Вести
Тордарсон: Возбуден сум што ќе играм во ракометна земја и ќе работам со Лазаров
Еден од двајцата нови странски ракометари во составот на РК Алкалоид за следната сезона е брзото крило Улфар Пал Монси Тордарсон од Исланд, кој во Македонија ќе ја има првата интернационална станица. Исланѓанецот кој има 25 години во тимот доаѓа од екипата на Валур, со која минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Европската лига на ЕХФ. За исландскиот ракометар, настапите за РК Алкалоид ќе бидат прво интернационално искуство.

За првиот интернационален ангажман и новиот предизвик…
„Се чувствувам одлично и возбуден сум што сум тука. Доаѓам во нов проект, во нова земја која сака и знае ракомет. Првите впечатоци се одлични. Гледав некои натпревари на Алкалоид од минатата сезона и веќе знам како игра тимот. Се игра брз ракомет и тоа доста ми одговара на мојот профил. Генерално, сакам само да победуваме. Имаме добар состав, кој сум сигурен дека ќе ме турка и јас да бидам подобар. Тоа е мојата цел со Алкалоид за следните натпревари“
За работата со Кирил Лазаров…
„Го познавам Кирил Лазаров, големо ракометно име, тој е легенда. Возбуден сум што ќе работам со него. Сигурен сум дека може да ме научи многу за ракометната игра. Тој е модерен тренер кој сака брза игра, но знам дека ќе ме научи и некоја „олд скул“ финта на теренот и ќе ми го пренесе тој менталитет.“

За настапот во Европската лига на ЕХФ…
„Возбуден сум што повторно ќе играм во Европа. Претходно бев дел од Европската лига на ЕХФ каде имав добри партии и сега се надевам на добро претставување со Алкалоид, иако добивме незгоден ривал на ждрепката за квалификациите“
