Вести

РК Алкалоид со победа ја заврши годината

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 28-33 (12-16)
Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Љупчо Јаневски
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Трајкоски (8 одб), Стојаноски (1 одб), Субашевски 4, Тодески, Георгиевски 1, Николов 3, Новаковски, Спасовски 4, Т. Узунчев 5, Д. Узунчев 7, Киселовски, Каевски, Михајловиќ 2, Козакаи,Зенговски, Гришкишкавили 1
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (4 одб), Галевски (7 одб), Џонов 3, Тордарсон, Маркоски, Никола Костески 8, Серафимов 7, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Ѓоргиев, Велковски 4, Ивановски, Ненад Костески 2, Боразш 3, Аларов
Седмерци: 10/11 Исклучувања: 6 мин.


РК Алкалоид со победа ја заврши 2025 година, откако во 18 коло, последно годинава, на гостински терен го совлада градскиот ривал РК Бутел Скопје.
РК Алкалоид одлично го отвори натпреварот, со силен притисок врз домашниот тим и веќе по пет одиграни минути имаше водство од 4-0.
Потоа се воспостави резултатски баланс на теренот, со тоа што РК Алкалоид постојано водеше со три до пет гола разлика (8-3, 10-6, 13-8 ), а во 25 минута од првото полувреме го запиша и највисокото водство од 17-10.

На полувреме резултатот беше 18-12 за РК Алкалоид, а во вториот дел, домашните почнаа поактивно, успеаја да намалат на 17-21, но веднаш потоа ракометарите на РК Алкалоид се вратија на побезбедна дистанца (25-19).
Потоа до крајот на натпреварот, ракометарите на РК Алкалоид го контролираа резултатот и ја запишаа тринаесеттата првенствена победа сезонава.
Следна на ракометната сцена е машката сениорска репрезентација. РК Алкалоид е сочинува базата на репрезентацијата, а избраните ракометари ќе играат важна улога на ЕП 2026.

Вести

Убедлива победа на последниот домашен меч годинава

РК АЛКАЛОИД – МРК КУМАНОВО 42:25 (20:12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегат: Бобан Мајнов
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов 5, Серафимов 6, Карасманакис, Стојковиќ 4, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Ивановски 2, Ненад Костески 5, Петковски 6, Д. Митев 3, Боразш 6, Трајкоски 1, Аларов 1, Ѓорговски
Седмерци: 6/6 Исклучување: 12 мин.
МРК КУМАНОВО: Мартинез, Димевски 4, Димитров 1, Вујичевски, Цветсковски, Цековски 4, Стојановски 2, Радојичиќ 4, Трајковски, Лазаревски, Крстаноски 1, Стојков 5, Ончев, Михајловски
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид со домашната публика се поздрави со убедлива победа над екипата на МРК Куманово. На последниот домашен меч годинава, РК Алкалоид запиша триумф од 42:25 над гостинскиот состав од Куманово на натпревар на кој имаше целосна резултатска контрола.
Помалку од десет минути резултатот беше со мала разлика (4-3), а потоа почна да се одлепува резултатски РК Алкалоид и во 14 минута беше 10-5, во 24 беше 17-10, на полувреме 20-12.
Не беше многу различно ниту во второто полувреме. Во 38 минута прв пат беше двоцифрена разликата (25-15). Потоа меѓу 10 и 11 гола водеше РК Алкалоид до 53 минута (35-24) и со уште еден посилен бран во финишот разликата беше зголемена на конечните 17 гола разлика (42-25).

Вести

Сигурна игра и нови гостински бодови за РК Алкалоид

РК ПРИЛЕП – РК АЛКАЛОИД 33-39 (16-19)
Сала: „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп. Судии: Виктор Андонов и Александар Вукашиновски. Делегат: Зоран Кимовски
РК ПРИЛЕП: Ангелески, Тренчевски 2, Кастратовиќ 1, Рајатоски 1, Адамчески, Крстески, Илиески 2, Димитриоски 10, Шабановиќ 9, Христоски, Цветаноски 4, Квастек 4, Лековиќ, Стоилески, Соколоски, Лазоски
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов 6, Тордарсон 1, Маркоски 1, Никола Костески 5, Серафимов 7, Карасманакис 3, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Велковски 2, Ненад Костески 3, Д. Митев 2, Борзаш 3, Аларов
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 12мин.

РК Алкалоид со победа се враќа и од гостувањето во Прилеп каде што во натпревар од 16 коло го совлада домашниот РК Прилеп со резултат 39-33.
РК Алкалоид важеше за фаворит во пресрет на натпреварот и ја оправда таа улога и на теренот во прилепската сала „Ристе Ристески Ричко“. Домашниот состав се прикажа во борбено издание со кое не беше резултатски инфериорен во првото полувреме. РК Алкалоид диктираше резултат, но разликата не беше висока, водство претежно беше од два до четири гола разлика во текот на сите 30 минути.
На полувреме беше 19-16 за РК Алкалоид, а веќе на стартот на вториот дел со серија од 5-0, РК Алкалоид дојде до предност од 24-16 и од тој момент разликата се движеше меѓу 6 и 8 гола разлика, до конечните 33-39.

Вести

РК Алкалоид убедливо го совлада РК Радовиш

РК АЛКАЛОИД – РК РАДОВИШ 45-25 (23-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Владимир Саздовски
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Николовски, Џонов 5, Маркоски 2, Никола Костески 3, Карасманакис 1, Ѓоргиев 6, Велковски 2, Симоноски 1, Ивановски 3, Петковски 5, Боразш 3, Трајкоски 1, Аларов 4, Ѓорговски 5
Седмерци: / Исклучувања: 8 мин.
РК РАДОВИШ: Паунов, Ристов, Димов, Петров 6, Постолов 5, Трајчевски 5, Ацев, Јанковски, Табаков 1, Велков, Трајанов, Каковски, Ѓоргиев 1, Ончев 1, Јованов, Костадинов 1
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

На натпреварот со РК Радовиш што се одигра во салата „Автокоманда“ во Скопје, РК Алкалоид ја запиша десеттата првенствена победа, убедлива изразена со 20 гола разлика (45-25).
РК Алкалоид на овој натпревар настапи без неколку стандардни ракометари, па шанса да играат добија и играчи од поширокиот ростер.
Резултатски тоа не се одрази негативно. Гостинскиот состав беше рамноправен во првите десет минути од натпреварот, а потоа разликата почна полека да се зголемува до конечните 23-15 на полувреме.


Во вториот дел, до поголем израз дојде и физичката спремност, разликата континуирано растеше и натпреварот заврши со голема победа од 20 гола разлика.
Во следното коло, РК Алкалоид ќе игра на гостински терен со екипата на РК Прилеп.

Вести

РК Алкалоид се враќа со бод од дербито во Битола

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 26-26 (17-13)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (13 одб), Хеидарирад, Манасков 9, Видомски 3, Ристевски 1, Хакбарт, Тајник 2, Хенигман, Радивојевиќ 3, Кузмановски 5, Кајаџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 2, Хосни 1, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 6/8 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов, Тордарсон 1, Маркоски, Никола Костески, Ненад Костески, Серафимов 4, Карасманакис 1, Стојковиќ 8, М. Митев 4, Ѓоргиев 6, Велковски 1, Д. Митев, Борзаш 1, Аларов
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид и РК Еурофарм Пелистер втор пат сезонава на меѓусебните дерби натпревари ги поделија бодовите.
Вечерва во Битола, во рамките на 14 коло од Суперлигата, РК Алкалоид покажа карактер и квалитет и во беспоштедна борба во која неизвесноста траеше до последната секунда одигра нерешено (26-26) и дома се враќа со голем бод.

Домашниот состав бодрен од полните трибини во салата „Боро Чурлевски“ успеа да поведе со 6-3 на почетокот на натпреварот, но РК Алкалоид имаше свои адути. Со добра трансформација од одбрана во напад, одбрана поддржана од Марко Кизиќ кој имаше одличен вовед и Игор Ѓоргиев кој без промашување постигна пет од следните седум гола на РК Алкалоид, веднаш беше воспоставена резултатска рамнотежа која траеше до 20 минута од натпреварот.
Потоа РК Алкалоид не искористи неколку шутеви во серија, што домашниот состав го претвори во резултатска предност од максимални пет гола (17-12), а на полувреме резултатот беше 17-13.

Ритамот од крајот на првото полувреме се преслика и во првите 10 минути од вториот дел, во кој ракометарите на РК Алкалоид одново имаа неколку неуспешни обиди да го совладаат домашниот голман и во 40 минута, противникот имаше максимална предност од 23-16.

Но, РК Алкалоид покажа карактер, не се распадна пред еуфоричниот амбиент и налетот на домашниот состав и почна да го менува односот на силите на теренот.
Голманот Иван Галевски имаше важна улога во минутите што следеа, а одлична партија одигра и пикерот Марко Стојковиќ кој на крајот беше и најдобриот стрелец во тимот.
Сепак, колективот беше пред сѐ, одбраната ги затвори приодите кон голот, одново се разигра нападот по 10 минути, во 40 минута со голот на Мартин Серафимов за 22-24, РК Алкалоид одново беше во игра за бодови.

Во драматичната завршница, во која нападите и на едната и на другата страна најчесто завршуваа со седмерец, клучна улога одиграа Мартин Серафимов и Иван Галевски. Серафимов непогрешливо реализираше, а Галевски успеа да одбрани два од трите пенали досудени во последните три минути од кој последниот беше одбранет при нерешен резултат на само четири секунди до крајот.

Вести

Костески се врати, РК Алкалоид го победи ГРК Тиквеш

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 33-24 (14-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (14 одб.), Галевски, Џонов 1, Тордарсон 2, Маркоски, Никола Костески 5, Серафимов 5, Карасманакис 3, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 4, Велковски 1, Ненад Костески 6, Д. Митев 1, Аларов, Ѓорговски
Седмерци: 5/5. Исклучувања: 2 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Панов (3 одб.), Печурица (8 одб.), Христоски 1, Магду 5, Стојановски 2, Цејовиќ, Велков, Петревски, Димовски 1, Лазов 1, Тајник 1, Коцев 3, Симиќ 1, Цветковски 5, Мијушковиќ 4, Гришикашвили
Седмерци: 6/7. Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ги освои бодовите од мини дербито во Суперлигата во кое гостин во „Автокоманда“ беше екипата на ГРК Тиквеш (33-24). Овој меч беше посебен за РК Алкалоид затоа што по повеќемесечна пауза во составот се врати Никола Костески кој успешно се рехабилитираше по повреда.

РК Алкалоид рано ја презема контролата врз играта и по само осум минути поведе со четири гола разлика (7-3), но не ја продолжи серијата туку влезе во серија од грешки и осум минути не постигна гол, а противничката екипа за тоа време комплетно се врати во натпреварот и со серија од 6:0 премина во водство од 9-7. Следеше брзо враќање на 9-9, но одново изостана континуитетот, па натпреварот влезе во ритам гол за гол по што на полувреме резултатот беше 14-13 за РК Алкалоид.

Во второто полувреме нашата екипа почна да го користи најсилното оружје – контрата. Неколку брзи голови во низа по добри реакции во одбраната донесоа комотни 21-15 на влезот во 40-тата минута и така тимот не дозволи во ниту еден наврат драма каква што имаше претходно со ривалот во Автокоманда. На крајот, победата изнесуваше девет гола разлика.