Вести

Ѓорѓиев: Менталитетот на РК Алкалоид е секогаш да победува

Игор Ѓорѓиев и во новата сезона ќе биде капитен на нашиот РК Алкалоид. На стартот на подготовките, средниот бек ги изнесе своите очекувања за натпреварите кои следат и најави максимална борба и ангажираност на секој дуел кој ни следи.

За стартот на подготовките…

„Не очекува подготвителен период, во кој првата недела ќе сме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Маврово. Ќе гледаме да се спремиме најдобро на физички план, исто така и психички да се држиме како тим и да изградиме една хемија. Целиме од старт добро да ги вклопиме новите играчи во нашиот систем. Ние како тим имаме свои предизвици и цели, прво сакаме подготовките да ги минеме во најдобар ред и сите да сме здрави. А, потоа, се знае, на секој меч одиме на победа.

За настапот во Европската лига на ЕХФ…

„По освоениот трофеј во Европскиот куп ни следи нов предизвик, тоа е настап во квалификцаиите на Европската лига на ЕХФ каде имавме незгодна ждрепка и за ривал добивме тим од Бундеслигата. Но, нашиот менталитет во Алкалоид е секогаш да одиме на победа. Ние ќе го дадеме нашето најдобро, па се надеваме на најдобар епилог.“

За првенството на Македонија…

„Во првенството на Македонија ќе биде исто така интересно, лигата е засилена и изедначена. Има четири тима кои се издвојуваат на врвот, ние сме еден од нив, но и другите нема да ги потценуваме. Наше е да се бориме на секој меч, да бидеме максимално фокусирани и ангажирани и да ги следиме и слушаме советите на нашиот тренер, со цел да дојдеме до што е можно подобри резултати“

Вести

РК АЛКАЛОИД ЌЕ ИГРА ВО ЕХФ ЕВРОПСКАТА ЛИГА

По триумфот во ЕХФ Европскиот Куп минатата сезона, РК Алкалоид во следниот европски натпреварувачки циклус ќе се натпреварува еден степен повисоко, во ЕХФ Европската лига. Ова натпреварување се игра во поинаков формат од ЕХФ Европскиот Куп, а тоа подразбира квалификациска фаза, две групни фази, 1/8 финални и 1/4 финални елиминации и Фајналфор турнир.

РК Алкалоид почнува од почетокот, од квалификациската фаза во која ќе се натпреваруваат 24 екипи. Тие се поделени во две групи, а потоа со ждрепка ќе бидат формирани паровите за квалификациската рунда.

Европската ракометна федерација го објави списокот на учесници и нивниот ранкинг. Ждрепката ќе се одржи на 15 јули, а можни противници на РК Алкалоид се следниве екипи:

Хановер – Бургдорф (Германија), Маритимо де Мадеира (Португалија), БМ Торелавега (Шпанија), Морс-Ту (Данска), БСВ Берн (Швајцарија), ХК Малме (Шведска), МРК Сесвете (Хрватска), Стјарнан (Исланд), Хробри Глогов (Полска), РК Горење Велење (Словенија) и АБЦ де Брага (Португалија).

Натпреварите од квалификациската фаза ќе се играат на 30/31 август и 6/7 септември. Домаќинот на првиот натпревар ќе биде одреден со ждрепката.

Вести

РК Алкалоид без бодови од дербито во Автокоманда

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 23-29 (14-18)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Камер Металари и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 1, Бинго 1, Франциско 3, Петковски 6, Митев, Савревски
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 12 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Манасков 6, Цехте, Тајник 2, Борзаш 4, Радивојевиќ 2, Костески 3, Ѓорговски, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 3, Хосни 4, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид во дербито на колото се соочи со екипата на Еурофарм Пелистер, а натпреварот во салата „Автокоманда“ заврши со резултат 23-29 (14-18). Мечот беше резултатски израмнет во првите 20 минути, со тоа што и двата тима во одредени периоди беа во водство и позиција да диктираат резултат. Гостинскиот состав успеа во последните пет минути, користејќи играч повеќе во поле, да направи серија и да поведе со 18-14 на полувреме.

Вториот дел беше со повеќе тензија на теренот што резултираше со исклучувања кои имаа и влијание врз играта и резултатот. Гостинскиот состав потоа избега резултатски, а иако Алкалоид во еден момент со четири гола во серија се доближи на 20-21 и беше во налет, не успеа да дојде до бодови против ривалот од Битола.

Вести

Апел за фер и коректно навивање

„Драга публико, почитувани навивачи, наш осми играч на теренот,

Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб АЛКАЛОИД со фер и спортско навивање.

Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот.

Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“. Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.

Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил!

Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра. Да навиваме фер и со срце: Напред Алкалоид!“

Со голема почит,

Претседател на РК Алкалоид,
Горан Минов

Вести

Пуштени во продажба билетите за финалето меѓу РК Алкалоид и РК АЕК!

Билетите за финалето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу екипите на РК Алкалоид и АЕК што ќе се игра на 25 мај во салата „Борис Трајковски“ во Скопје од 20:30ч. се пуштени во продажба!

Продажбата на билетите се реализира преку продажната мрежа на „МКТикетс“, а цената на билетите е 200 и 300 денари.

Во прилог е листа на продажна мрежа на МК Тикетс:

Онлајн на mktickets.mk или на https://www.karti.com.mk/rk-alkaloid-aek.nspx

Скопје:

ЛитератураМК – City Mall
ЛитератураМК – East Gate
ЛитератураМК – Diamond Mall
Литература – ТЦ Буњаковец
ЈК Травел – ТЦ Бисер
Макпетрол – Козле
Макпетрол – Илинденска
Макпетрол – Влае

Велес:

Унисон

Прилеп:

ТА Бран

Куманово:

Тобако Агора

Тетово:

Тобако Монако
Гранд Тобако

Гостивар:

Тобако Вона 5

Охрид:

ТА Вис Пој

Битола:

Литература
Tobacco Brothers

Струмица:

ЛитератураМК
TА Сафари

Штип:

Сити Тобако

Вести

РК Алкалоид ќе ја брани Куп-титулата на Ф4-турнирот

РК АЛКАЛОИД – РК ПРОЛЕТ 62 42-20 (18-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Спаско Ќаев и Глигор Ќаев. Контролор: Камер Металари

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Трајкоски, Џонов 4, Маркоски, Младеновиќ 4, Серафимов 2, Карасманакис 2, Стојковиќ 2, Велковски, Ивановски 4, Бинго 4, Франциско 1, Петковски 4, Д. Митев 8, Савревски 2, Гарбески 5.
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.

РК ПРОЛЕТ 62: Даскалоски, Трајков, Јовиќ 3, Дамчевски 1, Глигоров, Симовски 4, Димовски, Шилегов 4, Костенчев, Андоновски 1, Стојановски 4, Крстески, Дрпљанин 1, Атанасовски 1, Деспотовски, Спасовски 1.
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид рутински си ја заврши задачата и со две победи на две средби во еден ден се пласира на Ф4-турнирот во Купот на Македонија. Во групата во која нашиот тим беше организатор, прво славевме во братската пресметка со РК Мулти Есенс (37-12), а потоа во финалето бевме подобри од РК Пролет 62 (42-20).

Финалниот меч со Пролет тимот го доби убедливо, иако се ротираше и шанса добија помладите ракометари. Во ниту еден наврат гостинот во Автокоманда не беше закана, а главната разлика РК Алкалоид ја направи пред паузата. Тимот тргна да гради серија кога од 11-10, успеа до полувремето да се одлепи на 18-12, а потоа на стартот на вториот дел следеше ново моќно издание во нападот и во одбраната, во кое противникот го сведовме на само два гола, а дадовме 11, за предност од 29-14 и тука веќе беше јасно кој ќе слави.

Дамјан Митев беше најдобар стрелец во нашиот табор со осум гола, со пет гола го следеше Максим Гарбески, додека Џонов, Младеновиќ, Ивановски, Бинго и Петковски погодија по четири пати.

Покрај РК Алкалоид, на завршницата од Купот на Македонија ќе играат Вардар 1961, Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид.