Вести

Дамјан Митев: Да се прикажеме во најдоброто светло

Дамјан Митев минатата сезона доби една од главните улоги и екипата се потпираше на него во најважните натпревари, особено на европската сцена. Испитот успешно го положи и во следната сезона влегува со поголемо искуство и самодоверба во систем на игра што веќе добро го познава.
Предизвиците ќе бидат поголеми и потешки, но РК Алкалоид одамна го има одбрано својот пат.

„Подготовките течат на највисоко ниво. Задоволен сум многу од екипата, имаме добра хемија, се бориме еден за друг. И оваа нова сезона нѐ чека тежок предизвик. Во Европската лига ќе играме двомеч со Хановер, а почнуваме на 31 август на гостински терен. Станува збор за тежок ривал, екипа од Бундеслигата, но ќе се бориме и нема да се откажеме. Потоа следува реваншот во Скопје и ќе треба да се покажеме во најдобро светло пред нашата публика.
Оваа година Суперлигата ќе биде една од посилните и поквалитетна од претходните сезони. Ќе се бориме, очекуваме високи резултати“, изјави Дамјан Митев

Вести

Ѓорговски: Одлично сум прифатен, не беше тешко да се вклопам

Емилјан Ѓорговски големиот македонски потенцијал сезонава му се приклучи на семејството на РК Алкалоид и во сино-белиот дрес ќе ја бара шансата за ново играчко докажување, а екипата добива ракометар кој треба да донесе нови опции во играта имајќи ги предвид неговите шутерски способности. Ѓорговски веќе има играно заедно со дел од новите соиграчи што позитивно влијае на неговата брза адаптација и вклопување во составот.

За подготовките…

„Презадоволен сум како сум прифатен од новите соиграчи. Подготовките течат во најдобар ред, се трудам да го дадам својот максимум на секој тренинг, а потоа и на терен. Атмосферата е одлична, со дел од играчите имаме играно заедно во младинската репрезентација, па не беше тешко да се вклопам во тимот.

За Суперлигата…

„Од сезона во сезона Супер-лигата е поквалитетна, има поголема конкуренција. Покрај Вардар, Пелистер и Алкалоид, сезонава засилен е и Охрид. Но, секогаш има и по некое изненадување плус, не смее да се потцени ниту еден тим. Наша задача ќе биде максимално да се подготвиме за секој натпревар без разлика против кого играме.
Со оглед на тоа дека сите репрезентативци играат во домашната лига, а квалитетот е на високо ниво, тоа е добро и за националниот тим“.

ЗА ЕХФ Европската лига…

„Секогаш одиме на победа, дури и против еден бундес-лигаш како што е Хановер. Знаеме дека Бундес-лигата е најдобра во светот, но секогаш одиме максимално“, изјави Емилијан Ѓорговски.

Вести

Никола Костески: Посебно е чувството да играм со ист клуб со брат ми

Никола Костески (32) во новата сезона ќе биде еден од најискусните играчи во составот на РК Алкалоид. Крилото е во специјална фаза на подготовки во Маврово, каде полека се враќа во ритам по повредата која ја доживеа лани. Работи заедно со Марко Митев, под будното око на физиотерапевтот Тоше Трајковски, а низ рехабилитацискиот процес вози и велосипед.

Околу тренинзите со РК Алкалоид…

„Се подготвуваме во фаза со физиотерапевтот Тоше Трајковски, тој го води рехабилитацискиот процес за враќање на мускулот. Се чувствувам добро, се надевам дека ќе биде се како што треба. Тренираме заедно со Марко Митев за да ја вратиме формата, под специјална програма и со велосипеди.“

За целите и настапот во Европа…

„За нашата екипа може да кажам дека сме добро склопени, со засилен ростер и имаме поставени цели кои се високи. Моментална пречка во Европа ни е Хановер, тоа ќе бидат наши две први официјални средби. Сигурно дека го добивме можеби најтешкиот ривал, но ќе се надигруваме. Нема да потклекнеме пред ривалот, иако Хановер е бундеслигаш кој беше прво место во поголемиот дел од сезоната.“

За македонскиот шампионат…

„Моментално, ако согледаме одблизу македонската лига е на највисоко ниво, оваа година сме четири до пет квалитетни екипи во битка за горниот дел на табелата. Нашите цели секако се највисоки и во лигата и во Купот, така што ќе играме против секого.“

За шансата првпат да ја дели соблекувалната со братот Ненад Костески во еден клуб…

„Прекрасно е да се игра заедно и сум пресреќен, како постар сум тука да го советувам за се што треба, со цел да имаме подобар квалитет и да стигнеме до целта и да се креваме како играчи и тим. Бевме со него заедно во репрезентацијата во еден момент, а сега првпат сме заедно во клуб. Имаме ова година квалитетен ростер на играчи, а пред нас е тешка и долга сезона.“

Вести

Маркоски: Септември ќе биде полн со предизвици

Никола Маркоски сезонава ќе биде најискусниот ракометар во РК Алкалоид, а неговото искуство и знаењето како да ја држи во строј одбранбената линија и да ги изнудува и казнува грешките на противниците во голема мерка ја обликува и играта на екипата.

„Веќе неколку години сме заедно во клубот и ги знаеме принципите по кои се работи и по кои се реализираат подготовките. Сезонава не повторивме грешки од минатото и сите ракометари ја одржуваа формата и за време на одморите, па на подготовките дојдовме спремни за процесот што ни следи.
Овој дел е многу важен за подоцна да можат да се издржат и одработат другите фази, вклучително и натпреварите што ќе ни следат. По Маврово, ќе почнеме со следната етапа, а во неа се предвидени и контролни натпревари.


Условите во Маврово се одлични, не сме прв пат овде, позната ни е средината. Екипата добро ги поднесува подготовките, амбиентот е одличен и верувам спремни ќе бидеме за предизвиците што не чекаат, првенствено во септември. Тогаш ќе играме пет важни натпревари што ќе ја обликуваат целата сезона“, изјави Никола Маркоски.

Вести

Баснарков: Задоволен сум, ракометарите дојдоа спремни

РК Алкалоид клупската база во Автокоманда ја замени со Маврово каде што го ракометарите го имаат потребниот мир и одлични услови во кои ја одработуваат втората фаза од подготовките, во која фокусот е на физичката подготовка. Петар Баснарков е асистентот на првиот тренер Кирил Лазаров, задолжен за физичката спремност на играчите.

Петар Баснарков е во клубот уште од почетокот и учествува во креирањето на принципите и системот по кој се работи. Принципи и систем кои веќе имаат форма која е препознаена од ракометарите кои ги прифатија сите нивни елементи, се прилагодија и со тоа подготовките стануваат полесни и за ракометарите и за стручниот штаб.
Баснарков вели дека е задоволен од досегашниот тек на подготовките.

За текот на подготовките…

„Ракометарите, посебно тие што се подолго време во екипата ги знаат принципите. Мене ми е ова петта сезона во клубот и запознаени се мојот начин на работа, а и јас сум запознаен со нивните перформанси.
Ние во суштина работиме и преку цело лето. Ракометарите добиваат десет дена одмор, а потоа почнуваме со работа во меѓу сезона или т.н. „off season“, што е честа пракса на пример во кошарката. Го работиме тоа така за да дојдеме во ситуација да бидеме 70-80 % спремни кога ќе стартуваат подготовките.
Тоа е битно за да се намали времето потребно за физичка подготвеност, а да се зголеми времето во кое тренерот Кире Лазаров ќе може да работи тактика. Ова е особено ни е важно сезонава, затоа што порано почнуваме со важни натпревари, па така на подготовките играчите буквално од прв ден можат да тренираат со топка“

Оценка на досегашниот дел…
„Искрено сум задоволен, секоја година е сѐ подобро. Играчите добро работеле во меѓу сезоната, дојдоа спремни. Истото се однесува и до новите играчи. Добро тренирале и во меѓу сезоната, има нормално некои ситници, но тоа се работи на навики и автоматизам што ги имале претходно. Работиме многу посветено, секој ден ни е важен и генерално сум задоволен како одат работите. Марко Митев и Никола Костески засега работат одвоено, со физиотерапевтот, а од следната недела ќе бидат заедно со другите“, вели Баснарков.

Вести

Марко Митев: Сплотеноста и посветеноста ќе ни донесат резултати

Минува првата недела исполнета со тренинзи и РК Алкалоид веќе е пред втората фаза од подготовките за претстојната сезона која ќе биде исполнета со големи предизвици уште од самиот почеток.
Марко Митев, играчот кој за кратко време ја освои ракометна Македонија со својата пожртвуваност, бескомпромисност и неспорен квалитет, новата сезона ја почнува со тренинзи дизајнирани за побрза рехабилитација и враќање на терен кое се очекува во есенскиот дел од сезоната.

За текот на подготовките…

„Во тек се подготовките за новата сезона. Секој од нас посветено работи и се подготвува за претстојната сезона. Условите за работа во РК Алкалоид, како и до сега, се врвни, исклучително професионални и се на највисоко ниво.
За тоа зборуваат и досегашните резултати и постигнувања на екипата. Стручниот тим ни е максимално посветен. Заеднички и напорно работиме сите, а секој со својот ангажман и квалитет придонесува екипата да биде максимално спремна за сезоната што ни претстои“.

За предизвиците…

„Ќе застанеме цврсто подготвени пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона. Во тимот има одлична хемија и сплотеност, посветени сме на тренинзите и се надополнуваме еден со друг. Очекувам дека и новите играчи многу лесно ќе се вклопат во тимот и верувам дека ќе бидат одлично надополнување на сѐ она кое што можеби недостигаше изминативе сезони. Поддршката од тимот веќе ја имаат.

Очекувањата од новата сезона…

„Очекувам високи резултати бидејќи кога постои поддршка, надополнување и кога сите придонесуваат максимално, а квалитетот што го поседуваат го вложуваат несебично на терен за екипата, успехот е неминовен. Фокусот и максималните индивидуални вложувања во единствената и заедничка цел на екипата ќе и донесат високи резултати и исклучителни успеси.