Вести
Убедлива победа на последниот меч на домашен терен

РК Алкалоид со убедлива победа од 37-21 (19-11) над екипата на РК Бутел Скопје ја заокружи сезоната на домашен терен. Попладнево, избраните ракометари на тренерот Кирил Лазаров немаа комплицирана задача и беа доминантни од првиот до последниот момент.
Улфар Пал Монси Тордарсон со осум постигнати голови беше најефикасниот ракометар на РК Алкалоид. По пет погодоци постигнаа Урош Борзаш, Марко Стојковиќ и Филип Николов, браќата Марко Митев и Дамјан Митев и младото крило Давид Трајкоски постигнаа по три погодоци, а забележителна партија имаше и голманот Ѓорѓи Николовски кој запиша 12 интервенции.

Овој натпревар беше последниот за РК Алкалоид на домашен терен, до крајот на сезоната екипата ќе одигра само уште еден меч, на гостински терен против тимот на РК Еурофарм Пелистер.
Пред почетокот на натпреварот, тројца ракометари што заминуваат од РК Алкалоид, Никола Маркоски, Мартин Ивановски и Кристијан Симоноски добија благодарници од клубот и се поздравија со публиката и соиграчите.
