Вести

Иван Марковски е нов тренер на РК Мулти Есенс

РК Мулти Есенс ја известува јавноста дека за нов прв тренер на екипата за претстојната сезона е назначен Иван Марковски.
Иван Марковски е поранешен македонски репрезентативец со богато играчко резиме, во кое се запишани настапи за повеќе домашни и странски екипи, меѓу кои се РК Пелистер, РК Металург, РК Вардар, РК Метковиќ, РК Загреб и РК Сарагоса.


Во својата тренерска кариера има водено екипи од Франција, Кина и од Катар, а беше тренер и на македонските тимови ХЈС Работник и РК Металург.
Мастер-коуч лиценца има од 2020 година.
Помошник на Иван Марковски ќе му биде тренерот Миле Бочкаровски.

Вести

РК Алкалоид е победник на турнирот „Марко Божиновски“

Кадетскиот тим на Алкалоид e победник на вториот меморијален турнир „Марко Божиновски“ што се одржува во чест на прерано починатиот македонски ракометар и репрезентативец.
РК Алкалоид победи на турнирот на кој учествуваа екипите на РК Коњух од Босна и Херцеговина и македонските екипи РК Е. Пелистер, РК Бутел Скопје, РК Голден Арт и РК Аеродром. 

РК Алкалоид победи на сите четири одиграни натпревари. Во првото коло беше подобар од РК Коњух со резултат 30:27. Во второто коло го совлада тимот на РК Аеродором со резултат 48:21, а потоа во полуфиналето го елиминираше тимот на РК Бутел Скопје (27:16).

Во финалето, нашиот тим одново се сретна со екипата на Коњух, која пак, во полуфиналето беше подобра од Е. Пелистер (34-28). 
Нашиот тим по втор пат на турнирот беше подобар од екипата на Коњух од БиХ. Конечниот резултат е 26:25, победа извојувана во тежок меч кој имаше и драматична завршница, во која сепак, подобро се снајде нашиот состав. 

Вести

РК АЛКАЛОИД И РК МУЛТИ ЕСЕНС ГИ ДОБИЈА РИВАЛИТЕ ЗА СЛЕДНАТА СЕЗОНА

Увертирата за новата сезона во Суперлигата беше денеска со одржувањето на ждрепката по која 16 екипи учесници беа поделени во две групи, од кои по одигрувањето на есенскиот дел ќе бидат познати и учесниците во плејоф и плејаут. РК Алкалоид заради освоеното второ место во минатото првенство беше во улога на прв носител заедно со РК Е. Пелистер.


Нашиот тим ќе игра во групата „А“, а за противници во групата во есенскиот дел од првенството ги доби екипите на ГРК Тиквеш, ГРК Охрид, РК Е. Пелистер 2, РК Струга, РК Куманово, РК Скопје, РК Аеродром.
Во првото коло ќе гостуваме кај екипата на РК Скопје.

Екипата на РК Мулти Есенс, како нов суперлигаш беше во последниот шешир. РК Мулти Есенс ќе игра во групата „Б“ заедно со екипите на РК Е. Пелистер, РК Вардар 1961, РК Бутел Скопје, РК Тинекс Пролет, РК Голден Арт, РК Прилеп и РК Вардар Неготино.
Во првото коло, РК Мулти Есенс на домашен терен ќе игра против РК Голден Арт.

Новата сезона ќе стартува на почетокот од месец септември, а точниот датум ќе биде објавен наскоро. Според пропозициите, четирите најдобри екипи од двете групи потоа ќе се преселат во плејоф, каде во зависност од пласманот во групата ќе пренесат и бодови. Другите четири екипи ќе играат плејаут за опстанок во најсилната конкуренција.

СУПЕР ЛИГА 2023/2024

ГРУПА „А“: РК Алкалоид, ГРК Тиквеш, ГРК Охрид, РК Е. Пелистер 2, РК Струга, МРК Куманово, РК Скопје, РК Аеродром

1 Коло: РК Скопје – РК Алкалоид, РК Струга – ГРК Охрид, МРК Куманово – РК Аеродром, ГРК Тиквеш – РК Е. Пелистер 2

ГРУПА „Б“: РК Е. Пелистер, РК Вардар 1961, РК Бутел Скопје, РК Тинекс Пролет, РК Голден Арт., РК Прилеп, РК Вардар Неготино, РК Мулти Есенс.

1 Коло: РК Мулти Есенс – РК Голден Арт, РК Т. Пролет – РК Вардар Неготино, РК Прилеп – РК Бутел РК Скопје, РК Вардар 1961 – РК Е. Пелистер

Вести

Пионерите на РК Алкалоид учествуваа на турнир во Унгарија

Пионерската екипа на РК Алкалоид, ракометари од генерацијата 2008 и помлади настапи на турнирот на Ракометната академија на РК ПИК Сегед на кој учествуваа шест екипи од пет држави. Екипите беа поделени во две групи со по три тима по што се играа полуфинални и натпревари за пласман.

Нашиот тим стартуваше одлично и во во првото коло го совлада домаќинот РК Пик Сегед. За нас клучен момент беше што само три часа подоцна игравме и втор натпревар, со ППД Загреб. На овој меч нашиот тим не успеа да победи, иако на полувреме имаше водство од два гола.

По комплетирањето на сите натпревари трите тима имаа по една победа и еден пораз и за конечен пласман во групата решаваше вкупната гол разлика. Нашиот тим играше два натпревари за пласман за петтото место со екипата на РК Војводина.
РК Алкалоид победи и на двата натпревари (33-23 и 27-19) и го освои петтото место.

„Учеството на вакви турнири е многу важно. Децата учат многу, добиваме непроценливо искуство, самодоверба, решителност. Самите играчи увидоа дека можат да се носат со нивните врсници од многу ракометни клубови.
Браво за сите.
Браво за момците, браво за поддршката како клуб ја давате да се градиме сите како тим.
На вистинскиот колосек сме , а за тоа имаме потврда и признание од сите учесници на турнирот и од самиот домаќин“, изјави тренерот на нашиот тим Влатко Котески.

Вести

РК Мулти Есенс без пораз ја заврши сезоната

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ДРАЧЕВО  40-25 (19:13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Игор Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Златко Локвенец
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 5, Димитриевски 2, Д. Узунчев 8, Тричковски 3, Омерагиќ 6, Трајчев 2, Ерманоски, Младеновски 1, Т. Узунчев 1, Продановски, Јорданов 1, Карасманакис 3, Ниновски, Костовски 6, Петковски 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 4 мин.

РК ДРАЧЕВО: Дабевски 2, Ристовски 2, Божинов 1, Димов 1, Стојанов 2, Петковски 7, Стојановски, Андовски, Ангеловски, Анѓелковски 2, Баздаревски 2, Марџиев, Вељановски, Дука 6
Седмерци: – Исклучувања: 4 мин.

Вечерва беше комплетирана првенствената сезона во машката Прва лига. Актери на последниот натпревар сезонава во оваа конкуренција, беа ракометарите на РК Мулти Есенс и РК Драчево. 
РК Мулти Есенс вечерва ја запиша својата 17 победа и шампионатот го заврши без пораз, обезбедувајќи уште многу претходно пласман во повисок ранг, во Суперлигата, од позиција на нов првак на Првата лига. 

Вечерва сѐ беше решено мошне брзо, откако нашите ракометари со силен ритам на почетокот на натпреварот направија разлика од шест гола (8-2). 
Потоа ритамот се смири, но разликата со мали осцилации од гол два остана до крајот на полувремето кое заврши со резултат 19-13 за РК Мулти Есенс. 

Во вториот дел, нашиот тим немаше проблеми за да го одржи водството. Напротив, по петнаестина минути игра разликата веќе беше двоцифрена (28-18), а до крајот на натпреварот, момците предводени од Бранко Ангеловски рутински ја приведоа средбата кон крајот. 

Вести

Пионерите на РК Алкалоид на турнир во Унгарија

Во склад со принципите на нашиот клуб кои подразбираат на најмладите играчи да им бидат обезбедени сите услови за напредок, вклучително и стекнување на искуство со играње на меѓународни натпревари, РК Алкалоид ја прифати поканата на унгарскиот првак ПИК Сегед и ќе го испрати својот најмлад тим на турнир во Унгарија.

Пионерската екипа на РК Алкалоид, тим составен од играчи родени по 1 јануари 2008, ќе учествува на турнирот на Ракометната академија на ПИК Сегед што ќе се одржи во период од 1 јуни до 4 јуни. На овој турнир ќе учествуваат шест екипи од пет држави, а тоа се:
ОТП Банк ПИК Сегед (Унгарија), РК Алкалоид (Македонија), РК ППД Загреб (Хрватска), РК Војводина (Србија), МРК Крка (Словенија) и Ференцварош ТЦ од Унгарија.
Екипите се поделени во две групи, а РК Алкалоид е во група со екипите на ППД Загреб и ОТП Банк ПИК Сегед со кои ќе игра на 2 јуни.
На 3 јуни ќе се играат полуфиналните натпревари, а на последниот ден финалето и натпреварите за пласман.

Младите играчи од овој турнир, на вториот ден ќе бидат предигра за натпреварот од финалето на унгарскиот шампионат на кој во битка за титула се среќаваат учесниците во Лигата на шампионите, ПИК Сегед и Веспрем.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
1.6.2023
14:00 РК ППД Загреб – ОТП Банк Пик Сегед
16:00 Ференцварош ТЦ – РК Војводина
02.06.2023
09:30: РК Алкалоид – ОТП Банк Пик Сегед
11:30: МРК КРКА – Ференцварош ТЦ
13:00: Свечено отворање
14:00: РК Алкалоид – РК ППД Загреб
16:00: МРК Крка – РК Војводина
18:30: ОТП Банк Пик Сегед – Веспрем финале на унгарскиот шампионат
03.06.2023.
12:00: A1 – B2 Полуфинале
14:00: B1 – A2 Полуфинале
16:00: A3 – B3 / Меч за 5 место (прв натпревар)
04.06.2023.
11:00: A3 – B3 Меч за 5 место (втор натпревар)
13:00: Меч за 3 место
15:00: Финале
16:30: Прогласување на најдобрите