Вести

РК АЛКАЛОИД БЕШЕ ДЕЛ ОД ХУМАНИТАРНИОТ ПИКНИК

Ракометарите и стручниот штаб на РК Алкалоид беа дел од пикникот за вработените на компанијата „Алкалоид“ кој традиционално имаше и хуманитарен карактер. Настанот се организира од 2011 година под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, а се обезбедија 1,8 милиони денари кои преку Црвениот крст ќе бидат наменети за социјалните сервиси за стари лица.

Општествената одговорност е долгогодишен дел од традицијата на компанијата „Алкалоид“. Покрај во спортот, компанијата се залага и за подобрување, унапредување и за развој на заедницата во која дејствуваме

Вести

Нови гостински бодови за РК Алкалоид

РК РАДОВИШ – РК АЛКАЛОИД 23-35 (13-18)
Сала: „25 Мај“ во Радовиш. Судии: Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Ѓорѓи Дучков
РК РАДОВИШ: Паунов, Димов 2, Петров, Постолов 8, Трајчевски 3, Ацев, Јанковски 2, Ристов, Табаков 2, Јовановски, Трајанов, Каковски 4, Ѓоргиев, Ончев, Атанасов, Костадинов 2
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон 6, Маркоски, Серафимов 2, Карасманакис 1, Стојковиќ 5, Ѓоргиев 1, Велковски 3, Симоноски, Ивановски 2, Костески 3, Петковски 1, Борзаш 4, Ѓорговски 5
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид го совлада тимот на РК Радовиш во четвртото коло од Суперлигата и ја верификуваше втората овосезонска победа.
РК Алкалоид подобро го отвори нaтпреварот. Со два воведни гола на Улфар Тордарсон и три последователни на Марко Стојковиќ, скопските сино-бели дојдоа до водство од 5-2, а потоа Мартин Серафимов зголеми на 6-2 пред да се воспостави мала резултатска рамнотежа.
Предноста на РК Алкалоид се зголеми до плус шест (9-3, 11-5), максималната разлика во првиот дел беше седум гола (9-16), а на полувреме резултатот беше 18-13 за екипата на РК Алкалоид.

Домашниот состав се обидуваше да остане што подолго рамноправен резултатски, но и во вториот дел РК Алкалоид ја контролираше играта и полека се одлепуваше, па така во 47 минута за прв пат на натпреварот беше плус 10 (19-29).
Во последните минути од натпреварот главно се играше околу границата од 10 гола, а средбата заврши со конечни 35-23.
Најдобар стрелец во редовите на РК Алкалоид беше Тордарсон со шест погодоци, додека Марко Стојковиќ и Емилијан Ѓорговски постигнаа по пет гола.
Во следното коло, РК Алкалоид на домашен терен ќе го пречека тимот на РК Прилеп.

Вести

Без победник во дербито против РК Еурофарм Пелистер

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 33-33 (15-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 7, Маркоски, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Симоноски 1, Ивановски 1, Костески 3, Петковски 1, Д. Митев 6, Борзаш 5, Аларов 1.
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Хеидарирад, Манасков 6, Цехте 1, Хакбарт 6, Тајник 4, Валид 1, Хенигман, Радивојевиќ, Кузмановски 10, Калајџиески, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 1, Хосни 3, Павле Атанасијевиќ 1.
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 14 мин.

Првото полувреме на мечот во „Автокоманда“ мина во блага иницијатива и контрола на домашните играчи. По пет минути игра РК Алкалоид поведе со два гола разлика, пет минути подоцна беше плус три (7-4). Борбата на теренот беше и за воспоставување на ритамот на играње при што Тордарсон се истакна во домашниот тим со два атрактивни погодоци од транзиција. РК Алкалоид резултатската контрола ја одржа до крајот на првиот дел, во кој битолчани во 20 минута од мечот прв пат израмнија, а истото им успеа и во финишот на првиот дел. На полувреме, сепак, РК Алкалоид замина со гол предност (15-14), откако гостите не погодија во последниот напад.

На стартот на вториот дел РК Алкалоид заигра поагресивна одбрана и му избега резултатски на ривалот. Помогна и одбрана на Галевски, во 37. минута беше 19-15 за избраниците на Кирил Лазаров, највисок плус на мечот. Сепак, две избрзани акции го вратија гостинот во игра, со тоа што противникот спушти на минус два и минус еден, но РК Алкалоид беше константно во водство. Во 46. минута беше 24-22, во последните десет се влезе со 27-25, но мал пад во играта и концентрацијата во клучните моменти, во последните неколку минути и посебно последниот напад, дозволи ривалот да извлече бод во „Автокоманда“ со гол во последната секунда.

Вести

Прва гостинска победа за РК Алкалоид сезонава

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 22-24 (9-14)

Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Ацо Николовски
ГРК ТИКВЕШ: Панов (1 одб), Печурица (2 одб), Велков (3 одб) Магди, Стојановски, Цејовиќ 3, Димовски 2, Лазов, Манасков 4, Тајник 1, Коцев 4, Симиќ 1, Цветковски 4, Симоновски, Мијушковиќ 2, Гришкашвили
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски (10 одб), Тордарсон 2, Маркоски, Серафимов 2, Карасманакис, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 5, Велковски 2, Ивановски, Костески 2, Петковски, Митев 6, Борзаш 3, Аларов, Ѓорговски 1
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 10 мин.

Екипата на РК Алкалоид ги освои бодовите од гостинскиот натпревар со екипата на ГРК Тиквеш, премиерен меч од второто коло.

На своето прво првенствено гостување сезонава, екипата на РК Алкалоид почна инспиративно и со головите на Борзаш, Митев и Костески поведе со 4-0, потоа разликата ја зголеми на плус пет (7-2), а највисоката предност ја имаше во 19 минута кога со голот на капитенот Ѓоргиев поведе со 10-6.

Потоа домашниот состав успеа да воспостави резултатски баланс и одржа ритам до крајот на првиот дел по кој РК Алкалоид имаше предност од 14-9.

РК Алкалоид прв постигна гол во вториот дел и поведе со 15-9, а потоа следеше период во кој заредија исклучувања и заубени топки по што домашниот тим се врати резултатски во игра и во 41 минута намали на 16-17.

Неизвесноста треше уште десетина минути во кој РК Алкалоид поведе со три гола разлика (21-18), но домашните уште еднаш се вратија на минимална негатива (20-21). Потоа контролата одново беше воспоставена, РК Алкалоид поведе со три гола разлика во 54 минута (23-20) и веќе не му дозволи на домашниот состав да се доближи.

Во следното коло, на домашен терен, РК Алкалоид ќе го пречека тимот на РК Еурофарм Пелистер.

Вести

Реми на стартот во Суперлигата

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 24-24 (11-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Душко Камишевски

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 6 одб., Галевски 3 одб., Џонов, Тордарсон 4, Маркоски, Серафимов 3, Карасманакис 3, Стојковиќ 1, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски 2, Костески 3, Петковски, Митев, Борзаш 6, Аларов 1
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 мин.

ГРК ОХРИД: Чаневски 1 одб., Блажевски 10 одб., Ѓоргески, Стрмљан 1, Ојлески 2, Иванковиќ 4, Кукуловски, Вејин 3, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 2, Јотиќ 3, Љапис 1, Петриќ 2, Ѓукиќ 5.
Седмерци: 1/3. Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид и ГРК Охрид го комплетираа првото коло од новата сезона во македонската Суперлига со дерби натпревар што се одигра во Автокоманда, а заврши без победник со конечни 24-24.

Мечот почна со брз ритам во кој двата тима обранаа големо внимание на транзицијата и особено на одбранбените задачи што го одведе натпреварот во ритам гол за гол. Гостинскиот состав го диктираше водството кое беше минимално и постојано израмнувано, но ракометарите на РК Алкалоид не успеваа да преминат во водство иако имаа неколку шанси да го сторат тоа.

Играта не се промени до крајот на првиот дел, тактички се надмудруваа двата тима, а по 30 минути гостинскиот состав замина во соблекувалната со предност од два гола (11-13). Паузата повеќе им годеше на играчите на Алкалоид, затоа што стартот на вториот дел, беше спротивен од финишот на првиот.

Со серија од шест гола, нашиот тим од 13-15, успеа да го сврти мечот во своја корист. Новото засилување Урош Борзаш диригираше во нападот, одбраната се зацврсти и десет минути не се прими гол, за позитива на нашиот тим од 19-15. Противникот веднаш реагираше и имаше мала пауза, по која постигна три гола во низа. Се врати на 19-18, но откако не реализира Охрид напад за реми, следеше одговор од Костески, за 20-18. Се играше драматично до крајот, а мечот заврши без победник. Голот за реми го постигна Валентин Карасманакис.

Вести

Прес-конференција по мечот РК Алкалоид – РК Хановер-Бургдорф

Екипата на РК Алкалоид не успеа до резултат и на реваншот (28-29) со германскиот бундеслигаш ТСВ Хановер-Бургдорф и така го заврши својот настап во квалификациите за ЕХФ Европската Лига. Германците беа подобри резултатски и на двата натпревари, со што го обезбедија своето место во групната фаза од натпреварувањето.

Кристијан Прокоп (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два интензивни натпревари против тимот на Алкалоид. Нашата цел беше да победиме на двата меча и тоа го остваривме. Среќен сум поради тоа бидејќи имаме млад тим кому му се потребни вакви натпревари надвор од Бундеслигата за да стекне искуство. Со нетрпение ја очекуваме групната фаза на Европската лига.“

Јустус Фишер (РК Хановер-Бургдорф):
„Одигравме два тешки и интензивни дуели против екипа со одлични поединци. Мислам дека одбраната беше клучна, нашите голмани беа извонредни и одбранија многу удари. На крај ја остваривме нашата главна цел – две победи во два меча.“

Кирил Лазаров (РК Алкалоид):
„Честитки за Хановер, заслужено победија. Јас сум разочаран бидејќи на двата меча промашивме вкупно девет удари од шест метри. Со таква статистика невозможно е да се совлада екипа што игра во Бундеслигата. Знаевме дека Хановер е поквалитетен тим, но ова е премногу. А кога ќе се земе предвид дека станува збор за противник кој победува екипи како Магдебург или Фуксе Берлин, тогаш јасно е колку беше тешко со таква статистика.“

Игор Ѓоргиев (РК Алкалоид):
„Сакам да им честитам на Хановер за победата и да им посакам среќа во групната фаза на ЕХФ Европската лига. За жал, за нас европската авантура завршува тука и нашиот фокус ќе биде насочен кон домашните натпреварувања.“