Вести

Во Силкеборг со посилен мотив и поголема борбеност

-->

Сезоната во EHF Европската лига влегува во втората половина од групната фаза. По три одиграни натпревари, РК Алкалоид има освоено еден бод, а натпреварувањето ќе го продолжи веќе во вторник, со нов натпревар со данскиот претставник Бјерингбро – Силкеборг.

Дуелот со првиот фаворит во групата ќе биде нова шанса за нашиот тим да ја почувствува жештината на гостинскиот терен во Европа и да ги одмери уште еднаш силите со скандинавски состав. Дуелите со екипите што играат ваков тип на ракомет се драгоцено искуство што се надеваме ќе ја подобри и нашата игра и ќе донесе бенефит во следните натпревари.

„Бјерингбро – Силкеборг покажа дека е фаворит број еден во нашата група и во моментов е најквалитетен тим. Ние ќе одиме во Данска да се надигруваме. Тој меч треба да ни послужи за собирање на ново искуство што треба да го искористиме за тоа што нѐ очекува во иднина. Се надевам дека ќе имаме подобра реализација и во реваншот ќе покажеме поголема борбеност и поголема мотивираност“, изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.

Голманот Благојче Трајковски и оваа сезона игра важна улога и ја дава потребната сигурност на одбраната. Неговото искуство е важно за младите ракометари во составот, а средбата со данскиот претставник и тој ја гледа како можност екипата да порасне.

„На првиот натпревар со Бјерингбро – Силкеборг имавме многу добри моменти, ама исто така и имавме и многу лоши во текот на натпреварот. Промашените пенали и зицери во Европа не чинат пораз еве веќе втор натпревар. На дуелот со Силкеборг ја почувствуваме силата на данскиот ракомет, а за нашите млади играчи е од непроценливо значење тоа искуство. Деновиве ни останува да продолжиме да ги анализираме Данците, да ги увидиме нашите грешки и да ги поправиме за на дуелот во Данска да го дадеме максимумот“, изјави голманот Благојче Трајкоски.

Натпреварот во вторник ќе се игра во Јуск Арената во Силкеборг. Почетокот на мечот е закажан за 20:45 часот, а директен ТВ пренос ќе има на МТВ 3.