Вести

РК Алкалоид пред прв скандинавски предизвик

​РК Алкалоид е пред својот трет меѓународен натпревар, втор на домашен терен во својата дебитантска сезона во EHF Европската лига.
За прв пат нашиот тим за противник ќе има екипа од скандинавскиот полуостров, ќе играме против Бјерингбро – Силкеборг, претставник на актуелниот трикратен светски шампион, Данска.
Тоа е состав што својот висок углед го има заработено со долгогодишни квалитетни настапи и во домашниот шампионат и ширум терените низ Европа. Бил дом на многу ракометни ѕвезди во минатото, а не е исклучок и актуелнава сезона во која по звучност од нивните редови се издвојуваат Расмус Лауге, Рене Тофт Хансен, Јохан Сјостранд…

РК Алкалоид денеска организираше средба со македонските медиуми на која говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и ракометарот Иван Џонов.

„Самото име на противникот и државата од која доаѓа доволно говори за неговиот квалитет. Ќе играме против данска екипа која со години наназад преку својата лига обезбедува излез во Европа. Инвестициите што ги направија летово со ангажманот на Расмус Лауге од Веспрем, еден од најдобрите дански ракометни минативе години заедно со Микел Хансен, кажуваат дека утре ќе имаме сериозен ривал.
Ние треба да бидеме на високо ниво за да можеме да парираме. Се движиме во вистински правец, првиот натпревар го одиграме малку во грч, што беше очекувано. На вториот меч во Шпанија одигравме поквалитетно. Се надевам дека тој раст ќе продолжи и на утрешниот трет меч. Тоа е меч во кој треба да се опуштиме и без притисок да одиграме најдобро што знаеме.
Нашата публика ќе има можност да види квалитетен натпревар меѓу две екипи кои играат модерен ракомет. Очекувам тврд, силен натпревар, а фаворитската улога им ја препуштаме на гостите. Тоа е реалноста, тие самите најавија дека се фаворити. Но, ние ќе гледаме да се поставиме добро и ако ни се укаже шанса да го искористиме моментот и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Кирил Лазаров.

Иван Џонов, ракометар кој сезонава е во подем, од свој агол го најави следниот меч:
„Силкеборг е екипа составена од млади играчи, надополнета со неколку ѕвезди во тимот како Расмус Лауге и Рене Тофт Хансен. Тие се типична скандинавска екипа која игра брз ракомет со добра транзиција. Ние мораме да бидеме дисциплинирани во нападот, да ги лимитираме грешките и со тоа да ја неутрализираме нивната транзиција.
Добро сме тактички подготвени, ако го испочитуваме договореното и одиграме најдобро што знаеме, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Ќе ни биде потребна и поддршка од нашите верни навивачи и би сакал да ги поканам во што поголем број да дојдат утре и да го проследат овој квалитетен натпревар“, вели Џонов.

Натпреварот почнува во 18:45 часот, а ќе се игра во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Билети може да набавите на следниот линк: https://mktickets.mk/event/alkasilk/
Програмата за натпреварот можете да ја видите на следниов линк:

Програма на натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро Силкеборг

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ЗАГУБИ ОД РК БУТЕЛ СКОПЈЕ

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 31-23 (16-10)

Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев. Контролор: Марјан Начевски
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Андревски 1, Пејковски 2, Стојановск 2, Ѓеоргиевски 2, Николов 4, Крстевски 1, Иваниќ 5, Стојаноски, Спасовски 6, Георгиев, Јефтиќ 5, Василевски, Михајловиќ 2, Цветковски, Давитковски 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 2, Костовски 1, Илиески 5, Д. Узунчев 2, Петрески 1, Трајчев, Трајковски, Василевски 1, Тодески, Т. Узунчев 3, Димовски 1, Трајковски, Јорданов 5, Карасманакис 2
Седмерци: 2/2 Исклучувања: /

РК Мулти Есенс не успеа да направи подвиг против поискусната и повозрасната екипа на РК Бутел Скопје во 10. коло од машката Суперлига.
Вечерва на гостувањето во „Јане Сандански“, младите ракометари на РК Мулти Есенс одигра 23-31 и бодовите останаа за РК Бутел Скопје.

Победникот на натпреварот беше решен кон средината на првиот дел, кога по водството на РК Мулти Есенс од 5-3, домашните влегоа во добар ритам и направија серија од 7-0. Со тоа поведоа со 10-5 и потоа до полувреме ја зголемија разликата за уште еден гол, на па одмор се замина со резултат 16-10.
Во второто полувреме се играше резултатски израмнето со тоа што предноста што ја имаше домашниот состав се движеше во безбедната зона меѓу пет и седум гола разлика (19-14, 22-27, 25-18…).
Во финишот се играше побрзо, со убава транзиција, но и со многу нереализирани шанси од двете страни и мечот заврши 31-23.

Вести

ДЕСЕТТА ПОБЕДА ПО РЕД ЗА РК АЛКАЛОИД


РК Е. ПЕЛИСТЕР 2 – РК АЛКАЛОИД 31-36 (16-22)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски. Контролор: Драган Начевски
РК Е. ПЕЛИСТЕР 2: Штаковски, Маркоски 3, Талевски 4, Ристевски 4, Митревски 7, Мирчески, Младенов, Димовски, Печурица, Трпчевски 4, Калајџиоски, Ивановски 1, Белистојаноски 4, Југовски, Мијушковиќ, Хаџиќ 4
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Галевски, Џонов 4, Маркоски 1, Младеновиќ 2, Серафимов 8, Стојковиќ 6, М. Митев, Ѓоргиев 4, Велковски 1, Омерагиќ 1, Бинго 4, Петковски 2, Д. Митев, Савревски 3
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша десеттата победа од исто толку одиграни натпревари и остана единствената екипа со максимален ефект во машката Суперлига.
РК Алкалоид денеска гостуваше во Битола, кај екипата на Е. Пелистер 2. Почетокот на мечот беше на страната на нашите ракометари кои поведоа со 3-0 и 5-2, потоа зголемија на 7-3, а по десетина минути имаше постигнато двојно повеќе голови од противникот (8-4).


На полувреме РК Алкалоид водеше со шест гола разлика (22-16).
Ништо особено кога е резултатот во прашање не се промени ниту во второто полувреме. РК Алкалоид водеше и диктираше ритам, а противникот пружаше отпор, но немаше преголем ефект, па на крајот нашиот тим славеше победа од 36-31.
Мартин Серафимов со осум гола беше најефикасниот играч, а шест погодоци постигна пивотот Марко Стојковиќ.

Вести

Акредитации за натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро – Силкеборг

Почитувани медиуми,

Отворен е процесот за акредитирање на медиумите и на медиумските работници за натпреварот од третото коло во групата Ф на Европската лига на EHF меѓу екипите на РК Алкалоид и на Бјерингбро-Силкеборг од Данска, кој ќе се игра на 14 ноември (вторник) од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје.

Новинарите од печатените медиуми и од порталите, како и фотографите, своите побарувања за акредитации треба да ги испратат на следнава адреса: [email protected] најдоцна до недела (12.11.2023)

Тeлевизиите, веб-телевизиите, поткастите и радијата/веб-радијата мора да аплицираат директно во EHF за добивање акредитација за следење на натпреварот. Барањата за акредитации треба се реализираат преку онлајн-платформата за акредитирање на EHF: https://accreditation.ehf.eu.

Акредитациите ќе бидат поделени на прес-конференцијата за најава на мечот на 13.11.2023 г., за која ќе бидете навремено информирани.

Вести

Продажба на билети за РК Алкалоид – Бјерингбро-Силкеборг

Почна продажбата на билети за натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро-Силкеборг кој ќе се игра во рамките на третото коло од Европската лига на EHF на 14.11.2023 (вторник) со почеток од 18:45 ч.

Продажбата на билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и Бјерингбро- Силкеборг ќе биде преку продажната мрежа на MKTickets
https://mktickets.mk/event/alkasilk/

Цената на влезниците за дуелот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје изнесува 100 и 150 денари. Блоковите 1, 2, 9 и 10 се по цена од 100 денари, додека, пак, билетите за блоковите 3, 4, 7, 8, 11, 12, 13, 14, 15 и 16 чинат 150 денари.

Вести

Продолжи победничката низа на РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 30-24 (15-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Контролор: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Галевски 1 (17 одб), Џонов 2, Младеновиќ 2, Маркоски, Серафимов 6, Стојчевиќ, Стојковиќ 1, М. Митев 5, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ, Трајкоски, Бинго 6, Петковски 1, Д. Митев, Савревски 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.
ГРК ОХРИД: Бркиќ, Ѓорѓески, Ојлески, Андоноски, Стоилевски, Дрогришки 1, Шипинкоски, Д. Андоноски 1, Тасески 3, Сафранко 2, Кукоски, Крстевски 2, Шешиќ, Орјоникидѕе 6, Бојаниќ 6, Цирар 3
Седмерци: 2/3 Исклучуваеа: 8 мин.

РК Алкалоид ја оправда улогата на фаворит и ја запиша деветтата победа од исто толку одиграни натпревари во првата фаза од Суперлигата.
Вечерва во „Автокоманда“ се играше дерби меч, а гостин беше екипата на ГРК Охрид, еден од најсилните екипи во домашниот шампионат.
РК Алкалоид ја преземе контролата врз играта кратко по почетокот на натпреварот откако по 3-4, премина во водство од 6-4 и не го испушти до крајот на натпреварот.

Голманот Иван Галевски беше јунак на денешниот натпревар. Младиот, 19 годишен чувар на мрежата доби шанса пред Благојче Трајкоски и запиша зад своето име еден постигнат гол и 17 успешни интервенции.
Во напаѓачката формација, Арно Бинго успешно ја користеше својата брзина и луцидност и постигна неколку ефектни погодоци и то во важни моменти.

Резултатот по водството од 6-4 го зголемивме на 10-7, а тие три гола разлика беа актуелни и на полувремето (15-12).

Во вториот дел во воведните минути се играше гол за гол, а потоа РК Алкалоид подобро се снајде, ја зголеми разликата на четири гола (24-20), потоа беше и 27-21 за натпреварот да заврши со победа од 30-24.

Од понеделник, дел од ракометарите на РК Алкалоид ќе ги сменат клупските со репрезентативните обврски, а наредниот првенствен меч е во втората недела на ноември кога ќе гостуваме во Битола кај Е. Пелистер 2.