Вести

Галевски: Овој тим е составен да победува, нашите амбиции се највисоки

И во новата сезона, едно од имињата кое ќе биде задолжено за сигурноста меѓу стативите на голот на РК Алкалоид е македонскиот репрезентативец Иван Галевски. Подготовките со клубот во Маврово течат во полн ритам, а очекувањата од сезоната и на личен и на тимски план секогаш се највисоки, согласно со амбициите на клубот.

„Повторно сме заедно, работиме напорно и сега ни следи еден подготвителен период, преку кој се подготвуваме на технички и тактички план. Знаеме дека овие тренинзи и активности малку се потешки од вообичаеното, но мора да работиме и да ги следиме задачите на тренерот за да дојдеме до посакуваното.

Работиме на сите сегменти на играта, се подготвуваме и кондициски, но мора овој ритам да го издржиме, затоа што сакаме да ја доживееме таа кулминација и да бидеме во посакуваната висока форма на крајот на месец август кога ни следи тежок старт на сезоната.

На почетокот имаме квалификации во Европската лига на ЕХФ каде ќе играме двомеч со бундеслигашот Хановер, а потоа ни следи и распоред со тешки домашни дуели во Суперлигата. Нема да биде воопшто лесно, но ние ја темпираме формата, добро ни течат подготовките, имаме добра тимска хемија. Нашите амбиции се јасни, оваа екипа е составена да победува, па така ќе одиме на победа на секој натпревар во сезоната и да го прикажеме најдоброто од нас“, изјави Галевски.

Вести

Велковски: РК Алкалоид од година во година го подигнува нивото погоре

Трета сезона во низа, десниот бек Мартин Велковски ќе го носи дресот на РК Алкалоид. 28-годишникот кој е дел од нашиот клуб од 2023 година спремен го дочека стартот на подготовките и вели дека овие тренинзи треба максимално да се искористат за тимот да се подготви добро на тактички и технички план за настапите кои следат.

За подготовките на РК Алкалоид…

„По една тешка и долга сезона, повторно сме заедно свежи и желни за нови предизвици. Во новата сезона не чекаат тешки натпревари уште на стартот, затоа е многу важно најдобро да го искористиме подготвителниот период, да работиме максимално, за што побрзо да влеземе во нашата најдобра форма“

За квалитетот на тимот и очекувањата во Македонија…

„Сметам дека РК Алкалоид од година во година го подигнува нивото, па така и оваа година добивме квалитетни засилувања кои ќе не направат уште подобри како тим. Не очекува возбудливо македонско првенство, во кое во овој преоден рок дојдоа добри играчи и во другите екипи, но нашите цели се јасни, секогаш да победуваме и никогаш не треба да отстапиме од нив“

За Европската Лига на ЕХФ и двомечот со Хановер….

„Лани игравме во Европскиот Куп на ЕХФ каде го освоивме трофејот и направивме голем успех, а оваа сезона ни следи Европската лига. Добивме силен противник на патот кон групите, тоа е Хановер, па против него ќе мора да бидеме перфектни и да се надминеме себеси, за да обезбедиме место во групната фаза“

Вести

Борзаш: Добредојдено се чувствувам во Алкалоид, очекувам силна сезона

Српскиот репрезентативец Урош Борзаш е еден од новитетите во составот на РК Алкалоид за следната сезона. Бекот ќе биде додадена вредност во шутерската линија во новите предизвици, а веќе тренира со новите соиграчи и се подготвува за мечевите кои ни следат. Импресиите од почетокот во Автокоманда се позитивни, условите за работа се на ниво, а очекувањата и амбициите – секогаш највисоки.

За трансферот во РК Алкалоид…

„Убаво и добредојдено се чувствувам во Алкалоид, каде сите ме прифатија уште од стартот и сите сме заедно во оваа приказна. Мислам дека условите за работа од она што го гледам на почетокот се најдобрите во Македонија, спремни ги почнавме подготовките, па се надевам дека ќе биде се во најдобар ред и дека на секој меч ќе ја користиме наша шанса. Мора да работиме, да бидеме трпеливи, а резултатот ќе ни дојде“

Македонскиот шампионат ќе биде голем предизвик…

„Нашите цели се високи. Македонската лига никогаш не била посилна, четири екипи се силни и очекувам интересна сезона. Но, истовремено е и долга, затоа не би сакал да давам никакви прогнози предвреме. Ние со тимот треба да го одиграме нашето на секој меч, да ги следиме насоките на тренерот Лазаров и да бидеме се подобри од натпревар во натпревар.“

На патот кон групната фаза во Европската лига на ЕХФ ни стои бундеслигаш…

„И во Европа ја имаме нашата шанса, иако ждрепката не беше најповолна. Од она што го увидов, Алкалоид е добра екипа, посебно кога игра на домашен терен. Првиот меч со бундеслигашот Хановер треба да го одиграме перфектно и без грешки, да ја користиме секоја можност за гол, да ги сведеме техничките грешки и загубените топки на минимум, а потоа дома да играме за прогрес во групната фаза на Европската лига на ЕХФ“

Вести

Ѓорѓиев: Менталитетот на РК Алкалоид е секогаш да победува

Игор Ѓорѓиев и во новата сезона ќе биде капитен на нашиот РК Алкалоид. На стартот на подготовките, средниот бек ги изнесе своите очекувања за натпреварите кои следат и најави максимална борба и ангажираност на секој дуел кој ни следи.

За стартот на подготовките…

„Не очекува подготвителен период, во кој првата недела ќе сме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Маврово. Ќе гледаме да се спремиме најдобро на физички план, исто така и психички да се држиме како тим и да изградиме една хемија. Целиме од старт добро да ги вклопиме новите играчи во нашиот систем. Ние како тим имаме свои предизвици и цели, прво сакаме подготовките да ги минеме во најдобар ред и сите да сме здрави. А, потоа, се знае, на секој меч одиме на победа.

За настапот во Европската лига на ЕХФ…

„По освоениот трофеј во Европскиот куп ни следи нов предизвик, тоа е настап во квалификцаиите на Европската лига на ЕХФ каде имавме незгодна ждрепка и за ривал добивме тим од Бундеслигата. Но, нашиот менталитет во Алкалоид е секогаш да одиме на победа. Ние ќе го дадеме нашето најдобро, па се надеваме на најдобар епилог.“

За првенството на Македонија…

„Во првенството на Македонија ќе биде исто така интересно, лигата е засилена и изедначена. Има четири тима кои се издвојуваат на врвот, ние сме еден од нив, но и другите нема да ги потценуваме. Наше е да се бориме на секој меч, да бидеме максимално фокусирани и ангажирани и да ги следиме и слушаме советите на нашиот тренер, со цел да дојдеме до што е можно подобри резултати“

Вести

РК АЛКАЛОИД ЌЕ ИГРА ВО ЕХФ ЕВРОПСКАТА ЛИГА

По триумфот во ЕХФ Европскиот Куп минатата сезона, РК Алкалоид во следниот европски натпреварувачки циклус ќе се натпреварува еден степен повисоко, во ЕХФ Европската лига. Ова натпреварување се игра во поинаков формат од ЕХФ Европскиот Куп, а тоа подразбира квалификациска фаза, две групни фази, 1/8 финални и 1/4 финални елиминации и Фајналфор турнир.

РК Алкалоид почнува од почетокот, од квалификациската фаза во која ќе се натпреваруваат 24 екипи. Тие се поделени во две групи, а потоа со ждрепка ќе бидат формирани паровите за квалификациската рунда.

Европската ракометна федерација го објави списокот на учесници и нивниот ранкинг. Ждрепката ќе се одржи на 15 јули, а можни противници на РК Алкалоид се следниве екипи:

Хановер – Бургдорф (Германија), Маритимо де Мадеира (Португалија), БМ Торелавега (Шпанија), Морс-Ту (Данска), БСВ Берн (Швајцарија), ХК Малме (Шведска), МРК Сесвете (Хрватска), Стјарнан (Исланд), Хробри Глогов (Полска), РК Горење Велење (Словенија) и АБЦ де Брага (Португалија).

Натпреварите од квалификациската фаза ќе се играат на 30/31 август и 6/7 септември. Домаќинот на првиот натпревар ќе биде одреден со ждрепката.

Вести

РК Алкалоид без бодови од дербито во Автокоманда

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 23-29 (14-18)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Камер Металари и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 1, Бинго 1, Франциско 3, Петковски 6, Митев, Савревски
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 12 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Манасков 6, Цехте, Тајник 2, Борзаш 4, Радивојевиќ 2, Костески 3, Ѓорговски, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 3, Хосни 4, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид во дербито на колото се соочи со екипата на Еурофарм Пелистер, а натпреварот во салата „Автокоманда“ заврши со резултат 23-29 (14-18). Мечот беше резултатски израмнет во првите 20 минути, со тоа што и двата тима во одредени периоди беа во водство и позиција да диктираат резултат. Гостинскиот состав успеа во последните пет минути, користејќи играч повеќе во поле, да направи серија и да поведе со 18-14 на полувреме.

Вториот дел беше со повеќе тензија на теренот што резултираше со исклучувања кои имаа и влијание врз играта и резултатот. Гостинскиот состав потоа избега резултатски, а иако Алкалоид во еден момент со четири гола во серија се доближи на 20-21 и беше во налет, не успеа да дојде до бодови против ривалот од Битола.