кизиќ: Работиме со силно темпо, резултатот ќе го видиме на терен

Марко Кизиќ ќе биде еден од тројцата голмани кои ќе го носат дресот на РК Алкалоид во новата сезона. Македонскиот репрезентативец кој ќе ја дели минутажата со Иван Галевски и Ѓорѓи Николовски кажа дека овие подготовки кои следат во Скопје и во Маврово се најважни за стартот на сезоната и за предизвиците кои доаѓаат.

За подготовките и очекувањата…

„Ги стартувавме подготовките добро, работиме во силно темпо, со цел да бидеме добро подготвени. Имаме доста нови засилувања оваа сезона кои треба да се вклопат, ќе бидеме една нова екипа, а како ќе изгледа тимот на терен ќе видиме на мечевите. Уште е рано да се говори за тоа кој е фаворит во лигата и да се споредуваме со некого, ние знаеме дека ги имаме нашите шанси, па така ќе одиме на сите мечеви да победиме“

За настапот во Европската лига на ЕХФ и двомечот со Хановер…

„По оној голем и важен трофеј кој го освоивме во Европскиот Куп на ЕХФ одиме скалило погоре, ќе играме во Европската лига на ЕХФ, таму ни следи двомеч со Хановер од Бундеслигата. Добро го познаваме ривалот, не треба да трошиме многу зборови за него и ние си се подготвуваме за тој меч. Имаме свои шанси кои ќе гледаме да ги искористиме.

За голманската конкуренција во тимот…

„Здравата конкуренција секогаш е добра за напредокот. Еден голман сам не може да ја издржи цела сезона, па така добро е што имаме квалитетни голмани, ќе се покриваме еден со друг и се надевам на победи“

Вести

Серафимов: Ќе играме на победа на секој меч

Ракометарите на РК Алкалоид се повторно во тренажен процес по долгата и успешна сезона и краткиот одмор пред почетокот на новата. Ритамот на подготовките се засилува од ден во ден, а, првата фаза речиси до пола е одработена.
Екипата ќе биде во Скопје уште четири дена, а потоа заминува на Маврово каде што ќе се реализира главниот дел за физичката подготвеност.
За своите очекувања и амбиции за следната сезона зборувавме со нашиот десен бек, Мартин Серафимов, ракометарот со најмногу настапи и најмногу постигнати голови во екипата. Во следната сезона ќе ја има истата улога.

Очекувања во новата сезона

„Имавме напорна сезона, многу важни натпревари особено во финишот на сезоната. Одморивме, сега одново сме во погон. Веќе ни е позната процедурата, знаеме колку се важни подготовките и почнуваме сериозно уште од првиот тренинг. Имаме неколку нови ракометари кои ќе треба да се вклопат во системот, но сите сме овде и да си помогнеме меѓусебе и максимално професионално да ги одработиме подготовките.
Имаме големи амбиции сезонава. Домашното првенство ќе биде посилно, се засилија неколку екипи, но Алкалоид е клуб што на секој натпревар игра на победа, без разлика на противникот и така ќе биде и сезонава. Ќе ги напаѓаме сите пехари, целта е секаде да сме конкурентни“.

ЕХФ Европска лига

„Добивме тежок противник во квалификациите, најтешкиот од сите екипи што беа во конкуренција. Позната екипа, познати играчи. Ќе мораме добро да се подготвиме. Хановер е фаворит, но нема да се предаваме, наше е да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да се бориме до последниот момент“.