Вести

Лазаров: Сезонава да направиме чекор напред

Екипата на РК Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона. Ракометарите фаќаат ритам на тренирање во „Автокоманда“, има осум нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели нашиот тренер Кирил Лазаров.

„Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред“, вели Лазаров.
„Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши.


Исто така улога играат и квалификациите за Европската лига на ЕХФ. Со новите играчи ќе работиме, за да се вклопат во системот кој го надградуваме. Позитивен и среќен сум и мислам дека како проаѓа време, ќе одиме чекор понапред. Урош Борзаш ја познава Македонија, се работи за играч со доста искуство со повеќе странски клубови, тој ќе биде додадена вредност во нашиот систем, додека Улфар Монси доаѓа од скандинавска школа, со искуство во Европската лига на ЕХФ. Тој е доста млад играч и верувам дека во нашиот тим и систем доста ќе се вклопи и ќе биде плус за нас во делот на транзицијата. “

– Планот на подготовките…

„Планот на подготовките е недела дена да сме во Скопје, потоа заминуваме за Маврово на висински подготовки. Потоа се враќаме пак во Скопје, па заминуваме на турнеја во Србија, Хрватска и Словенија каде се предвидени осум пријателски натпревари“

– Анализа на македонското првенство…

„Македонското првенство е специфично и многу тешко за играње и треба да знаете да го играте. Доста анализирав летово, правев компарации, се покажа дека во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола и тука беше мојата најголема дилема.
Каде е грешката и каде би требало да се поправиме посебно во македонското првенство. Треба Европа да ни е репер, да се прилагодиме кон клубовите во европските купови, да бидеме со нив во чекор, ако сакаме да одиме напред и на клупски и на репрезентативен план, не само во сениори туку во сите категории и кај мажите и кај жените.

Оваа сезона во Македонија ќе има четири екстра-квалитетни екипи, но јас не би ги потценил и другите учесници во шампионатот. Почит и респект имам за сите. Тоа како клуб нас ни одговара, што е можно посилно првенството, толку поубаво. Самиот притисок и самото ривалство може да ни донесе само да растеме. Се надевам еден ден нема да бидат само четири, туку ќе станат осум силни тима, па ќе се натпреваруваме сите за успеси. Тоа би било одлично за македонските играчи. Форматот е таков што прави секој меч да биде како финале“

– За квалификациите во Европската лига на ЕХФ и ТСВ Хановер-Бургдорф…

„Ние како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме“

Вести

РК Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона

Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид, денеска го имаше првиот собир во пресрет на новата сезона, а на ракометарите и членовите на стручниот тим на им се обрати Генералниот директор / Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, г-дин Живко Мукаетов и им посака среќа и успех во претстојната сезона.

Тренерот Кирил Лазаров во новата сезона ќе има на располагање 23 ракометари. На денешниот прв собир беа присутни сите ракометари. Присуствуваа и Марко Митев и Никола Костески кои сѐ уште се во фаза на рехабилитација и ќе тренираат со посебен режим, а се очекува на тимот да му се приклучат во текот на есенската полусезона.
Подготовките на Алкалоид ќе се одвиваат во три етапи. Првата фаза ќе се одработи во Скопје. Следниот понеделник екипата ќе оди на десетдневни подготовки во Маврово каде што ќе ја одработи втората фаза, а потоа следува мини турнеја во Србија и Хрватска во која се планирани осум контролни натпревари со екипи од Србија, Хрватска и Словенија.

Натпреварувачката сезона за РК Алкалоид официјално ќе почне на 31 август со гостински дуел кај бундеслигашот ТСВ Хановер Бургдорф, а првиот европски меч на домашен терен ќе го одигра седум дена подоцна во Скопје.

Вести

РК Алкалоид во квалификациите против Хановер Бургдорф

РК Алкалоид денеска беше дел од ждрепката во квалификациите за пласман во групната фаза на ЕХФ Европската лига и за противник ја доби екипата на Хановер Бургдорф од Германија.

Два натпревара ќе се играат меѓу Алкалоид и Хановер Бургдорф, а вкупниот победник ќе се пласира во групната фаза на ЕХФ Европската Лига.

Првиот меч ќе се игра во Хановер, Германија на 30/31 август, а реванш натпреварот ќе се игра во Скопје на 6/7 септември.

РК Алкалоид го доби за противник тимот со највисок рејтинг од можните противници. Хановер Бургдорф имаше одлична сезона која на крајот ја заврши на шестото место во Бундеслигата. Нивниот тренер Кристијан Прокоп, поранешниот селектор на машката сениорска репрезентација на Германија. За претстојната сезона ги задржаа сите клучни ракометари од минатата сезона и доведоа соодветни замени за играчите што заминаа од клубот.

Во петок, РК Алкалоид ќе биде дел од уште една ждрепка во ЕХФ Европската лига. Тогаш ќе бидат формирани групите од првата фаза и РК Алкалоид ќе ги дознае имињата на сите противници со кои би се сретнал доколку успешно го комплетира двомечот со Хановер – Бургдорф.

Вести

РК АЛКАЛОИД ЌЕ ИГРА ВО ЕХФ ЕВРОПСКАТА ЛИГА

По триумфот во ЕХФ Европскиот Куп минатата сезона, РК Алкалоид во следниот европски натпреварувачки циклус ќе се натпреварува еден степен повисоко, во ЕХФ Европската лига. Ова натпреварување се игра во поинаков формат од ЕХФ Европскиот Куп, а тоа подразбира квалификациска фаза, две групни фази, 1/8 финални и 1/4 финални елиминации и Фајналфор турнир.

РК Алкалоид почнува од почетокот, од квалификациската фаза во која ќе се натпреваруваат 24 екипи. Тие се поделени во две групи, а потоа со ждрепка ќе бидат формирани паровите за квалификациската рунда.

Европската ракометна федерација го објави списокот на учесници и нивниот ранкинг. Ждрепката ќе се одржи на 15 јули, а можни противници на РК Алкалоид се следниве екипи:

Хановер – Бургдорф (Германија), Маритимо де Мадеира (Португалија), БМ Торелавега (Шпанија), Морс-Ту (Данска), БСВ Берн (Швајцарија), ХК Малме (Шведска), МРК Сесвете (Хрватска), Стјарнан (Исланд), Хробри Глогов (Полска), РК Горење Велење (Словенија) и АБЦ де Брага (Португалија).

Натпреварите од квалификациската фаза ќе се играат на 30/31 август и 6/7 септември. Домаќинот на првиот натпревар ќе биде одреден со ждрепката.