Вести

РК Алкалоид со убедлива победа на рестартот на сезоната

РК СТРУГА – РК АЛКАЛОИД 14-38 (5-17)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Контролор: Душко Камишевски
РК СТРУГА: Тутенкоски, Мечкароски, Џигероски 2, Ѓорѓиески, Кленковски, Јанкуловски, Адамовиќ 1, С. Матески, Стојков 1, Остиќ, Савески 2, Ф. Мечкароски 1, Костоски 2, Ј. Матески, Пајкоски 5, С. Мечкароски
Седмерци: 0/2 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 4, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 3, Карасманакис 3, Ѓоргиев 5, Ивановски 6, Бинго 3, Франциско 1, Петковски 4, Д. Митев 3, Савревски 2, Гарбески 2
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го задржа првото место на суперлигашката табела и по воведното коло од продолжението на сезоната. Вечерва во „Автокоманда“, РК Алкалоид ја совлада убедливо екипата на Струга и ја одржа предноста пред ривалите за највисок пласман.

На овој натпревар во составот на РК Алкалоид беа Дамјан Митев кој по подолга пауза поради повреда одново е во строј и новиот ракометар Мартин Ивановски. Од подмладокот, шанса да игра во првиот тим доби Максим Гарбески.
Неколку играчи од првиот состав меѓу кои и Марко Митев, Мартин Велковски не беа во составот за оваа средба.
Резултатската рамноправност на овој натпревар, траеше само во воведните минути до резултат 3-3, а потоа до крајот на полувреме РК Алкалоид направи серија од 14-2 и на одмор се замина со резултат 17-5 за сино-белите.

Во второто полувреме, тренерот Кирил Лазаров многу поголема минутажа и одговорност им даде на помладите играчи, па имавме можност да видиме минути во кои доминираше Дамјан Митев, а и новиот играч Мартин Ивановски покажа добри и реализаторски и рефлекси за асистирање, па севкупно, оставија добар впечаток.
Конечниот резултат е 38-14, а ова беше натпревар на кој РК Алкалоид прими најмалку голови сезонава.
Во следното коло, РК Алкалоид на домашен терен го пречекува реновираниот и ребрендираниот тим на Фруит Ленд Борец од Велес.

Вести

РК Алкалоид има свој фаншоп

РК Алкалоид продолжува да ги следи современите спортски трендови и надвор од теренот. Клубот ги информира своите фанови дека има свое катче во спортската продавница „D Sport“, која се наоѓа во склоп на Арената „Тодор Проески“ во Скопје!
Во колекцијата спортска опрема од производителот „Hummel“, брендирана со клупското лого, има повеќе производи, меѓу кои натпреварувачки дресови, тренерки, дуксери, спортски маички и други аксесоари, кои сега се достапни за сите!

Посетете ја продавницата „D Sport“ или нивната дигитална продавница и набавете си навивачки реквизит од РК Алкалоид!

Повеќе информации на линкот: https://bit.ly/alkaloid-fanshop

Вести

РК Алкалоид се комплетираше и почна со тренинзи

РК Алкалоид го одржа првиот тренинг во 2025 на кој присуствуваа сите ракометари и беше комплетниот стручен тим.

Нашиот клуб во голем дел и играчки и во стручниот тим ја сочнуваше македонската репрезентација која минатиот месец настапи на 29 Светско првенство и по неколкудневен одмор за репрезентативците тие повторно се во строј за клупските обврски. Ново име во таборот на РК Алкалоид е централниот бек Мартин Ивановски кој ги одработува првите задачи под водство на тренерот Кирил Лазаров.

Февруари ќе биде месец исполнет со предизвици за РК Алкалоид. Викендов продолжува сезоната во македонската Суперлига во која од првата фаза на првенството останаа да се одиграат уште шест кола.

По 16 кола што се досега комплетирани, РК Алкалоид е на првото место на табелата со изгледни шанси така и да го заврши шампионатот и со стартна предност да влезе во Плејоф.

На европската сцена, РК Алкалоид месецов ќе ги одигра натпреварите од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп. На 15 февруари ќе гостува во Бриксен, Италија, а на 22 февруари во скопска Автокоманда ќе се одигра реванш натпреварот. РК Алкалоид има изгледни шанси да се пласира во 1/4 финалето на ова европско натпреварување и да ја помести за уште еден чекор границата на најголемото клупско остварување во Европа.

Вести

РК Алкалоид горд на своите репрезентативци

Македонската сениорска репрезентација имаше успешен настап на 29 Светско првенство што се одржува во Хрватска, Норвешка и Данска.


Нашиот национален тим го заврши настапот со пласман меѓу најдобрите 16 во светот, со освоено 15 место, а притоа повторно ја освои ракометната публика со прикажата борбеност, бескомпромисност, подобрен квалитет и модернизирана игра.
Македонија на СП запиша две победи, два нерешени резултати и два пораза. Бевме подобри од репрезентациите на Гвинеја (29-20) и на Катар (39-34), без победник одигравме со фаворизираните репрезентации на Унгарија (27-27) и на Австрија (29-29), а единствено бодови не освоивме на помалку контроверзниот меч со Холандија (32-37) и против репрезентацијата од светскиот Топ 4, Франција (25-32).


Македонската репрезентација на сите шест натпревари одигра на високо ниво и покажа виден напредок во начинот на кој игра во однос на претходните изданија како своевидна потврда дека овој безмалку комплетно реновиран и подмладен тим под водство на селекторот Кирил Лазаров и неговите стручни помошници се движи во нагорна линија и веќе и резулатски е на посакувано ниво.
РК Алкалоид како ракометен проект во кој првенствено македонски ракометари добиваат шанса преку квалитетен тренажен и натпреварувачки процес во кој се под строг стручен надзор да напредуваат и да се градат во врвни ракометари играше значајна улога во целиот процес.
Тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров со асистентите Билјана Црвенкоска и Нинослав Павелиќ, заеднo со кондицискиот тренер Петар Баснарков и физиотерапевтот Тоше Трајковски го сочинуваа стручниот тим на репрезентација на Македонија.


Во составот од 18 ракометари кои настапи на шесте натпревари од прелиминарната и главната рунда на Светското првенство беа и ракометарите Марко Кизиќ, Иван Галевски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис.
РК Алкалоид е особено горд на овие 11 ракометари кои секој на свој начин безрезервно ги бранеа боите на македонската репрезентација и со своето однесување на и надвор од теренот имаа голем придонес кон постигнатите резултати, но и во формирањето на комплетната слика на достоинствено презентирање на Македонија на светската ракометна сцена.

Вести

Талентот препознаен од ЕХФ!


Тројца македонски репрезентативци од редовите на РК Алкалоид и РК Мулти Есенс беа селектирани од Европската ракометна федерација да бидат дел од проектот „Почитувај го својот талент“ – класа 2024.

Photos: Uros Hocevar/Kolektiff

Вкупно 30 млади ракометари што оставија посебен впечаток на М18 ЕХФ Еуро одржано летоска во Црна Гора, каде што беа прогласувани за играч на натпреварот, беа поканети за учество на годишиот камп во Виена каде што имаа можност да учат и да разговараат за теми што се надвор од теренот со ракометните амбасадори на ЕХФ, а тоа годинава беа врвните поранешни играчи Ханс Линдберг (Данска), Љубомир Врањеш (Шведска), Вид Кавтичник (Словенија) и Карлос Прието (Шпанија).

Македонски претставници на овој настап беа ракометарите Дамјан Митев, Марин Крстевски и Ѓорѓи Николовски.

Темите на кои селектираните ракометари разговараа со познатите ракометари беа од областа на нутриционзимот, социјални медиуми, анти допинг, двојни кариери, психолошки вежби и спортски закони.
За секоја точка, амбасадорите имаа покрај себе посебен експерт за темата со што професионално беше анализирана и одработена секоја поединост.

„Сакам да стигнам до врвот, дефинитивно. Знам дека тоа е тешка задача, но има време и мислам дека сме на вистинскиот пат. Небото е граница, а со советите што ги добивме од амбасадорите, сѐ е возможно. Тие ни ја раскажаа својата приказна и тоа ќе ни биде многу корисно во иднина“, изјави Марин Крстевски.

Photos: Uros Hocevar/Kolektiff

Вести

РК Алкалоид со убедлива победа ја „заокружи“ 2024 година

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 35-26 (21-9)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегат: Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Трајкоски, Петров 1, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 8, Стојковиќ 1, Митев 1, Ѓоргиев 1, Велковски 3, Бинго 5, Франциско 3, Петковски 9, Савревски, Панчевски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 10 мин.

ГРК ТИКВЕШ: Арсиќ, Анастасовски 3, Темелкоски, Велков, Соколов, Андоновски 4, Кофилоски, ДИмовски 3, Лазов, Манасков 2, Гачевиќ 1, Коцев 3, Летиќ 2, Кривокапиќ 6, Даневски, Обина 2
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид со убедлива победа на дерби мечот над ГРК Тиквеш и со освоено прво место на табелата се одјави од клупската сцена за 2024 година. Во последното коло од календарската година, РК Алкалоид на домашен терен го пречека кавадаречкиот состав и славеше победа од девет гола разлика.
Натпреварот беше решен во првиот дел во кој РК Алкалоид комплетно доминираше на теренот од почетокот и поведе со 10-5, 12-6, а на полувреме имаше големи 11 гола разлика (21-9).
Во второто полувреме, темпото беше малку посмирено, па и резултатски беше по израмнето. РК Алкалоид водеше со разлика од девет до 10 гола сѐ до финишот кога во еден момент гостите намалија на минус шест (23-29). Веднаш следеше одговор и конечниот резултат е плус девет за сино-белиот состав.


Александар Петковски со девет постигнати гола и Мартин Серафимов со осум погодоци беа најефикасните ракометари на РК Алкалоид.
Со овој натпревар РК Алкалоид ја заврши есенската фаза од Суперлигата го освои првото место на табелата и сега вниманието ќе биде свртено кон настапот на сениорската репрезентација на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка во јануари.
Следниот првенствен натпревар ќе го играме против екипата на Струга, во февруари следната година.