Вести

Прием и благодарници за репрезентативците од РК Алкалоид

Членовите на РК Алкалоид кои настапија за македонската репрезентација на Светското првенство во ракомет минатиот месец во Хрватска, беа пречекани од Генералниот директор/Претседател на УО на АЛКАЛОИД АД Скопје, г. Живко Мукаетов.
На средбата г. Мукаетов им честиташе на ракометарите и на стручниот штаб за одличното претставување на Македонија на светската ракометна сцена, за нивното професионално однесување и за постигнатите резултати на Првенството. Тој ја нагласи и важноста на нивното учество како дел од националната репрезентација и нивниот придонес како членови на клубот. По тој повод тој им додели благодарници и им посака уште поголеми успеси во иднина.
РК Алкалоид на Светското првенство 2025 го претставуваа ракометарите: Марко Кизиќ, Иван Галевски, Иван Џонов, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Александар Петковски, Никола Маркоски, Валентин Карасманакис и Марко Стојковиќ. Во стручниот штаб на националниот тим беа: селекторот Кирил Лазаров, помошникот Билјана Црвенкоска, кондицискиот тренер Петар Баснарков и физиотерапевтот Тоше Трајковски.

Вести

РК Алкалоид со убедлива победа на рестартот на сезоната

РК СТРУГА – РК АЛКАЛОИД 14-38 (5-17)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Контролор: Душко Камишевски
РК СТРУГА: Тутенкоски, Мечкароски, Џигероски 2, Ѓорѓиески, Кленковски, Јанкуловски, Адамовиќ 1, С. Матески, Стојков 1, Остиќ, Савески 2, Ф. Мечкароски 1, Костоски 2, Ј. Матески, Пајкоски 5, С. Мечкароски
Седмерци: 0/2 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 4, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 3, Карасманакис 3, Ѓоргиев 5, Ивановски 6, Бинго 3, Франциско 1, Петковски 4, Д. Митев 3, Савревски 2, Гарбески 2
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го задржа првото место на суперлигашката табела и по воведното коло од продолжението на сезоната. Вечерва во „Автокоманда“, РК Алкалоид ја совлада убедливо екипата на Струга и ја одржа предноста пред ривалите за највисок пласман.

На овој натпревар во составот на РК Алкалоид беа Дамјан Митев кој по подолга пауза поради повреда одново е во строј и новиот ракометар Мартин Ивановски. Од подмладокот, шанса да игра во првиот тим доби Максим Гарбески.
Неколку играчи од првиот состав меѓу кои и Марко Митев, Мартин Велковски не беа во составот за оваа средба.
Резултатската рамноправност на овој натпревар, траеше само во воведните минути до резултат 3-3, а потоа до крајот на полувреме РК Алкалоид направи серија од 14-2 и на одмор се замина со резултат 17-5 за сино-белите.

Во второто полувреме, тренерот Кирил Лазаров многу поголема минутажа и одговорност им даде на помладите играчи, па имавме можност да видиме минути во кои доминираше Дамјан Митев, а и новиот играч Мартин Ивановски покажа добри и реализаторски и рефлекси за асистирање, па севкупно, оставија добар впечаток.
Конечниот резултат е 38-14, а ова беше натпревар на кој РК Алкалоид прими најмалку голови сезонава.
Во следното коло, РК Алкалоид на домашен терен го пречекува реновираниот и ребрендираниот тим на Фруит Ленд Борец од Велес.

Вести

РК Алкалоид има свој фаншоп

РК Алкалоид продолжува да ги следи современите спортски трендови и надвор од теренот. Клубот ги информира своите фанови дека има свое катче во спортската продавница „D Sport“, која се наоѓа во склоп на Арената „Тодор Проески“ во Скопје!
Во колекцијата спортска опрема од производителот „Hummel“, брендирана со клупското лого, има повеќе производи, меѓу кои натпреварувачки дресови, тренерки, дуксери, спортски маички и други аксесоари, кои сега се достапни за сите!

Посетете ја продавницата „D Sport“ или нивната дигитална продавница и набавете си навивачки реквизит од РК Алкалоид!

Повеќе информации на линкот: https://bit.ly/alkaloid-fanshop

Вести

РК Алкалоид се комплетираше и почна со тренинзи

РК Алкалоид го одржа првиот тренинг во 2025 на кој присуствуваа сите ракометари и беше комплетниот стручен тим.

Нашиот клуб во голем дел и играчки и во стручниот тим ја сочнуваше македонската репрезентација која минатиот месец настапи на 29 Светско првенство и по неколкудневен одмор за репрезентативците тие повторно се во строј за клупските обврски. Ново име во таборот на РК Алкалоид е централниот бек Мартин Ивановски кој ги одработува првите задачи под водство на тренерот Кирил Лазаров.

Февруари ќе биде месец исполнет со предизвици за РК Алкалоид. Викендов продолжува сезоната во македонската Суперлига во која од првата фаза на првенството останаа да се одиграат уште шест кола.

По 16 кола што се досега комплетирани, РК Алкалоид е на првото место на табелата со изгледни шанси така и да го заврши шампионатот и со стартна предност да влезе во Плејоф.

На европската сцена, РК Алкалоид месецов ќе ги одигра натпреварите од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп. На 15 февруари ќе гостува во Бриксен, Италија, а на 22 февруари во скопска Автокоманда ќе се одигра реванш натпреварот. РК Алкалоид има изгледни шанси да се пласира во 1/4 финалето на ова европско натпреварување и да ја помести за уште еден чекор границата на најголемото клупско остварување во Европа.