Вести

РК Алкалоид ги освои бодовите во Кавадарци

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 25-31 (13-19)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Драган НачевскиГРК ТИКВЕШ: Арсиќ, Велков, Анастасовски 3, Петрески, Мијатовиќ 3, Темелкоски, Соколов, Кофилоски 2, Димовски, Лазов, Манасков 2, Коцев 2, Летиќ, Кривокапиќ 3, Даневски, Обина 7
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски, Костески 3, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Митев 6, Ѓоргиев 2, Велковски 4, Симоноски 1, Бинго 1, Силва 1, Петковски 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 8 мин.

Петтата победа од пет одиграни натпревари во Суперлигата ја запиша екипата на РК Алкалоид на гостински терен во Кавадарци против екипата на ГРК Тиквеш. Кавадарчани традиционално се непријатен противник на РК Алкалоид, особено кога играат на домашен терен. Денешната средба немаше големи резултатски возбудувања, но не изостана борбениот натпревар на моменти со агресивни дуели.

РК Алкалоид беше подобриот противник во првото полувреме уште од почетната минута. Поведоа со 3-1 избрниците на Кирил Лазаров и од тој момент постојано имаа гол или два предност во однос на борбениот домаќин.
Како што минувaше времето до поголем израз доаѓаше и физичката подготвеност и воиграноста на РК Алкалоид. Во последните десет минути доминацијата беше појасно изразена и предноста порасна на максимални шест погодоци (19-13).

Почетокот на вториот дел не беше по волја на РК Алкалоид затоа што ефикасноста беше видно намалена.
Домашниот состав успеа во почетните осум минути да намали три гола од негативата (16-19), блгодарение на неколку промашувања на нашиот состав, меѓудругото и на два седмерци во овој период.


Но, не траеше долго таа серија. Одбраната почна да функционира и му олесни на напаѓачкиот дел од тимот, па во 45 минута дојде и новата најголема предност од седум гола (24-17).
Мал пад во концентацијата на РК Алкалоид ги врати до одреден степен во игра домашните кои со серија од 4-0 намалија на 21-25, а малку подоцн5.а имаа напад и за да намалат на минус два. Брзо мина тој период на непријатност, РК Алкалоид брзо ја врати контролата и се врати на безбедни и солидни плус пет гола, за конечно натпреварот да го заврши со победа од 31-25.

Вести

ДЕСЕТТИ ХУМАНИТАРЕН ПИКНИК ЗА ВРАБОТЕНИТЕ НА „АЛКАЛОИД“: ОКОЛУ 2 МИЛИОНИДЕНАРИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА СОС ДЕТСКО СЕЛО

Наменски дизајнираните маички со лајтмотив – индивидуалната енергија како експресија низ теоријата на бои – симболизираше пропусница за пикникот, преку која семејството алкалоидовци и пријателите до денес донираа околу 2 милиони денари.„Алкалоид“ АД Скопје ја продолжи хуманата мисија на 10-тиот по ред донаторски хепенинг по неколкугодишна пауза која се должеше на пандемиските ограничувања. Хуманитарниот пикник беше спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ во присуство на вработените, членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели.
Ракометарите на РК Алкалоид беа дел од овој настан и го збогатија хуманитарниот пикник со своето присуство.

„Денес заокруживме значаен, 10-ти јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата ’Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за СОС Детско село. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство.“

Директорката за обезбедување фондови и комуникации на СОС Детско село, Силвија Брајовиќ, истакна : „Со ’Алкалоид’ веќе три години нè поврзува едно прекрасно партнерство, кое не само што ја покажува нивната посветеност како компанија туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа. Донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов, сигурност и припадност“

Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата „СОС Детско село“ отпочна во 2022 година кога една од куќите на локалитетот во населба Ченто беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани на оваа организација. „СОС Детско село“ во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци во земјава кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Организацијата функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца.

Линк за донации: https://sos.org.mk/doniraj-33/

Вести

Убедлива победа на РК Мулти Есенс над РК Аеродром

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК АЕРОДРОМ  49-25 (19-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Дамјан Савиќ и Марко Огњановски. Делегат: Мотко Ѓоргиевски
РМ МУЛТИ ЕСЕНС: Г. Трајковски, Поповски 8, Ѓокески 4, Ангелевски 2, Насевски 4, Илиевски 1, Пецановски 3, Крстевски 2, Николовски 2, Стојков 12, Гурмешевиќ 3, Ј. Трајковски 4, Тевдовски 1, Петрески 2, Стојчевски 1
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин. 
РК АЕРОДРОМ: Илиевски, Наков 1, Гулевски, Ниновски 5, Ќурчиев 4, Петроевски, КОстадиновски 1, Зафировски 3, Тодоровски, Илиевски, Симоновски 1, Панчевски 3, Ѓуриќ, Миленковски, Босилковски 3, Ристовски 4
Седмерци: 6/8 Исклучувања: 10 мин. 

Екипата на РК Мулти Есенс ја запиша својата втора победа сезонава, извојувана над екипата на РК Аеродром, убедливо со 24 гола разлика (49-25). 
Наспроти конечниот резултат, во првиот дел се играше изедначено долго време, до резултат 11-10. Потоа полека почна да доаѓа до израз подобрата подготвеност, а и квалитет на РК Мулти Есенс. Со серија од 8-2 до крајот на полувремето нашиот тим се одвои на 19-12 на полувреме. 


Вториот дел беше сосема поинаква приказна. Резултатската неизвеснот компетно ја снема, а РК Мулти Есен доминираше. Сериите станаа подолги, резултатот постојано растеше овој дел од мечот РК Мулти Есенс го доби со 17 гола разлика. Конечни 49-25 и останува на првото место на табелата екипата на РК Мулти Есенс во исчекување да се комплетираат сите резултати од второто коло. 
Во следното коло, РК Мулти Есенс ќе игра дерби натпревар на гостински терен во Битола против екипата на РК Еурофарм Пелистер 2. 

Вести

Четири од четири за РК Алкалоид и лидерско место во Суперлигата

РК АЛКАЛОИД – РК ПРИЛЕП 45:23 (23:13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Душко Камишевски.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 1, Галевски, Џонов 3, Маркоски, Костески 7, Младеновиќ 2, Серафимов 5, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Митев 4, Ѓоргиев 5, Симоноски 3, Бинго 4, Оливеира 5, Петковски 2, Савревски 1.
Седмерци: 5/6. Исклучувања: 6 мин.
РК ПРИЛЕП: Ангелески, Христоски, Тренчевски, Кастратовиќ 1, Јеремиќ 2, Рајатовски, Адамчески, Бикоски 2, Ивчески, Илиески 3, Органџиев 2, Бурчески, Шабановиќ 3, Имнадзе 3, Квастек 4, Трајкоски 3.
Седмерци: 5/5. Исклучувања: 8 мин.

Екипата на РК Алкалоид забележа нова суперлигашка победа. Нашиот тим во рамки на четвртото коло беше подобар од РК Прилеп кого го совлада со 44:23 (23:13) во меч кој се одигра во салата „Автокоманда“. Со оваа победа, четврта во четвртиот меч, нашиот тим скокна на лидерската позиција на табелата.

Очекувано, нашата екипа имаше контрола на играта цела средба и прокнижи нов суперлигашки триумф по оние над Вардар 1961, Радовиш и Бутел Скопје. Уште од почетокот на мечот РК Алкалоид имаше позитива, воден од Бинго со четири гола, нашиот тим обезбеди 12:5, а потоа со серија од пет гола, замина и на 17:6 во 20. минута. Прилеп имаше проблем со техничките грешки, но енигма за нив беше и нашиот голман Марко Кизиќ кој фати 13 топки во првото полувреме по кое резултатот гласеше 23:13.

Вториот дел беше само рутина и даде шанса тренерот Кирил Лазаров да ротира и да им даде шанса на сите ракометари. Сите играчи кои се најдоа на теренот се запишаа во листата на стрелците, освен дефанзивецот Никола Маркоски и голманот Иван Галевски. Најдобар стрелец во победата беше Никола Костески со седум гола, пред Мартин Серафимов, Игор Ѓорѓиев и Франциско Оливеира со по пет гола.

Следното суперлигашко коло за РК Алкалоид носи гостување кај ГРК Тиквеш

Вести

Хрватската легенда Мирза Џомба гостин на РК Алкалоид

Мирза Џомба, иконата на хрватскиот ракомет го посети нашиот РК Алкалоид во Скопје и беше присутен на тренингот на првата екипа. Неговата присутност на тренингот беше инспиративна, а имаше и кратки средби и запознавање со нашите ракометари.

Мирза Џомба е освојувач на златен медал од Светско првенство и Олимписки игри со легендарната генерација на хрватската репрезентација. Своевремено беше соиграч со нашиот тренер Кирил Лазаров во хрватски РК Загреб и унгарски Веспрем.

По завршувањето на кариерата во спортот е активен во медиумскиот дел, па за време на престојот во Скопје, ќе сними и епизода од својата ТВ емисија „(Не)успјех првака“ во која специјален гостин ќе биде Кирил Лазаров.

Вести

РК Мулти Есенс со победа ја почна новата сезона

​РК ЈЕХОНА – РК МУЛТИ ЕСЕНС 22-36 (12-14)
Сала: „Младост“ во Гостивар. Судии: Сашо Јанкуловски и Мартин Јовановски. Делегат: Гордана Ѓорѓеска
РК ЈЕХОНА: Кизиќ 1, Давидоски 5, Костовски 2, Фичуроски 2, Јованоски, Тасески 4, Селмани 1, Стрезоски 1, Рушити, Салиу 1, Димитриески 1, Шазивари, Ѓорѓески, Е. Селмани, Махајлоски 4, Николоски
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Трајковски, Крстевски 5, Поповски 3, Ѓокески 2, Ангелевски, Насевски, Илиевски, Пецановски, Каракалашев 3, Николовски, Трајчев 1, Стојков 10, Гурмешевиќ 8, Трајковски, Тевдовски, Петрески 1
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 16 мин.

РК Мулти Есенс со комплетно реновиран и подмладен тим во кој оваа сезона главниот збор ќе го имаат ракометарите кои настапуваат во кадетска и јуниорска конкуренција, со победа ја почна новата сезона.
РК Мулти Есенс во првото коло гостуваше кај екипата на Јехона во Гостивар и победи со убедлива разлика од 14 гола (36-22).
Нашиот млад тим демонстрираше игра со брза транзиција во која набрзина во првиот дел поведе со осум гола разлика (12-4). Но, домашниот состав успеа да се врати во игра по лошиот старт и во следниот период намали на 10-12 и се „закани“ со комплетен пресврт.
РК Мулти Есенс не дозволи поголемо резултатско приближување. Следеше нов бран и контрола одново беше воспоставена, а водството порасна на 18-12, а прв пат двоцифрена разлика беше при резултат 26-16.
На крајот, разликата беше убедлива, конечниот резултат 36-22 и нашиот тим ги запиша првите бодови.
Во следното коло, РК Мулти Есенс на домашен терен го пречекува тимот на РК Аеродром.