Вести

Ѓорѓиев и Стојковиќ: Ни следи интересна сезона на четири фронта

РК Алкалоид продолжува со напорна работа во Маврово за новата сезона во македонскиот ракомет и на меѓународната сцена. Со тројца нови играчи во тимот како додадена вредност, тимот ќе игра за што подобри резултати во Македонија и што подобра афирмација на македонскиот ракомет надвор од границите.

Капитенот Игор Ѓорѓиев повторно ќе биде дел од екипата која оваа сезона покрај домашните обврски, ќе игра и натпревари во Европскиот Куп на ЕХФ и новоформираната Регионална лига.

„Се чувствувам индивидуално одлично, тимот е во една позитивна енергија. Се работи напорно. Трениравме две недели во Скопје, сега сме во Маврово. Тој период ќе гледаме да го искористиме што подобро да се воиграме. Имаме тројца нови играчи, искусни со многу натпревари во нозете и сигурно ќе бидат додадена вредност на екипата. Ланската сезона за нас беше тешка од повеќе аспекти, но тоа е минато, со чисти глави и позитивна енергија, одиме во следните предизвици. Треба да научиме од минатото, работиме напорно за предизвиците кои ни претстојат. Македонската лига од година во година е посериозна, има квалитетни екипи, сите носат играчи, посебно екипите од „големата четворка“. Ни следи интересна сезона. Имаме добар тим, ќе играме на четири фронта, ќе се трудиме за резултати на сите натпревари до самиот крај“, изјави Ѓорѓиев.

На подготовките своето мислење го сподели и пивотот Марко Стојковиќ, кој ќе биде важен составен дел од одбраната и од нападот на РК Алкалоид.

„Сега за сега одлично течат подготовките, сите сме здрави, тоа е најважно. Се спремаме и физички, тактички и психички за дадеме една добра сезона. Сите имаме високи цели, сакаме да имаме добри резултати на сите фронтови. Сите во клубот се спремни да го дадеме максимумот, работевме по програма надвор од сезоната, тука сме спремни дојдени и не е тешко да се одработат задачите. Добивме тројца нови играчи, искусни, со многу натпревари зад себе, ние другите добро се познаваме, подолг период сме заедно. Хемијата е добра, така што спремни ќе ги дочекаме предизвиците кои ни доаѓаат“, изјави Стојковиќ.

Вести

Стартуваа подготовките на РК Алкалоид

Со денешната прозивка што се одржа во салата „Автокоманда“, официјално беше означен почетокот на подготовките за новата сезона на екипата на РК Алкалоид. На првиот собир, ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје и им посака пред сѐ здравје и успех во новата сезона.

Подготовките на РК Алкалоид ќе се одвиваат во три дела. Првиот дел е воведниот во тренажниот процес и ќе се реализира во Скопје. Потоа од трети август екипата ќе замине на подготовки во Маврово, по што во последната фаза, подготовките ќе бидат финализирани со контролни натпревари. Во новата сезона РК Алкалоид ќе се натпреварува во четири натпреварувања. Покрај домашното првенство и Куп на Македонија, ќе игра во во новоформираната Регионална лига со екипи од Србија и од Црна Гора, а меѓународна сцена ќе игра и во ЕХФ Европскиот Куп каде што беше победник во сезоната 2024/25.

Во екипата има неколку играчки промени. Од екипата што играше во минатата сезона заминаа ракометарите Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов. Нови имиња во РК Алаклоид се словенечките ракометари Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас Вуко Борозан

Матиц Сухолежник е 31 годишен пивот висок 202 сантиметри и во РК Алкалоид доаѓа од екипата на РД Слован. Во својата кариера има настапувано и за екипите на РК Целје, Данкерк и Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак РК Загреб.

Нејц Цехте (33) е десен бек кој минатата сезона ја заврши кај финалистот на Лигата на шампионите, екипата на Фуксе Берлин од Германија. Претходно има настапувано и за екипите на Кршко и Горење Велење, за германскиот Хановер, данската екипа ГОГ и за РК Еурофарм Пелистер.

Црногорскиот лев бек Вуко Борозан е добро познат ракометар кој има настапувано за повеќе екипи од во Европа, Блискиот исток и Македонија. Има 32 години, а висок е 203 сантиметри.

Вести

КРАЈ НА СЕЗОНАТА ЗА РК АЛКАЛОИД

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 31:26 (14:15)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегати: Марјан Огњановски и Душко Камишевски.

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Хеидарирад, Манасков 1, Видомски 4, Ристевски, Тајник 6, Граховац, Хенигман 1, Радивојевиќ 3, Кузмановски 7, Абутовиќ, Калајџиоски, Петар Атанасијевиќ 5, Пешевски 1, Хосни 1, Павле Атанасијевиќ 2
Седмерци: 6/10 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски, Џонов 1, Тордарсон, Стојковиќ 4, М. Митев 4, Ѓорѓиев, Велковски, Симоноски, Ненад Костески 1, Петковски, Д. Митев 7, Борзаш 4, Аларов, Николов 5, Ѓорговски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид ја затвори сезоната со гостување кај Еурофарм Пелистер во Битола, во меч кој заврши со резултат 31:26 (14:15). Нашиот тим сезоната ја завршува на четвртата позиција во плеј-офот и има позиција во Европскиот Куп на ЕХФ, на кој важиме за актуелни освојувачи.

Добро го отвори РК Алкалоид мечот во Битола, затоа што голманот Галевски не дозволи противникот да реализира три пенали (0:3). Пелистер потоа се врати и израмни, па беше неизвесно до крајот на првиот дел кога на пауза нашиот тим имаше минимална предност (14:15).

Стартот на второто полувреме донесе проблеми во нападот и неколку технички грешки, а тоа противникот го искористи и го сврти дуелот во своја корист. До крајот, РК Алкалоид бркаше резултат и се бореше да се врати од негативата, но не успеа да направи такво нешто во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Вести

РК Алкалоид со целиот плен се враќа од Кавадарци

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 23-30 (11-12)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Глигор Ќаев и Спаско Ќаев. Делегат: Васил Чавдаров
ГРК ТИКВЕШ: Панов, Јовевски 2, Стојановски 6, Цејовиќ 4, Лазороски, Велков, Печуруца, Димовски, Лазов 2, Ѓоргиев, Коцев 2, Симиќ 1, Ангелов, Мијушковиќ 6, Бакев
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Џонов 4, Тордарсон 6, Маркоски, Карасманакис 1, Ѓоргиев 4, Велковски 2, Симоновски 1, Ивановски, Костески 1, Петковски 2, Борзаш 7, Аларов, Ѓорговски 2
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид беше гостин во Кавадарци и го совлада тимот на ГРК Тиквеш во последниот натпревар од Суперлигата пред паузата за настап на репрезентацијата во бараж натпреварите за пласман на СП 2027. До крајот на првенството остануваат уште две кола, а близината на крајот на сезоната има влијание и остава траг во играта на екипите.

Домашниот состав беше мотивиран за игра против РК Алкалоид и во првите 10 минути од натпреварот имаше и мала резултатска предност. Но, брзо ја презема контролата екипата на РК Алкалоид, во 21 минута водеше со три гола разлика (11-8). На полувреме разликата беше само еден гол (12-11), но РК Алкалоид беше далеку подобар противник во продолжението.

По воведната резултатска израмнетост, РК Алкалоид почна да се одлепува од противникот, па така во 40 минута беше 20-16, предност што до крајот на натпреварот беше зголемена на конечните 30-23. Урош Борзаш беше најефикасен на теренот со седум постигнати голови, Тордарсон постигна шест, а шанса да брани доби голманот Ѓорѓи Николовски и запиша девет одбрани.

Вести

Многу грешки и загубени бодови на дербито

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-35 (22-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегати: Ацо Николовски и Марјан Огњановски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов 3, Тордарсон, Маркоски, Стојковиќ 3, М. Митев 5, Велковски 1, Симоноски, Ивановски, Ненад Костески 6, Петковски, Д. Митев 7, Борзаш 2, Аларов, Николов 4
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Хеидарирад, Манасков 7, Видомски, Ристевски 2, Хакбарт 2, Граховац 1, Хенигман 3, Радивојевиќ 1, Кузмановски 6, Абутовиќ, Калајџиоски, Петар Атанасијевиќ 1, Пешевски 2, Хосни 5, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид пропушти голема шанса да освои бодови во дерби мечот со екипата на РК Еурофарм Пелистер на последниот меч од 27 коло во суперлигашкиот Плејоф.
По израмнетиот почеток на натпреварот, РК Алкалоид влезе во одличен ритам и доминираше на теренот што му донесе и предност од шест гола на полувреме (22-16).
Одлично почна и во второто полувреме РК Алкалоид и во 34 минута имаше и максимална предност од осум гола разлика (25-17).
Но, по овој резултат РК Алкалоид влезе во несфатлива серија на грешки што полека ја топеше предноста.
По 20 минути игра во вториот дел беше нерешено, а потоа гостите успеаја да задржат ритам и конечно да стигнат до бодовите.

Вести

Големата борба не беше наградена со бодови

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 25-28 (13-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Кизиќ, Џонов 2, Тордарсон, Маркоски, Стојковиќ, М. Митев 1, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Ненад Костески 2, Петковски, Д. Митев 4, Борзаш 9, Аларов 1, Николов 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.
РК ВАРДАР 1961: Богдановски, Валах, Гогов, Воркапиќ 1, Георгиевски, Кеита 2, Митровиќ 5, Танкоски, Лазаревски 1, Тузолана, Хориха 6, Атанасовски, Силва 2, Малус 10, Јанковски
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 10 мин.

Автокоманда беше домаќин на последното дерби во првиот дел од сезоната во македонската Суперлига. РК Алкалоид го пречека тимот на РК Вардар 1961 на последното одмерување на силите пред да стартува Плејоф шампионатот.

Натпреварот беше тврда битка 60 минути во која ситни детали решаваа за конечниот исход на мечот. Таков беше и почетокот на натпреварот по кој блага предност оствари гостинскиот тим. РК Алкалоид се консолидираше и беше резултатски само чекор оддалечен и со константен притисок врз противникот.

Првиот дел заврши со минимална предност на гостите, а на почетокот на второто полувреме РК Алкалоид беше подобриот противник и го презема водството, а стигна и до предност од два гола (17-15). Покрај отсуството на Мартин Серафимов, РК Алкалоид имаше и втор хендикеп на овој меч, во 37 минута се повреди Игор Ѓоргиев. Тоа влијаеше на играта на РК Алкалоид, иако резултатски натпреварот остана неизвесен сѐ до последниот напад.

Гостинскиот тим имаше повеќе среќа во последната минута и успеа да постигне клучен гол за победа.