Вести

РК Алкалоид со два бода влегува во Плејоф

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 29-26 (17-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 1, Трајковски, Џонов, Петров 1, Младеновиќ, Серафимов 8, Стојковиќ, Ѓоргиев 4, Велковски 4, Ивановски 6, Бинго 1, Франциско 1, Петковски 2, Савревски 1, Гарбески
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.
ГРК ОХРИД: Чаневски, Ојлески 4, Јукиќ 3, Ристевски, Ристески, Тасески, Сафранко 2, Јотиќ, Кукоски, Пешиќ 4, Кукуловски, Орјоникидѕе 9, Винисиус 2, Цирар 2, Ѓоргески
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид во Плејоф разигрувањето за шампионската титула во македонската Суперлига ќе стартува со два бода на салдото, заработени со 20-те остварени победи во регуларниот дел од сезоната. Вечерва во последното коло од првата фаза на натпреварување, нашиот тим ја совлада екипата на ГРК Охрид со 29-26 и шампионатот го заврши со исто остварување како и екипите на РК Е. Пелистер и РК Вардар 1961.
Вечерва во „Автокоманда“ гостуваше ГРК Охрид, а пред почетокот на натпреварот беше оддадена почит за настраданите во трагедијата во Кочани.
РК Алкалоид настапи без неколку ракометари на овој меч, но тоа не се одрази на начинот на кој игра екипата, а финално ниту на конечниот резултат.


Нашиот тим подобро отвори и ја контролираше резултатски средбата, иако и гостинскиот состав се покажа во борбено издание и беше резултатски блиску во првите 15 минути од средбата.
Во 18 минута, гостинскиот бек Никола Јукиќ опасно стартуваше врз Иван Џонов. Епилог на овој фаул беше црвен картон за ракометарот на ГРК Охрид, но и Иван Џонов веќе не се врати на теренот до крајот на мечот.
Играта на Алкалоид беше течна, резултатот почна да расте во полза на нашиот состав и по одличниот финиш, на полувреме се замина со резултат 17-12 за РК Алкалоид.
Неколку несвојствени технички грешки во низа го вратија резултатски во игра гостинскиот состав во второто полувреме и тие успеаја да израмнат на 18-18.
Но, брзо ја вратија концентрацијата сино-белите. Расположениот голман Благојче Трајкоски и спретниот Мартин Ивановски го поведоа тимот кон посигурен период во кој одново дистанцата беше безбедна, најчесто на три гола. Времето одминуваше, разликата се стабилизираше и конечно РК Алкалоид запиша победа од 29-26.


Утре ќе бидат извлечени натпреварувачките броеви за Плејоф шампионатот, а пред да почне вториот дел на сезоната, РК Алкалоид, во недела ќе го одигра реванш натпреварот од 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп против романскиот состав Минаур Баја Маре. Првата средба одиграна викендов во Романија заврши без победник, 31-31.

Вести

Без победник на дуелот во Баја Маре

РК МИНАУР БАЈА МАРЕ – РК АЛКАЛОИД 31-31 (19-15)
Сала: „Ласкар Пана“ во Баја Маре, Романија. Судии: Анатоли Новиков од Украина и Миндаугас Гателис од Литванија.
РК МИНАУР БАЈА МАРЕ: Ал Кафаги, Тереков, Наѓ 4, Чис, Ботеа 2, Раколта, Кумпаничи 4, Далин 4, Котрц 3, Синку, Козакевич 4, Бурзак 4, В. Поп, Е. Поп 4, Да Силва 2, Фотаче

Седмерци: 4/7 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов, 7 Стојковиќ, Ѓоргиев 4, Ивановски, Бинго 2, Велковски 2, Франциско 5, Петковски 7, Савревски

Седмерци: 5/5 Исклучувања: 10 мин.

Со едноминутно молчење и со црни ленти на ракавите поради трагедијата што се случи во Кочани, ракометарите на РК Алкалоид во Романија ја одработеа својата европска задача и го одиграа првиот 1/4 финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против РК Минаур Баја Маре.
По 60 минутна битка, натпреварот заврши без победник, нерешено 31-31, со тоа што домашниот состав го постигна израмнувачкиот гол од седмерец по истекот на времето поради прекршок направен на спротивната страна на теренот.

На овој епилог му претходеше развој на настани во кој домашниот состав водеше во првото полувреме и го доби тој дел со разлика од четири гола (19-15). Во второто полувреме, многу подобар противник беше РК Алкалоид. На шест минути до крајот РК Алкалоид водеше со 27-24, во последните две минути беше 31-29 за РК Алкалоид пред да бидат поставени конечните 31-31.
Александар Петковски и Мартин Серафимов со по седум постигнати голови беа најефикасните играчи на натпреварот.
Следната недела, на 30 март во Скопје ќе игра реванш натпреварот по што ќе биде познат и патникот во полуфиналето.

Вести

Сигурна победа на РК Алкалоид во Куманово

МРК КУМАНОВО – РК АЛКАЛОИД 27-41 (10-19)
Сала: „Перо Наков“ во Куманово. Судии: Спаско Ќаев и Глигор Ќаев. Контролор: Владимир Саздовски

МРК КУМАНОВО: Трајковски, Димевски 6, Соареш 2, Димитров, Вујичевски, Цветковски, Јакимовски, Стојановски 2, Лазаревски, Хен 7, Матаичиќ, Да Силва 4, Митревски, Симоноски 3, Михајловски, Арсовски

Седмерци: 2/4 Исклучувања: 2 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 2, Карасманакис 4, Стојковиќ 4, М. Митев 3, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски 1, Франциско 2, Петковски 12, Д. Митев 3, Савревски 1

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид на своето последно гостување од првата фаза од шампионатот играше во Куманово, кај истоимениот домашен тим. Сино-белиот состав ја запиша својата 19 првенствена победа и без оглед на резултатот во последното коло, на крајот на овој дел од првенството ќе биде во Топ 3 екипите.

Вечерва во Куманово, РК Алкалоид ја имаше контролата уште од почетокот на натпреварот. Поведе со 4-1, малку подоцна беше 7-1, па 10-5, пред да биде воспоставена рамнотежа на теренот.
Домашниот состав во својот најдобар дел, успеа да намали на 7-10, но тука беа запрени, а РК Алкалоид продолжи да ја зголемува разликата која на полувреме беше 19-10.

Веднаш на стартот на вториот дел, РК Алкалоид стекна и двоцифрена предност (20-10). Иако прашањето за победник не се поставуваше на овој дуел, средбата продолжи во игра гол за гол, со тоа што разликата најчесто беше девет или 10 гола разлика.

Не можешетој ритам да одржат до крајот домашните ракометари, па разликата во финишот на натпреварот се зголеми на конечните 14 гола (27-41).

Александар Петковски со 12 постигнати погодоци беше најдобриот стрелец за РК Алкалоид, пред Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис кои постигнаа по четири гола.

Следниот првенствен натпревар на РК Алкалоид е на домашен терен против екипата на ГРК Охрид, а претходно ќе ги одмери силите со романската екипа Минаур Баја Маре во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп.

Вести

Убедлива победа на РК Алкалоид над РК Пролет 62

РК АЛКАЛОИД – РК ПРОЛЕТ 62 35-26 (14-10)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Контролор: Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис 1, Стојковиќ, М. Митев 1, Ѓоргиев 4, Велковски, Ивановски 5, Петковски 6, Д. Митев 11, Савревски 1
Седмерци: 9/9 Исклучувања: 8 мин.

РК ПРОЛЕТ 62: Даскалоски, Петковски, Фичорски 2, Јовевски 1, Глигоров 1, Василевски, Додевски 1, Шилегов 2, Андоновски 3, Мајнов 3, Дрпљанин 1, Стојановски 5, Стоилевски 3, Атанасовски 1, Палевски 3, Спасовски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин. 

РК Алкалоид ја запиша својата 18 првенствена победа, извојувана на дуелот со екипата на РК Пролет 62 од Скопје, на домашен терен со убедлива разлика од девет гола (35-26) и се врати на првото место на суперлигашката табела во пресрет на натпреврите од 20 коло.

РК Алкалоид со комбиниран состав го одигра овој натпревар, со шанса за поголема минутажа за ракометарите кои вообичаено не минуваат толку минути во игра.

Избраниот тим ја исполни очекуваната цел, славеше убедлива победа во која се индивидуално се истакна Дамјан Митев со 11 постигнати погодоци, следен од Александар Петковски со шест и Мартин Ивановски со пет постигнати погодоци.

Конечниот епилог е одраз на подобрата игра во финишот на првото полувреме и комплетниот втор дел.
Гостинскиот состав резултатски парираше во првото полувреме во кое и имаа водство во одреден дел од натпреварот. Пред крајот на првиот дел, од резултат 10-10, РК Алкалоид со серија од 4-0 стигна до поосетно водство, а воедно и резултатски го „прекрши“ натпреварот.

Во второто полувреме, разликата постепено се зголемуваше. РК Алкалоид имаше стабилно водство од 5-7 гола во текот на целиот втор дел, а во финишот и ја поправи гол разликата.

Пред паузата во првенството поради настапите на репрезентацијата, РК Алкалоид ќе одигра уште еден натпревар, на гости кај екипата на МРК Куманово, а потоа следува последното коло од оваа фаза на Суперлигата, домашниот дуел со ГРК Охрид и натпреварите од 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп против романскиот тим Минаур Баја Маре.

Вести

РК Алкалоид доби противници за 1/4 финале и 1/2 финале на ЕХФ Европски куп

РК Алкалоид со шесте победи извојувани во досегашниот тек на европската сезона се пласираше меѓу најдобрите осум екипи во ЕХФ Европскиот куп, а таму, во ждрепката што беше одржана во Виена, за противници го очекуваа седум екипи кои според квалитетот отскокнаа во досегашните натпревари.

РК Алкалоид во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп ќе се сретне со екипата на Баја Маре од Романија, а победникот од овој двомеч во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу екипите на Олимпијакос од Грција и Рунар Сандефјорд од Норвешка.

Првиот натпревар од 1/4 финалето, според ждрепката, треба да се игра во Романија, терминот е 22/23 март, со реванш предвиден во Скопје во термините 29/30 март.

Ако РК Алкалоид успее да се пласира во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп тогаш првиот натпревар со подобриот од дуелот меѓу Олимпијакос и Рунар ќе го игра на домашен терен на 19/20 април, а реваншот е на гостински терен во термините 26/27 април.

1/4 ФИНАЛЕ:
ЦС Минаур Баја Маре – РК Алкалоид
АЕК – РК Партизан
Олимпијакос СФП – Рунар Сандефјорд
Хаукар – РК Извиѓач

1/2 ФИНАЛЕ:
ЦС Баја Маре – РК Алкалоид против Олимпијакос СФП – Рунар Сандефјорд
АЕК – РК Партизан против Хаукар – РК Извиѓач

Вести

РК Алкалоид без бодови се враќа од дербито

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 33-20 (16-11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Контролори: Драган Начевски и Ацо Николовски
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски 1, Ивиќ, Ристевски, Кузманоски 4, Тајник 3, Борзаш 1, Радивојевиќ 8, Кузмановски 11, Костески, Абутовиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски, Хосни 3, Павле Атанасијевиќ 1, Шабиб 1
Седмерци: 8/10 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски, Бинго, Франциско, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид без бодови се враќа од првенственото дерби што во рамките на 19 коло од Суперлигата го играше против РК Еурофарм Пелистер во Битола.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и поведе со 5-1 во воведните десет минути од средбата, а таквото отворање му даде тек и ритам на натпреварот. Ракометарите на Алкалоид полека излегоа од кризните минути и воспоставија ритам на теренот во продолжението на средбата, во која неколкупати намалуваа на минус три гола (3-6, 9-12), а притоа и пропуштија неколку зицер ситуации за комплетно враќање во игра.
Домашниот тим ги искористи тие моменти и на полувреме беше 16-11.


Во вториот дел, нападот на РК Алкалоид затаи во неколку ситуации во серија, го разбрани противничкиот голман и разликата се зголеми.
Домашниот тим доби ветер во грб од преполните трибини и успеа да воспостави ритам и да одржува резултат што му одговара до крајот на натпреварот.
РК Алкалоид по овој натпревар има уште три средби до крајот на оваа фаза од Суперлигата, а потоа во Плејоф доколку нема подраматични промени на табелата ќе пренесе два бода колку што ќе има и ривалот РК Вардар 1961, додека три бода ќе пренесе РК. Еурофарм Пелистер.