Вести

Велковски: РК Алкалоид од година во година го подигнува нивото погоре

Трета сезона во низа, десниот бек Мартин Велковски ќе го носи дресот на РК Алкалоид. 28-годишникот кој е дел од нашиот клуб од 2023 година спремен го дочека стартот на подготовките и вели дека овие тренинзи треба максимално да се искористат за тимот да се подготви добро на тактички и технички план за настапите кои следат.

За подготовките на РК Алкалоид…

„По една тешка и долга сезона, повторно сме заедно свежи и желни за нови предизвици. Во новата сезона не чекаат тешки натпревари уште на стартот, затоа е многу важно најдобро да го искористиме подготвителниот период, да работиме максимално, за што побрзо да влеземе во нашата најдобра форма“

За квалитетот на тимот и очекувањата во Македонија…

„Сметам дека РК Алкалоид од година во година го подигнува нивото, па така и оваа година добивме квалитетни засилувања кои ќе не направат уште подобри како тим. Не очекува возбудливо македонско првенство, во кое во овој преоден рок дојдоа добри играчи и во другите екипи, но нашите цели се јасни, секогаш да победуваме и никогаш не треба да отстапиме од нив“

За Европската Лига на ЕХФ и двомечот со Хановер….

„Лани игравме во Европскиот Куп на ЕХФ каде го освоивме трофејот и направивме голем успех, а оваа сезона ни следи Европската лига. Добивме силен противник на патот кон групите, тоа е Хановер, па против него ќе мора да бидеме перфектни и да се надминеме себеси, за да обезбедиме место во групната фаза“

Вести

Кизиќ: Работиме со силно темпо, резултатот ќе го видиме на терен

Марко Кизиќ ќе биде еден од тројцата голмани кои ќе го носат дресот на РК Алкалоид во новата сезона. Македонскиот репрезентативец кој ќе ја дели минутажата со Иван Галевски и Ѓорѓи Николовски кажа дека овие подготовки кои следат во Скопје и во Маврово се најважни за стартот на сезоната и за предизвиците кои доаѓаат.

За подготовките и очекувањата…

„Ги стартувавме подготовките добро, работиме во силно темпо, со цел да бидеме добро подготвени. Имаме доста нови засилувања оваа сезона кои треба да се вклопат, ќе бидеме една нова екипа, а како ќе изгледа тимот на терен ќе видиме на мечевите. Уште е рано да се говори за тоа кој е фаворит во лигата и да се споредуваме со некого, ние знаеме дека ги имаме нашите шанси, па така ќе одиме на сите мечеви да победиме“

За настапот во Европската лига на ЕХФ и двомечот со Хановер…

„По оној голем и важен трофеј кој го освоивме во Европскиот Куп на ЕХФ одиме скалило погоре, ќе играме во Европската лига на ЕХФ, таму ни следи двомеч со Хановер од Бундеслигата. Добро го познаваме ривалот, не треба да трошиме многу зборови за него и ние си се подготвуваме за тој меч. Имаме свои шанси кои ќе гледаме да ги искористиме.

За голманската конкуренција во тимот…

„Здравата конкуренција секогаш е добра за напредокот. Еден голман сам не може да ја издржи цела сезона, па така добро е што имаме квалитетни голмани, ќе се покриваме еден со друг и се надевам на победи“

Вести

Борзаш: Добредојдено се чувствувам во Алкалоид, очекувам силна сезона

Српскиот репрезентативец Урош Борзаш е еден од новитетите во составот на РК Алкалоид за следната сезона. Бекот ќе биде додадена вредност во шутерската линија во новите предизвици, а веќе тренира со новите соиграчи и се подготвува за мечевите кои ни следат. Импресиите од почетокот во Автокоманда се позитивни, условите за работа се на ниво, а очекувањата и амбициите – секогаш највисоки.

За трансферот во РК Алкалоид…

„Убаво и добредојдено се чувствувам во Алкалоид, каде сите ме прифатија уште од стартот и сите сме заедно во оваа приказна. Мислам дека условите за работа од она што го гледам на почетокот се најдобрите во Македонија, спремни ги почнавме подготовките, па се надевам дека ќе биде се во најдобар ред и дека на секој меч ќе ја користиме наша шанса. Мора да работиме, да бидеме трпеливи, а резултатот ќе ни дојде“

Македонскиот шампионат ќе биде голем предизвик…

„Нашите цели се високи. Македонската лига никогаш не била посилна, четири екипи се силни и очекувам интересна сезона. Но, истовремено е и долга, затоа не би сакал да давам никакви прогнози предвреме. Ние со тимот треба да го одиграме нашето на секој меч, да ги следиме насоките на тренерот Лазаров и да бидеме се подобри од натпревар во натпревар.“

На патот кон групната фаза во Европската лига на ЕХФ ни стои бундеслигаш…

„И во Европа ја имаме нашата шанса, иако ждрепката не беше најповолна. Од она што го увидов, Алкалоид е добра екипа, посебно кога игра на домашен терен. Првиот меч со бундеслигашот Хановер треба да го одиграме перфектно и без грешки, да ја користиме секоја можност за гол, да ги сведеме техничките грешки и загубените топки на минимум, а потоа дома да играме за прогрес во групната фаза на Европската лига на ЕХФ“

Вести

Серафимов: Ќе играме на победа на секој меч

Ракометарите на РК Алкалоид се повторно во тренажен процес по долгата и успешна сезона и краткиот одмор пред почетокот на новата. Ритамот на подготовките се засилува од ден во ден, а, првата фаза речиси до пола е одработена.
Екипата ќе биде во Скопје уште четири дена, а потоа заминува на Маврово каде што ќе се реализира главниот дел за физичката подготвеност.
За своите очекувања и амбиции за следната сезона зборувавме со нашиот десен бек, Мартин Серафимов, ракометарот со најмногу настапи и најмногу постигнати голови во екипата. Во следната сезона ќе ја има истата улога.

Очекувања во новата сезона

„Имавме напорна сезона, многу важни натпревари особено во финишот на сезоната. Одморивме, сега одново сме во погон. Веќе ни е позната процедурата, знаеме колку се важни подготовките и почнуваме сериозно уште од првиот тренинг. Имаме неколку нови ракометари кои ќе треба да се вклопат во системот, но сите сме овде и да си помогнеме меѓусебе и максимално професионално да ги одработиме подготовките.
Имаме големи амбиции сезонава. Домашното првенство ќе биде посилно, се засилија неколку екипи, но Алкалоид е клуб што на секој натпревар игра на победа, без разлика на противникот и така ќе биде и сезонава. Ќе ги напаѓаме сите пехари, целта е секаде да сме конкурентни“.

ЕХФ Европска лига

„Добивме тежок противник во квалификациите, најтешкиот од сите екипи што беа во конкуренција. Позната екипа, познати играчи. Ќе мораме добро да се подготвиме. Хановер е фаворит, но нема да се предаваме, наше е да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да се бориме до последниот момент“.

Вести

Ненад Костески: Предизвиците се големи, спремно ќе ги дочекаме

Базирано на тактичката определба да игра брз ракомет, искуството и потребите што се наметнаа од минатата сезона, РК Алкалоид во преодниот рок стратешки го дополни играчкиот ростер со нови брзи ракометари кои ќе ја забрзаат транзицијата и играта, а во таквиот концепт посебна улога ќе добие нашиот нов играч, десното крило Ненад Костески.

Ненад Костески има 24 години во кои е акумулирано искуство и од играње во странство, во екипата на РК Загреб и на меѓународната сцена на највисоко ниво, во Лигата на шампионите. Тој е стандарден репрезентативец, добро познат и на јавноста и на соиграчите и ќе донесе нови моменти во играта на РК Алкалоид. Ненад Костески зборуваше за своите очекувања и планови сезонава…

Првите импресии

„Иако сум многу кратко овде, одлично се чувствувам во новата средина. Промените се добредојдени во спортот. Јас по пет години минати во Битола се решив за промена на средината па сега со нетрпение го очекувам новиот предизвик. Првите импресии се одлични и се верувам дека сѐ ќе биде како што треба“.


Очекувањата во новата средина
„Алкалоид е клуб што има големи амбиции и високи цели. Спремно ќе ги дочекаме и ќе одговараме на сите предизвици. Очекувам дека ќе ја вратам и ќе ја искачам на највисоко ниво мојата форма. Верувам дека ќе имам шанса и минутажа во кои ќе можам да се докажам и да се вратам на тоа што сум, вистинскиот – јас.
Професионалец сум, секогаш сум сакал и сум се стремел кон тоа да победувам и се фокусирам целосно на тоа. Ќе го дадам максимумот за да придонесам најмногу што можам за клубот да направи успеси“.

Играњето во ист клуб со својот брат

„Посебно чувство и посебен момент во мојата кариера е што ќе играм во ист клуб заедно со мојот брат. Ние сме играле заедно во репрезентација, но никогаш не сме биле заедно во ист клуб. Сега ќе ни се оствари и таа желба. Секако дека тоа е многу позитивен момент за двајцата и мотивација плус на теренот“.

Вести

Ѓорѓиев: Менталитетот на РК Алкалоид е секогаш да победува

Игор Ѓорѓиев и во новата сезона ќе биде капитен на нашиот РК Алкалоид. На стартот на подготовките, средниот бек ги изнесе своите очекувања за натпреварите кои следат и најави максимална борба и ангажираност на секој дуел кој ни следи.

За стартот на подготовките…

„Не очекува подготвителен период, во кој првата недела ќе сме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Маврово. Ќе гледаме да се спремиме најдобро на физички план, исто така и психички да се држиме како тим и да изградиме една хемија. Целиме од старт добро да ги вклопиме новите играчи во нашиот систем. Ние како тим имаме свои предизвици и цели, прво сакаме подготовките да ги минеме во најдобар ред и сите да сме здрави. А, потоа, се знае, на секој меч одиме на победа.

За настапот во Европската лига на ЕХФ…

„По освоениот трофеј во Европскиот куп ни следи нов предизвик, тоа е настап во квалификцаиите на Европската лига на ЕХФ каде имавме незгодна ждрепка и за ривал добивме тим од Бундеслигата. Но, нашиот менталитет во Алкалоид е секогаш да одиме на победа. Ние ќе го дадеме нашето најдобро, па се надеваме на најдобар епилог.“

За првенството на Македонија…

„Во првенството на Македонија ќе биде исто така интересно, лигата е засилена и изедначена. Има четири тима кои се издвојуваат на врвот, ние сме еден од нив, но и другите нема да ги потценуваме. Наше е да се бориме на секој меч, да бидеме максимално фокусирани и ангажирани и да ги следиме и слушаме советите на нашиот тренер, со цел да дојдеме до што е можно подобри резултати“