Вести

Нова суперлигашка победа за РК Алкалоид

ГРК ТИКВЕШ – РК АЛКАЛОИД 24-27 (11-17)

Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева.
ГРК ТИКВЕШ: Велков, Анастасовски 3, Темелкоски 1, Соколов, Андоноски, Кофилоски, Димовски 2, Манасков 3, Гачевиќ, Шулески, Арсиќ, Коцев 3, Летиќ, Кривокапиќ 6, Даневски, Обина 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 6, Карасманакис 1, Стојковиќ, Велковски 2, Симоноски, Ивановски 4, Бинго 3, Франциско 5, Петковски 4, Митев, Савревски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид запиша нова победа во заостанатиот натпревар од седмото коло во македонската суперлигашка конкуренција. Сино-белиот тим беше гостин во Кавадарци каде што играше против екипата на ГРК Тиквеш и победи со резултат 27-24 (17-11).

Домашниот состав високо мотивиран го почна натпреварот, но РК Алкалоид брзо наметна контрола врз резултатот и успеа да поведе со разлика што се движеше меѓу два и три гола (5-2, 6-4, 8-5). Екипата на ГРК Тиквеш во еден момент успеа да стигне до израмнување (11-11), но тоа беше знак за РК Алкалоид да го смени притстапот, почнаа подинамична игра и следеше серија од 6-0 со која на полувреме замина со предност од шест гола (17-11).

Првите два гола во второто полувреме завршија во мрежата на кавадаречкиот тим, серијата се зголеми на 8-0, а резултатот 19-11.

Победникот беше решен веќе во оваа фаза, во преостанатите минути до крајот на средбата, РК Алкалоид умешно го контролираше резултатот и ја држеше на безбедна дистанца домашната екипа. Во финишот домашниот тим успеа да намали, но не и да ја доведе во прашање победата на РК Алкалоид.

Следниот предизвик за РК Алкалоид ќе биде полуфиналето од Ф4 турнирот во Куп на Македонија во кое за противник ќе го има составот на РК Вардар 1961.

Вести

Информација за рефундацијата на билетите

Почитувана публико,

Уште еднаш ја изразуваме нашата БЛАГОДАРНОСТ што ни дадовте безрезервна поддршка и што во голем број дојдовте во СЦ „Борис Трајковски“ на финалниот меч од Европскиот Куп на ЕХФ. Жалиме што натпреварот не се одигра затоа што гостинскиот состав не сакаше да излезе на теренот и спортски да се бори за пехарот од ова натпреварување.

Вашите билети купени онлајн ќе бидат рефундирани во период од 15 работни дена. Средствата ќе ги добиете директно на вашата сметка преку која сте ги купиле билетите. Билетите што се купени од продажно место ќе можат да бидат рефундирани од местото на купување со приложување на соодветната фискална сметка и на билетот.

Уште еднаш ви се заблагодаруваме за континуираната поддршка и трпение. Се надеваме дека заедно ќе славиме нови успеси во иднина.

Со почит,
Ракометен клуб Алкалоид

Вести

Соопштение од РК Алкалоид

Почитувана публико,

ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“ вечерва. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот.

Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила. Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид!

Со почит,
Ракометен клуб Алкалоид

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС Е МЛАДИНСКИ ПРВАК НА МАКЕДОНИЈА!

Пристина нов пехар во витрините во „Автокоманда“, екипата на РК Мулти Есенс е нов шампион на Македонија во младинска конкуренција.
РК Мулти Есенс и РК Алкалоид викендов учествуваа на Фајналфор турнирот во младинска конкуренција што во организација на РК Бутел Скопје минативе два дена се одржуваше во салата „Антон Димитров“ во Скопје.
Во полуфиналето екипата на РК Мулти Есенс беше доминантна над екипата на РК Бутел Скопје и пласман во големото финале обезбеди со победа од 13 гола разлика (34-21) и на финалниот натпревар се сретна со екипата на РК Еурофарм Пелистер.
Младинскиот состав на РК Мулти Есенс уште еднаш беше на висина на задачата и запиша убедлива победа од 32-22 во финалето и го освои шампионскиот пехар.
Нашиот голман, Ѓорѓи Николовски беше прогласен за најдобар голман на турнирот, а Матеј Петрески беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

Вести

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПРЕД ФИНАЛЕТО НА ЕХФ ЕВРОПСКИОТ КУП

РК Алкалоид е пред историски меч во кој може да ја освои својата прва европска титула. Во недела во „Борис Трајковски“, со почеток од 20:30 часот, ќе се одигра реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот Куп.

Првиот меч од финалето одигран во Атина, завши со победа на Алкалоид од 29-25, тоа е резултат што треба да биде одбранет за конечен триумф во ова натпреварување.

Во пресрет на реваншот РК Алкалоид организираше прес конференција.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА РК АЛКАЛОИД

Сакам да се заблагодарам за поддршката во текот на целата сезона на овој европски пат. Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот.
Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до натпреварот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив

Нашиот систем функционира, имаме и одредени слабости, не сакам да се навраќам дека ни недостигаат четири до пет важни играчи во вториот дел од полусезоната. Се надевам дека особено младите играчи нема да бидат премногу импресионирани и дека ќе знаеме да се справиме со тој позитивен притисок.

ИВАН ГАЛЕВСКИ, ГОЛМАН НА РК АЛКАЛОИД

„АЕК е една искусна и доста квалитетна екипа, со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа во Скопје. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години.“

НИКОЛА МАРКОСКИ, РАКОМЕТАР НА РК АЛКАЛОИД
„АЕК е една одлична екипа составена од добри играчи. Иако има минус четири, верувам дека ќе направат се да се покажат во најдобро светло. Наше е да ја играме нашата игра како и претходно. Се подготвуваме, да ги намалиме техничките грешки и со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и историски европски трофеј“.

Вести

Апел за фер и коректно навивање

„Драга публико, почитувани навивачи, наш осми играч на теренот,

Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб АЛКАЛОИД со фер и спортско навивање.

Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот.

Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“. Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.

Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил!

Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра. Да навиваме фер и со срце: Напред Алкалоид!“

Со голема почит,

Претседател на РК Алкалоид,
Горан Минов