Вести

Без победник во дербито против РК Еурофарм Пелистер

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-33 (15-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 7, Маркоски, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Симоноски 1, Ивановски 1, Костески 3, Петковски 1, Д. Митев 6, Борзаш 5, Аларов 1.
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Хеидарирад, Манасков 6, Цехте 1, Хакбарт 6, Тајник 4, Валид 1, Хенигман, Радивојевиќ, Кузмановски 10, Калајџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 1, Хосни 3, Павле Атанасијевиќ 1.
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 14 мин.

Првото полувреме на мечот во „Автокоманда“ мина во блага иницијатива и контрола на домашните играчи. По пет минути игра РК Алкалоид поведе со два гола разлика, пет минути подоцна беше плус три (7-4). Борбата на теренот беше и за воспоставување на ритамот на играње при што Тордарсон се истакна во домашниот тим со два атрактивни погодоци од транзиција. РК Алкалоид резултатската контрола ја одржа до крајот на првиот дел, во кој битолчани во 20 минута од мечот прв пат израмнија, а истото им успеа и во финишот на првиот дел. На полувреме, сепак, РК Алкалоид замина со гол предност (15-14), откако гостите не погодија во последниот напад.

На стартот на вториот дел РК Алкалоид заигра поагресивна одбрана и му избега резултатски на ривалот. Помогна и одбрана на Галевски, во 37. минута беше 19-15 за избраниците на Кирил Лазаров, највисок плус на мечот. Сепак, две избрзани акции го вратија гостинот во игра, со тоа што противникот спушти на минус два и минус еден, но РК Алкалоид беше константно во водство. Во 46. минута беше 24-22, во последните десет се влезе со 27-25, но мал пад во играта и концентрацијата во клучните моменти, во последните неколку минути и посебно последниот напад, дозволи ривалот да извлече бод во „Автокоманда“ со гол во последната секунда.

Вести

Прес-конференција по мечот РК Алкалоид – РК Хановер-Бургдорф

Екипата на РК Алкалоид не успеа до резултат и на реваншот (28-29) со германскиот бундеслигаш ТСВ Хановер-Бургдорф и така го заврши својот настап во квалификациите за ЕХФ Европската Лига. Германците беа подобри резултатски и на двата натпревари, со што го обезбедија своето место во групната фаза од натпреварувањето.

Кристијан Прокоп (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два интензивни натпревари против тимот на Алкалоид. Нашата цел беше да победиме на двата меча и тоа го остваривме. Среќен сум поради тоа бидејќи имаме млад тим кому му се потребни вакви натпревари надвор од Бундеслигата за да стекне искуство. Со нетрпение ја очекуваме групната фаза на Европската лига.“

Јустус Фишер (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два тешки и интензивни дуели против екипа со одлични поединци. Мислам дека одбраната беше клучна, нашите голмани беа извонредни и одбранија многу удари. На крај ја остваривме нашата главна цел – две победи во два меча.“

Кирил Лазаров (РК Алкалоид):
„Честитки за Хановер, заслужено победија. Јас сум разочаран бидејќи на двата меча промашивме вкупно девет удари од шест метри. Со таква статистика невозможно е да се совлада екипа што игра во Бундеслигата. Знаевме дека Хановер е поквалитетен тим, но ова е премногу. А кога ќе се земе предвид дека станува збор за противник кој победува екипи како Магдебург или Фуксе Берлин, тогаш јасно е колку беше тешко со таква статистика.“

Игор Ѓоргиев (РК Алкалоид):
„Сакам да им честитам на Хановер за победата и да им посакам среќа во групната фаза на ЕХФ Европската лига. За жал, за нас европската авантура завршува тука и нашиот фокус ќе биде насочен кон домашните натпреварувања.“

Вести

РК Алкалоид не успеа да се пласира во главната рунда на ЕХФ Европската Лига

РК АЛКАЛОИД – ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ 28-29 (14-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михаил Пирву и Раду Потирниче од Романија. Делегат: Михаил Башев од Бугарија
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (3 одб), Галевски (13 одб), Џонов, Тордарсон 7, Серафимов, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски, Ивановски, Костески 5, Петковски, Митев 2, Борзаш 8, Аларов 1
Седмерци: 1/5 Исклучувања: 4 мин.
ТСВ ХАНОВЕР БУРГДОРФ: Бирлем (17 одб), Гаде, Тисие 2, Поулсен 7, Орлов 1, Стенхаузер 5, Михалчик 3, Ахо 1, Штуцке 1, Солстад, Фишер 8, Фајзе, Вебер, Родригез
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 12 мин.

Германскиот ТСВ Хановер Бургдорф беше вкупен победник во двомечот, славеше со РК Алкалоид и во Скопје (28-29) и тие продолжуваат понатаму. Желни за докажување, ракометарите на РК Алкалоид одиграа борбен меч со динамика типична за Бундеслигата. Германците ја прифатија оваа игра и публиката имаше ретка шанса да ужива во брз ракомет со сите убавини и недостатоци што таквата игра ги носи.

Уште еднаш понесени од интервенциите на голманот Бирлем, ракометарите на ТСВ Хановер Бургдорф први ја преземаа иницијативата и поведоа со два гола разлика (4-2). Мечот добиваше ритам, но гостите одлично се снаоѓаа и имаа водство од 9-6, подоцна и од 12-6. Карактерот на ракометарите на РК Алкалоид беше на искушение и го положија испитот. Иван Галевски имаше одлично полувреме, рамнотежа беше воспоставена и конечно можевме во полн сјај да ги видиме момците во сино-бело кои во следните 15 минути анулираа предност од шест гола и на полувреме се замина со резултат 14-14.

Во второто полувреме РК Алкалоид прими три гола во серија, но бргу се врати во мечот со пет гола во мрежата на ривалот во низа, а во тој момент имаше позитива од 19-17. Резултатот оттогаш беше бркотница, двата тима константно беа близу, беше израмнето од 20-20, до 27-27, но нов промашен седмерец на Алкалоид, четврти на мечот, му дозволи на ривалот да си направи мала залиха во клучните минути во финишот, доволна за победа во Скопје.

Вести

Европскиот пехар во рацете на РК Алкалоид!

Нашиот клуб вечерва го доби европскиот трофеј од Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето! Пехарот го додели г-дин Божидар Ѓурковиќ, претставник на ЕХФ. За нашиот клуб, ова е трет освоен трофеј во историјата, по Суперкупот и Купот на Македонија. До европското одличје, РК Алкалоид дојде со победи над Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виена (Австрија), Бриксен (Италија), Баја Маре (Романија), Рунар Сандефјорд (Норвешка) и АЕК Атина (Грција).

Вести

РК Алкалоид не успеа до подвиг во домот на бундеслигашот Хановер

Екипата на РК Алкалоид започна со европските настапи во квалификациите за Европската лига на ЕХФ и не успеа да дојде до позитивен резултат на гостувањето кај РК Хановер-Бургдорф (37-27) во првиот меч од квалификацискиот двомеч. Реваншот меѓу двата тима ќе се игра за седум дена во салата „Автокоманда“, а подобриот ќе патува во групната фаза.

Натпреварот тргна во брз ритам, без разлика дали беа акции од транзиција или пак беа позициски напади. Домашните први преземаа контрола благодарение на одбранет седмерец и една техничка грешка на Алкалоид и поведоа со два гола разлика. Алкалоид се врати во егал по осум минути игра (6-6), а Тордарсон беше играчот кој непогрешливо стрелаше кон голот на Жоел Бирлем. Алкалоид за првпат и поведе во десеттата минута (10-9), а Исланѓанецот имаше 5/5, но дојде и период на промашени шутеви и грешки и тоа ги врати домашните во егал, а во 15 минута успеаја да поведат и со 14-11 по што Кирил Лазаров побара тајм-аут. Голманот Бирлем успеа да скроти уште еден зицер, а тоа им продуцираше контра напад за 16-12. Алкалоид брзо намали преку Борзаш, потоа следеа две одбрани на Галевски, но не ги искористи Алкалоид за да намали затоа што и Бирлем одбрани двапати по ред.

На полувремето, Хановер ја задржа позитивата, на пауза замина со 19-15. Почетокот на вториот дел претежно беше гол за гол, двата тима погодуваа се до 24-19, а во тие моменти Алкалоид остана со играч помалку затоа што Велковски доби црвен картон и противникот тоа го искористи. Највисоката позитива која бундеслигашот ја имаше пред својата публика беше плус од десет гола. Најголемиот проблем на РК Алкалоид на овој меч беше реализацијата, а за тоа говори податокот дека голманите на ривалите собраа 19 одбрани.

Вести

Аларов: Не сум човек кој прогнозира, наше е да тренираме и работиме за резултат

Михаил Аларов е едно од новите имиња во тимот на РК Алкалоид. На 27-годишникот кој игра на позицијата пивот не му беше потребно многу време да се адаптира на новата средина, затоа што ќе ја дели соблекувалната со познати лица. Подготовките течат во најдобар ред, целите се високи, но прогнози предвреме нема, вели Аларов.

„Работиме доста напорно, имаме доволно време да ја темпираме формата според желбите на тренерот Лазаров и добро да се спремиме за тешката сезона, која сигурно ќе биде највозбудливата досега. Ќе имаме и тежок противник во Европа, но ние како играчи даваме максимум секој ден, екипата е сложна, полека се подготвуваме за нашите цели кои сакаме да ги оствариме и исполниме.

Во РК Алкалоид се вклопив одлично затоа што играчите ги познавам од порано, условите за работа се одлични и професионални и немам никакви забелешки. Околу очекувањата за она кое ни следи, не сум човек кој сака да говори предвреме за трофеи, туку само да работиме и да градиме резултати. Целите секако дека се високи, имаме желба да играме и групи во Европската лига на ЕХФ, а дали ќе успееме, времето ќе покаже. Наше е да работиме“, изјави Аларов.