Вести

РК АЛКАЛОИД СО ПОБЕДА ЈА ЗАТВОРИ СЕЗОНАТА ВО АВТОКОМАНДА

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 33-24 (11-9)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Зоран Кимовски

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Трајкоски, Џонов 6, Младеновиќ, Карасманакис 4, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 3, Бинго 2, Франциско 5, Петковски, Савревски 1, Гарбески 8, Панчевски 1, Секуловски 1

Седмерци: – Исклучувања: 6 мин.

ГРК ОХРИД: Крстески, Пупунцоски 1, Булески, Силјаноски 2, Трајчески 1, Крстески, Јанчески 3, Ристевски, Стефановиќ 1, Софкоски 1, Костов 6, Винисиус 9, Ристески

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид го одигра последниот натпревар на домашен терен во тековната сезона во Суперлигата. До крајот на првенството, останува да го одигра уште гостинскиот натпревар со екипата на РК Бутел Скопје.

Пред почетокот на натпреварот, посебни благодарници за досегашната соработка добија тројца ракометари. Тоа се искусниот голман Благојче Трајкоски, леворакиот бек Давид Савревски и португалскиот интернационалец Франциско Оливеира е Силва.

На последниот домашен меч, гостин во Автокоманда беше екипата на ГРК Охрид, за овој натпревар подмладена со неколку играчи. Натпреварот немаше силен ритам и жестина во дуелите, особено во првото полувреме кое заврши со резултат 11-9 за РК Алкалоид.

РК Алкалоид играше посериозно на почетокот на второто полувреме и разликата веднаш почна да се зголемува. По шест минути во вториот дел беше 16-10, во 43 за прв пат беше двоцифрена разлика, 22-12 и до крајот рутински беа одработени задачите за нови два бода.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ

РК Алкалоид со особено задоволство ја информира јавноста дека, согласно официјалната одлука на Европската ракометна федерација (ЕХФ), е прогласен за победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25.

Со службена победа од 10-0 во реванш-натпреварот кој требаше да се одигра во Скопје, РК Алкалоид ја обезбеди втората победа во финалната серија. Претходно, клубот славеше и на првиот натпревар во Атина со резултат 25-29, со што го заокружи финалето со резултат 2-0 и ја освои престижната европска титула.
Овој трофеј претставува прва европска титула во кратката, четири годишна историја на РК Алкалоид, но и значаен успех за македонскиот клупски ракомет. Дополнително, ова е и првпат македонски тренер – Кирил Лазаров – да освои Европска титула во улога на главен стратег, за што клубот му изразува искрена благодарност за неговите заложби, лидерство и несебична посветеност.
РК Алкалоид ја поздравува одлуката на ЕХФ, со која се потврдува дека спортскиот дух, фер-плејот и посветеноста водат до највисоки спортски достигнувања.
Клубот упатува искрена благодарност до навивачите, играчите и стручниот штаб за нивната континуирана поддршка и ангажман на патот до овој историски успех.

Вести

Ново дерби во Автокоманда

Уште само три натпревари се пред РК Алкалоид до крајот на сезоната во домашната Суперлига. Густиот распоред и натаму е главната карактеристика на финишот на сезоната, па така веќе утре (среда/4.6.2025) на распоредот е натпревар што има големо значење за конечниот изглед на табелата и распределбата на местата во европските натпреварувања следната сезона.

Утре во салата во Автокоманда ќе гостува екипата на РК Еурофарм Пелистер, екипа од водечката тројка во првенството. На РК Алкалоид овој меч резултатски му е битен за подобрување на шансите за освојување на второто место во првенството. Победа повисока од два гола разлика би значела чекор поблиску до остварувањето на целта, исто како и победа од два гола разлика, но со најмногу 27 примени голови.

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Еурофарм Пелистер ќе се игра со почеток од 19:00 часот, а ќе биде и директно пренесуван на МРТВ.

По овој натпревар, до крајот на првенството на РК Алкалоид ќе му останат уште два меча во кои на домашен терен на 6.6. 2025 (петок, 18:00ч.) ќе игра со екипата на ГРК Охрид, а на последниот натпревар, ќе му гостува на тимот на РК Бутел Скопје.

Вести

Пеналите го дадоа првиот финалист на Куп на Македонија

РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 4-3 (28-28, 13-14)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегати: Душко Камишевски и Марјан Начевски
РК ВАРДАР 1961: Еспиња (10 одб), Гогов, Стојановски, Јагуриновски, Аларов, Т. Стојановски, Георгиевски, Крсманчиќ, Танкоски, Лазаревски, Хориха, Срдановиќ, Николиќ, Петриќ, Пинто, Борозан
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски (1 сед, 13 одб), Џонов, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов, Карасманакис, Стојковиќ, Велковски, Симоноски, Ивановски, Бинго, Франциско, Петковски, Митев, Савревски
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 14 мин.

Екипата на РК Алкалоид својот овосезонски настап во Куп на Македонија го заврши во полуфиналето во кое по подобро изведување на пенали, во финалето се пласираше РК Вардар 1961.
РК Алкалоид одигра уште еден борбен и квалитетен натпревар во кој во најголемиот дел имаше водство и го контролираше резултатот. На полувреме имаше гол предност, во вториот дел само на двапати противникот имаше минимално водство, но во последната минута не успеа да ја одбрани предноста од еден гол и последен напад и натпреварот заврши без победник.
Во пенал серијата што следуваше, ракометарите на Вардар постигнаа еден гол повеќе и се пласираа во финалето.

Вести

Нова суперлигашка победа за РК Алкалоид

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 24-27 (11-17)

Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева.
ГРК ТИКВЕШ: Велков, Анастасовски 3, Темелкоски 1, Соколов, Андоноски, Кофилоски, Димовски 2, Манасков 3, Гачевиќ, Шулески, Арсиќ, Коцев 3, Летиќ, Кривокапиќ 6, Даневски, Обина 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 6, Карасманакис 1, Стојковиќ, Велковски 2, Симоноски, Ивановски 4, Бинго 3, Франциско 5, Петковски 4, Митев, Савревски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид запиша нова победа во заостанатиот натпревар од седмото коло во македонската суперлигашка конкуренција. Сино-белиот тим беше гостин во Кавадарци каде што играше против екипата на ГРК Тиквеш и победи со резултат 27-24 (17-11).

Домашниот состав високо мотивиран го почна натпреварот, но РК Алкалоид брзо наметна контрола врз резултатот и успеа да поведе со разлика што се движеше меѓу два и три гола (5-2, 6-4, 8-5). Екипата на ГРК Тиквеш во еден момент успеа да стигне до израмнување (11-11), но тоа беше знак за РК Алкалоид да го смени притстапот, почнаа подинамична игра и следеше серија од 6-0 со која на полувреме замина со предност од шест гола (17-11).

Првите два гола во второто полувреме завршија во мрежата на кавадаречкиот тим, серијата се зголеми на 8-0, а резултатот 19-11.

Победникот беше решен веќе во оваа фаза, во преостанатите минути до крајот на средбата, РК Алкалоид умешно го контролираше резултатот и ја држеше на безбедна дистанца домашната екипа. Во финишот домашниот тим успеа да намали, но не и да ја доведе во прашање победата на РК Алкалоид.

Следниот предизвик за РК Алкалоид ќе биде полуфиналето од Ф4 турнирот во Куп на Македонија во кое за противник ќе го има составот на РК Вардар 1961.

Вести

Информација за рефундацијата на билетите

Почитувана публико,

Уште еднаш ја изразуваме нашата БЛАГОДАРНОСТ што ни дадовте безрезервна поддршка и што во голем број дојдовте во СЦ „Борис Трајковски“ на финалниот меч од Европскиот Куп на ЕХФ. Жалиме што натпреварот не се одигра затоа што гостинскиот состав не сакаше да излезе на теренот и спортски да се бори за пехарот од ова натпреварување.

Вашите билети купени онлајн ќе бидат рефундирани во период од 15 работни дена. Средствата ќе ги добиете директно на вашата сметка преку која сте ги купиле билетите. Билетите што се купени од продажно место ќе можат да бидат рефундирани од местото на купување со приложување на соодветната фискална сметка и на билетот.

Уште еднаш ви се заблагодаруваме за континуираната поддршка и трпение. Се надеваме дека заедно ќе славиме нови успеси во иднина.

Со почит,
Ракометен клуб Алкалоид