Вести

Девет победи од девет меча за РК Алкалоид


РК ПРОЛЕТ 62 – РК АЛКАЛОИД 26-39 (15-20)

Сала: Македонско сонце во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Делегат: Ацо Николовски
РК ПРОЛЕТ 62: Трајков, Тотиќ 1, Глигоров 1, Димковски, Додевски, Даскаловски, Шилегов 1, Андоновски 5, Бакар 4, Мајнов 2, Стојановски 7, Стојчевиќ, Младеновски, Јачев, Палевски 4, Спасовски 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 1, Трајкоски, Џонов 4, Маркоски, Младеновиќ 1, серафимов 6, Карасманакис 2, Стојковиќ 1, Митев 5, Валковски 1, Симоноски 4, Бинго 5, Франциско 3, Петковски 3, Савревски 3
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 4 мин.


РК Алкалоид ја запиша деветтата суперлигашка победа сезонава, вечерва, на натпреварот со екипата на РК Пролет 62, на гостински терен (39-26). Ова е вкупно 12 победа од 12 одиграни фоцијални натпревари од почетокот на сезоната и на сите тие средби досега РК Алкалоид постигна повеќе од 30 голови.

РК Алкалоид вечерва беше фаворит во однос на екипата на РК Пролет 62 и ја оправда улогата. Домашните се прикажаа во борбено издание, но не можеа да го следат ритамот што го наметна РК Алкалоид, па рамнправни беа само во првите десетина минути.

РК Алкалоид прв пат покомотно водство имаше по десеттата минута 9-5. Потоа следуваше кратко враќање на домашните (8-11), но веднаш имаше и одговор од РК Алаколоид во вид на нова серија и водство од 15-8. До крајот на полувремето се играше израменто, а на одмор се замина со резултат 20-15 за РК Алкалоид.

РК Алкалоид комплетно доминираше во второто полувреме, особено во вториот дел од второто полувреме. Разликата од пет-шест гола беше актуелна во воведните минути, а потоа нагло почна да доаѓа до резултатски израз начинот на кој игра Алкалоид, па во финишот прв пат стана десет гола разлика при резултат 35-25, а потоа разликата се искачи и на конечните плус 13.

Мартин Серафимов со шест, Марко Митев и Арно Бинго со по пет погодоци беа најефикасните играчи на РК Алкалоид.


Следниот натпревар, РК Алкалоид ќе го игра во петок (1.11.2024), на домашен терен во „Автокоманда“ против екипата на МРК Куманово.

Вести

Лазаров: Одиме на победа и на вториот меч

РК Алкалоид денеска во литванскиот град Клаипеда ќе се обиде да стигне до својата прва европска победа на гостински терен. На првата средба во Скопје, РК Алкалоид славеше убедлива победа од 11 гола разлика (42-31), но целта не е само да се одбрани разликата и да се обезбеди пласман во следното коло, туку да се извојува уште една победа над брзата екипа на Клаипеда Драгунас.
Екипата од вчера е во Литванија, одработи еден тренинг во салата во која ќе се игра натпреварот и се запозна со амбиентот во домот на литванските „змејови“.
Стручниот тим и ракометарите се оптимисти во поглед на исходот на реванш натпреварот, без оглед што имаа напорна недела во која веќе одиграа два меча, а сега одново ги чека наттрчување со литванскиот состав и тоа во нивната сала.
Натпреварот почнува во 15:00 часот.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА РК АЛКАЛОИД
Очекувам тежок натпревар затоа што во шест дена ќе играме три натпревари и тоа не какви било, туку два натпревари од Европски Куп и еден дерби меч со Еурофарм Пелистер, а имаме едно долго патување. Свесен сум дека нема да биде лесно. Имаме хендикеп со повредата на Никола Костески, тоа треба да го споменеме. Внимателен сум, затоа што публиката во Автокоманда, виде, имаме за противник екипа што сака да игра, сака да се наттрчува цел натпревар. Анализиравме и видовме дека во 48 минута беше само шест разлика, а во 54 беше 13 разлика. Можеше да биде поинаку, можеби малку е нереален резултатот.
Имаме голема залиха, но тоа не треба да не опушта, ќе се потрудиме да бидеме квалитетни и да одиме на победа, тоа ни е целта.


Ќе биде доста неизвесно до крај, посакуваме победа, но ќе мораме да ја заслужиме. Ќе треба добро да се испотиме за да победиме, а тоа нема да биде едноставно, затоа што, реков, за шест дена играме трет силен натпревар, а имавме и долго патување. Момците се спремни, но и се исцрпени, затоа што одиграа два одлични натпревари и малку се емотивно истрошени по радоста што ја имаа по двете средби.
Ќе треба многу да трчаат, свесни сме за тоа во стручниот штаб и ќе направиме сѐ за да излгедаме добро и да победиме и сега.

ИВАН ГАЛЕВСКИ, РАКОМЕТАР НА РК АЛКАЛОИД
Победата од првиот меч од 11 гола разлика е голема, но не мора да значи ништо за тоа кој ќе победи на реванш мечот. Драгунас е квалитетна екипа што трча 60 минути и сигурно ќе бидат дополнително мотивирани по високиот пораз во Скопје.
Затоа ние ќе бидеме максимално фокусирани, мотивирани и сконцентрирани. Нема да браниме разлика, туку ќе одиме на победа, како и секогаш така и на овој натпревар.

Вести

Голема победа на РК Алкалоид на суперлигашкото дерби

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 32-25 (16-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегати: Марјан Начевски и Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (8 одб), Галевски (1 сед), Џонов, Маркоски, Костески 5 (2), Младеновиќ, Серафимов 8 (4), Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Митев 2, Ѓоргиев 3, Велковски 4, Симоноски 1, Бинго 6, Силва, Петковски
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 14 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (11 одб), Ивиќ, Манасков 3, Цехте, Ристевски 2, Ц. Кузманоски 1, Тајник, Борзаш, Радивојевиќ 2, Ф. Кузмановски 12 (6), Абутовиќ, Пешевски 1, Ѓорговски, Хосни 1, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја запиша осмата првенствена победа од исто толку одиграни натпревари, а таа е посебно важна затоа што е извојувана на дерби натпревар со актуелниот првак РК Еурофарм Пелистер.
РК Алкалоид на премиерниот меч од сезоната, на Суперкуп дуелот исто така славеше победа над РК Еурофарм Пелистер, но вечерашниот натпревар имаше сосема поинаков ритам, тек и конечен епилог.


РК Алкалоид почна брзо, одбраната функционираше на добро ниво и за само пет минути успеа да направи резултатска предност од три гола разлика 4-1. Голманот на битолскиот состав, репрезентативецот Никола Митревски успеа да скроти неколку напади во продолжение, а гостинските ракометари тоа го материјализираа и успеаја да се вратат резултатски во игра.
Никола Костески и Арно Бинго играа одличен натпревар во оваа фаза, а екипата брзо се консолидираше и најмногу што гостите успеаја да направат е израмнување на 6-6. Веднаш потоа следеше одговор и два гола во мрежата на РК Еурофарм Пелистер за ново водство од два гола разлика (8-6), а потоа таа разлика од еден-два гола беше актуелна десетина минути.
РК Алкалоид играше одличен меч, колективот функционираше на високо ниво, па наскоро следеше нов добар период по кој резултатот се искачи на 14-9.
Таа разлика ја одржа до крајот на првиот дел, по кој на семафорот беше 16-12.

Во второто полувреме, добрата колективна игра на РК Алкалоид уште еднаш даде резултат, па водството порасна и на шест-седум гола разлика, а мечот се играше во ритам гол за гол.
Пех за РК Алкалоид на денешниот натпревар е повредата на Никола Костески кој во 38 минута мораше да го напушти теренот.
Ритамот не се промени, нивото на игра остана високо и наскоро РК Алкалоид поведе и со максимални осум гола разлика (30-22).


До крајот на натпреварот бодрени од расположената публика, ракометарите на РК Алкалоид контролираа сѐ на теренот и запишаа убедлива победа од седум гола разлика.
Со оваа победа РК Алкалоид ја одбрани и разликата од два бода на првото место на табелата пред другите суперлигашки ривали.
Следниот натпревар за РК Алкалоид е закажан во сабота, во литванскиот град Клаипеда, каде што ќе го игра реванш мечот од второто коло на ЕХФ Европскиот Куп. Резултатот од првата средба е 42-31 за РК Алкалоид.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА АЛКАЛОИД:
Вистинско дерби, одигравме многу квалитетно, ова е можеби една од нашите најдобри партии. Еурофарм Пелистер, беше под своите можности, не знам дали можеби и ние придонесовме за тоа или се малку уморни од натпреварите во Лигата на шампионите. Јас сум го играл ова и знам дека не е лесно, да се игра ваков натпревар, а веќе со мислите да си и на дуелот со Веспрем. Ние имаме максимална почит кон нив, нивниот цел тим.
Среќни сме и задоволни, реков уште по натпреварот со Клаипеда, задоволен сум од тоа како функционираме. Некој ја чувствува и вреднува таа победа, некој не, но јас почувствував дека тоа е тоа. Се одморивме, се потспремивме за ден – ден и пол.
На сите играчи им симнувам капа, на сите како тим. Им кажав дека не ми е важно кој ги постигнува головите, важно е да функционираме како тим. И засега е така и се надевам дека ќе продолжиме така“, изјави Лазаров.


Вести

Успешен старт на РК Алкалоид во ЕХФ Европскиот Куп

РК АЛКАЛОИД – КЛАИПЕДА ДРАГУНАС 42:31 (18:12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ердоган Витаку и Арсим Витаку од Косово. Делегат: Искандар Азгаров од Азербејџан
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (1 одб), Галевски 1 (9 одб), Џонов, Маркоски, Костески 10, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис 1, Стојковиќ 4, Митев 5, Ѓоргиев 4, Велковски, Симоноски 1, Бинго 9, Петковски, Савревски,
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 10 мин.
КЛАИПЕДА ДРАГУНАС: Пакалнискис (9 одб), Коржук 1, Одиноков 2, Симонавичиус 4, Бучиус 2, Љапинаискас 4, Пуликас, Јускенас 2, Драксас 1, Цесна 1, Сматаускас 4, Буткус 6, Кајрус, Плахотињ, Стропус 4
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид успешно стартуваше во ЕХФ Европскиот Куп и ја запиша својата втора европска победа. Вечерва на првиот меч од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид ја совлада екипата на Клаипеда Драгунас од Литванија со убедлива разлика од 11 гола.

Натпреварот имаше брз ритам од првиот момент, игра што му одговараше и на РК Алкалоид кој преферира да игра ракомет со многу трчање и брза транзиција. РК Алкалоид поведе 3-1, но и гостинскиот состав покажа дека има квалитет во нивните редови и дека добро се снаоѓа во натпревар со брз ритам, па во следните десет минути се играше израмнето.


Откако помина почетното испитување на силите и одбраната на РК Алкалоид стана посигурна и поцврста, почна да се прави и резултатска разлика. Одлична партија имаше голманот Иван Галевски кој имаше неколку успешни интервенции, по кои беа постигнати и лесни голови и РК Алкалоид почна да влегува во препознатлив ритам. Одличен натпревар одиграа и крилните играчи Костески и Бинго кои предничеа во транзиција и постигнуваа атрактивни погодоци.

По 15 минута, следеше најефективниот период во играта на сино-белите кои од резултат 9-9, дојдоа до водство од 17-10 и тоа му даде сосема поинаков тон на натпреварот.
На крајот на првиот дел резултатот беше 18-12, а во второто полувреме ритамот на играње остана ист. Гостите се обидоа и со подлабока зона и не го намалија темпото па брз ракомет се играше до крајот на натпреварот.
РК Алкалоид водеше од шест до девет гола разлика во оваа фаза од средбата, а во 50 минута беше 33-24. Разликата прв пат стана двоцифрена во 52 минута (35-25). Потоа стигна и до максималните 12 гола разлика, за на крајот средбата да заврши со резултат 42-31.

Вести

Победа во Велес за прво место на табелата

РК БИСИНОВ ФРУИТЛЕНД – РК АЛКАЛОИД 22-40 (9-18)
Сала: „Гемиџии“ во Велес. Судии: Сашо Јанкулоски и Мартин Јовановски. Контролор: Душко Камишевски
РК БИСИНОВ ФРУИТЛЕНД: Паунов, Димов 1, Стојановски 1, Трајковски 5, Ивчевски, Иванов, Димитров 1, Заров, Табаков, Сиљанов, Солев, Илиев 7, Ристевски 2, Стојменов 1, Ончев 4, Митревски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 3, Петров 2, Маркоски, Костески 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис 1, Митев 7, Велковски 2, Симоноски 4, Бинго 2, Силва 4, Петковски 6, Савревски 3
Седмерци: 1/2 Исклучувања: –

РК Алкалоид ја запиша и седмата победа на седмиот одигран натпревар во годинешната Суперлига. На гостински терен во Велес, РК Алкалоид беше подобар од домашниот тим РК Бисинов Фруитленд и сега во исчекување на епилогот на дербито што во недела во Битола ќе го играат екипите на РК Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид, го презема првото место на табелата.

Вечерва во Велес, РК Алкалоид стартуваше посилно, веднаш до израз дојдоа разлики во играта на двата тима, а резултатот за кратко време стана 7-2. Потоа се смири пулсот на натпреварот, но остана разликата која се движеше меѓу четири и пет гола разлика. Велешани во еден момент намалија и на минус три (8-11), но веднаш следеше одговор од нашиот тим во вид на серија од 5-0 и најголемо водство до тој момент од осум гола разлика (16-8).
На полувреме резултатот беше 9-18.

Првиот гол во второто полувреме беше за плус 10 разлика, прв пат на натпреварот, а потоа тие рамки се движеше резултатот се до средината на полувремето. Потоа до поголем израз и подготвеноста, па предноста продолжи да расте се до конечните 40-22.

Вести

Продолжи победничката низа, шеста победа по ред за РК Алкалоид

​РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 35-20 (17-7)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Контролор: Илија Цветкоски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Трајкоски, Џонов 2, Петров, Костески 13, Младеновиќ 4, Серафимов 1, Карасманакис 1, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Симоноски, Бинго 5, Силва 2, Петковски 1, Савревски 2
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.
РК СТРУГА: Тутенкоски, Мечкароски, Џигероски 2, Наумоски, Кленковски, Јанкуловски, Клењоски, Симоноски, Великиќески, Матески, Савески 2, Ф. Мечкароски 4, Костоски 3, Мијушковиќ 6, Пајкоски 3, С. Мечкароски
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја запиша шестата победа од шест одиграни натпревари во суперлигашката конкуренција. На последниот натпревар од шестото коло, гостин во Автокоманда беше екипата на Струга, а натпреварот заврши со убедлива победа на РК Алкалоид.

РК Алкалоид целосно ја оправда улогата на фаворит и уште од почетокот на натпреварот ја имаше комплетната контрола врз настаните на теренот. Во воведните минути поведе со седум гола разлика (9-2) и потоа со помирен ритам ја одржуваше дистанцата, а и го зголеми водството. Во овој дел се најефикасен беше крилниот играч Никола Костески кој првиот дел од натпреварот го заврши со девет постигнати гола, а резултатот на полувреме беше 17-7.


Во второто полувреме се играше резултатски израмнето, со тоа што РК Алкалоид имаше водство од 8-10 гола разлика, а во вториот дел од полувремето уште еднаш влезе во серија (9-1) и на крајот победата беше изразена со 15 гола разлика.

Во следното коло, РК Алкалоид ќе гостува на РК Бисинов Фруитленд, а потоа го очекува и првиот натпревар од ЕХФ Куп на домашен терен против Клаипеда Драгунас од Литванија.