Вести

Серафимов: Ќе играме на победа на секој меч

-->

Ракометарите на РК Алкалоид се повторно во тренажен процес по долгата и успешна сезона и краткиот одмор пред почетокот на новата. Ритамот на подготовките се засилува од ден во ден, а, првата фаза речиси до пола е одработена.
Екипата ќе биде во Скопје уште четири дена, а потоа заминува на Маврово каде што ќе се реализира главниот дел за физичката подготвеност.
За своите очекувања и амбиции за следната сезона зборувавме со нашиот десен бек, Мартин Серафимов, ракометарот со најмногу настапи и најмногу постигнати голови во екипата. Во следната сезона ќе ја има истата улога.

Очекувања во новата сезона

„Имавме напорна сезона, многу важни натпревари особено во финишот на сезоната. Одморивме, сега одново сме во погон. Веќе ни е позната процедурата, знаеме колку се важни подготовките и почнуваме сериозно уште од првиот тренинг. Имаме неколку нови ракометари кои ќе треба да се вклопат во системот, но сите сме овде и да си помогнеме меѓусебе и максимално професионално да ги одработиме подготовките.
Имаме големи амбиции сезонава. Домашното првенство ќе биде посилно, се засилија неколку екипи, но Алкалоид е клуб што на секој натпревар игра на победа, без разлика на противникот и така ќе биде и сезонава. Ќе ги напаѓаме сите пехари, целта е секаде да сме конкурентни“.

ЕХФ Европска лига

„Добивме тежок противник во квалификациите, најтешкиот од сите екипи што беа во конкуренција. Позната екипа, познати играчи. Ќе мораме добро да се подготвиме. Хановер е фаворит, но нема да се предаваме, наше е да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да се бориме до последниот момент“.