Вести

Убедлива победа и нови бодови за РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – РК ПРИЛЕП 47-21 (23-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Зоран Кимовски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Николовски, Џонов 7, Маркоски, Серафимов 1, Карасманакис 1, Стојковиќ 4, Ѓоргиев 1, Симоноски 3, Ивановски 2, Костески 6, Борзаш 3, Трајкоски 4, Аларов 1, Иваноски 6, Ѓорговски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 6 мин.
РК ПРИЛЕП: Ивчески, Ангелески, Тренчевски 2, Рајатоски 3, Адамчески 3, Трајкоски, Антонио Крстески, Ангелески, Ангел Крстески 2, Илиески 1, Димитриоски 2, Шабановиќ 4, Христоски, Лековиќ 4, Столески 4, Соколоски, Лазоски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата трета првенствена победа, најубедливата досега во првенството, изразена со 26 гола разлика. Екипата на РК Прилеп беше противникот во Авткокоманда, а резултатски израмнет натпреварот беше помалку од 10 минути. По 2-3 во осмата минута, Алкалоид направи серија од 6-0 и поведе со 8-13 во 13 минута, а потоа до крајот на полувремето разликата порасна на 13 гола разлика (23-10).

Резултатски слично беше и второто полувреме во кое екипата на РК Алкалоид доминираше и стигна до убедливата победа.
За одбележување од оваа средба е настапот на тројца ракометари кои досега не беа во ростерот. Михаил Иваноски, Давид Трајкоски и голманот Ѓорѓи Николовски го запишаа својот прв официјален настап за РК Алкалоид во новата сезона. Иваноски постигна шест гола и беше најефикасниот играч на натпреварот, Давид Трајкоски постигна четири гола, а Николовски запиша пет одбрани.

Вести

РК АЛКАЛОИД БЕШЕ ДЕЛ ОД ХУМАНИТАРНИОТ ПИКНИК

Ракометарите и стручниот штаб на РК Алкалоид беа дел од пикникот за вработените на компанијата „Алкалоид“ кој традиционално имаше и хуманитарен карактер. Настанот се организира од 2011 година под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, а се обезбедија 1,8 милиони денари кои преку Црвениот крст ќе бидат наменети за социјалните сервиси за стари лица.

Општествената одговорност е долгогодишен дел од традицијата на компанијата „Алкалоид“. Покрај во спортот, компанијата се залага и за подобрување, унапредување и за развој на заедницата во која дејствуваме

Вести

Нови гостински бодови за РК Алкалоид

РК РАДОВИШ – РК АЛКАЛОИД 23-35 (13-18)
Сала: „25 Мај“ во Радовиш. Судии: Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Ѓорѓи Дучков
РК РАДОВИШ: Паунов, Димов 2, Петров, Постолов 8, Трајчевски 3, Ацев, Јанковски 2, Ристов, Табаков 2, Јовановски, Трајанов, Каковски 4, Ѓоргиев, Ончев, Атанасов, Костадинов 2
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон 6, Маркоски, Серафимов 2, Карасманакис 1, Стојковиќ 5, Ѓоргиев 1, Велковски 3, Симоноски, Ивановски 2, Костески 3, Петковски 1, Борзаш 4, Ѓорговски 5
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид го совлада тимот на РК Радовиш во четвртото коло од Суперлигата и ја верификуваше втората овосезонска победа.
РК Алкалоид подобро го отвори нaтпреварот. Со два воведни гола на Улфар Тордарсон и три последователни на Марко Стојковиќ, скопските сино-бели дојдоа до водство од 5-2, а потоа Мартин Серафимов зголеми на 6-2 пред да се воспостави мала резултатска рамнотежа.
Предноста на РК Алкалоид се зголеми до плус шест (9-3, 11-5), максималната разлика во првиот дел беше седум гола (9-16), а на полувреме резултатот беше 18-13 за екипата на РК Алкалоид.

Домашниот состав се обидуваше да остане што подолго рамноправен резултатски, но и во вториот дел РК Алкалоид ја контролираше играта и полека се одлепуваше, па така во 47 минута за прв пат на натпреварот беше плус 10 (19-29).
Во последните минути од натпреварот главно се играше околу границата од 10 гола, а средбата заврши со конечни 35-23.
Најдобар стрелец во редовите на РК Алкалоид беше Тордарсон со шест погодоци, додека Марко Стојковиќ и Емилијан Ѓорговски постигнаа по пет гола.
Во следното коло, РК Алкалоид на домашен терен ќе го пречека тимот на РК Прилеп.

Вести

Прва гостинска победа за РК Алкалоид сезонава

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 22-24 (9-14)

Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Ацо Николовски
ГРК ТИКВЕШ: Панов (1 одб), Печурица (2 одб), Велков (3 одб) Магди, Стојановски, Цејовиќ 3, Димовски 2, Лазов, Манасков 4, Тајник 1, Коцев 4, Симиќ 1, Цветковски 4, Симоновски, Мијушковиќ 2, Гришкашвили
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски (10 одб), Тордарсон 2, Маркоски, Серафимов 2, Карасманакис, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 5, Велковски 2, Ивановски, Костески 2, Петковски, Митев 6, Борзаш 3, Аларов, Ѓорговски 1
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 10 мин.

Екипата на РК Алкалоид ги освои бодовите од гостинскиот натпревар со екипата на ГРК Тиквеш, премиерен меч од второто коло.

На своето прво првенствено гостување сезонава, екипата на РК Алкалоид почна инспиративно и со головите на Борзаш, Митев и Костески поведе со 4-0, потоа разликата ја зголеми на плус пет (7-2), а највисоката предност ја имаше во 19 минута кога со голот на капитенот Ѓоргиев поведе со 10-6.

Потоа домашниот состав успеа да воспостави резултатски баланс и одржа ритам до крајот на првиот дел по кој РК Алкалоид имаше предност од 14-9.

РК Алкалоид прв постигна гол во вториот дел и поведе со 15-9, а потоа следеше период во кој заредија исклучувања и заубени топки по што домашниот тим се врати резултатски во игра и во 41 минута намали на 16-17.

Неизвесноста треше уште десетина минути во кој РК Алкалоид поведе со три гола разлика (21-18), но домашните уште еднаш се вратија на минимална негатива (20-21). Потоа контролата одново беше воспоставена, РК Алкалоид поведе со три гола разлика во 54 минута (23-20) и веќе не му дозволи на домашниот состав да се доближи.

Во следното коло, на домашен терен, РК Алкалоид ќе го пречека тимот на РК Еурофарм Пелистер.

Вести

Реми на стартот во Суперлигата

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 24-24 (11-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Душко Камишевски

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 6 одб., Галевски 3 одб., Џонов, Тордарсон 4, Маркоски, Серафимов 3, Карасманакис 3, Стојковиќ 1, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски 2, Костески 3, Петковски, Митев, Борзаш 6, Аларов 1
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 мин.

ГРК ОХРИД: Чаневски 1 одб., Блажевски 10 одб., Ѓоргески, Стрмљан 1, Ојлески 2, Иванковиќ 4, Кукуловски, Вејин 3, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 2, Јотиќ 3, Љапис 1, Петриќ 2, Ѓукиќ 5.
Седмерци: 1/3. Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид и ГРК Охрид го комплетираа првото коло од новата сезона во македонската Суперлига со дерби натпревар што се одигра во Автокоманда, а заврши без победник со конечни 24-24.

Мечот почна со брз ритам во кој двата тима обранаа големо внимание на транзицијата и особено на одбранбените задачи што го одведе натпреварот во ритам гол за гол. Гостинскиот состав го диктираше водството кое беше минимално и постојано израмнувано, но ракометарите на РК Алкалоид не успеваа да преминат во водство иако имаа неколку шанси да го сторат тоа.

Играта не се промени до крајот на првиот дел, тактички се надмудруваа двата тима, а по 30 минути гостинскиот состав замина во соблекувалната со предност од два гола (11-13). Паузата повеќе им годеше на играчите на Алкалоид, затоа што стартот на вториот дел, беше спротивен од финишот на првиот.

Со серија од шест гола, нашиот тим од 13-15, успеа да го сврти мечот во своја корист. Новото засилување Урош Борзаш диригираше во нападот, одбраната се зацврсти и десет минути не се прими гол, за позитива на нашиот тим од 19-15. Противникот веднаш реагираше и имаше мала пауза, по која постигна три гола во низа. Се врати на 19-18, но откако не реализира Охрид напад за реми, следеше одговор од Костески, за 20-18. Се играше драматично до крајот, а мечот заврши без победник. Голот за реми го постигна Валентин Карасманакис.

Вести

РК Алкалоид сака да ја поправи сликата на реваншот со Хановер

Нашиот РК Алкалоид е во исчекување на реваншот против бундеслигашот РК Хановер-Бургдорф во рамки на квалификациите во Европската лига на ЕХФ. Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа бундеслигашот (37:27) и нашите играчи се пред мисија да се надополни тој минус, за место во групната фаза. Тренерот Кирил Лазаров го најави дуелот со германската екипа која во ланската сезона долго време беше лидер во најдобрата ракометна лига во светот.

„Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште една во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се прилагодиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Сакам еден комплетен натпревар, им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Бев малку разочаран, имав непроспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден супер-квалитетен противник“, изјави Лазаров.

Во име на тимот на РК Алкалоид пред реваншот со Хановер говореше и капитенот Игор Ѓоргиев. Средниот бек истакна дека тимот не размислува да се предаде и вети максимална борба и ангажираност за секоја топка.

„По дуелот во Германија со екипата на Хановер, сега ни следи домашен дуел пред нашата публика. На првиот меч екипно имавме лош ден пред се во нашата реализација, за чисти ситуации и пенали, што против една таква екипа е недозволиво. Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч“, изјави Ѓорѓиев.

На прес-конференцијата говореше и кружниот напаѓач Валентин Карасманакис.

„Имавме екипно лош ден и технички грешки, сега ни следи реваншот. Се што ни останува е да дадеме 100 отсто од себе на терен и евентуално ако ни се даде шанса, да бидеме подобри од претходно и да го чекаме исходот. Ја повикувам публиката да ни даде поддршка“, изјави Карасманакис.

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Хановер-Бургдорф се игра во сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“. На овој дуел ќе има и посебен момент за нашиот тим затоа што ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето

Судиската двојка на натпреварот доаѓа од Романија, тоа се Михаи Маријан Пирву и Раду Михаил Потирниче. Делегат на натпреварот е Михаил Башев од Бугарија. Победникот од овој двомеч ќе игра во Групата Г од Европската лига на ЕХФ каде чекаат екипите на Фредериција (Данска), Татран Прешов (Словачка) и Савехоф/Малме (Шведска).