Вести
РК Алкалоид се комплетираше и почна со тренинзи
РК Алкалоид го одржа првиот тренинг во 2025 на кој присуствуваа сите ракометари и беше комплетниот стручен тим.

Нашиот клуб во голем дел и играчки и во стручниот тим ја сочнуваше македонската репрезентација која минатиот месец настапи на 29 Светско првенство и по неколкудневен одмор за репрезентативците тие повторно се во строј за клупските обврски. Ново име во таборот на РК Алкалоид е централниот бек Мартин Ивановски кој ги одработува првите задачи под водство на тренерот Кирил Лазаров.

Февруари ќе биде месец исполнет со предизвици за РК Алкалоид. Викендов продолжува сезоната во македонската Суперлига во која од првата фаза на првенството останаа да се одиграат уште шест кола.
По 16 кола што се досега комплетирани, РК Алкалоид е на првото место на табелата со изгледни шанси така и да го заврши шампионатот и со стартна предност да влезе во Плејоф.

На европската сцена, РК Алкалоид месецов ќе ги одигра натпреварите од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп. На 15 февруари ќе гостува во Бриксен, Италија, а на 22 февруари во скопска Автокоманда ќе се одигра реванш натпреварот. РК Алкалоид има изгледни шанси да се пласира во 1/4 финалето на ова европско натпреварување и да ја помести за уште еден чекор границата на најголемото клупско остварување во Европа.
