Вести

РК АЛКАЛОИД СО ПОБЕДА СЕ ВРАЌА ОД АТИНА!

-->

АЕК – РК АЛКАЛОИД 25-29 (14-16)
Сунел Арена во Атина. Судии: Гитис Снуревичиус и Андруш Григалионис од Литванија. Делегати: Олав Оле Свеин од Норвешка и Франциско Баласкез од Шпанија

АЕК: Женти, Тепер, Арампацис, Матиќ 1, Властос, Шмит 4, Кеита 1, Панајоту 4, Лулиќ 1, Кукулас, Дејвис, Гара 6, Туре 5, Бургар, Шукилович, Сако 3

Седмерци: 1/6 Исклучувања: 4 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (9 одб), Галевски (5 сед, 2 одб), Џонов, Маркоски 1, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис, Стојковиќ 3, Велковски 2, Симоноски, Ивановски 3, Бинго 3, Франциско 5, Петковски 3, Митев 2, Савревски

Седмерци: 4/4 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид извојува победа од четири гола разлика (29-25) над екипата на АЕК од Грција во првиот меч од финалниот двобој во ЕХФ Европскиот Куп што се одигра во Атина.

Во тензична атмосфера во полната сала во Атина, во натпревар кој двапати беше прекинуван поради дивеењето на домашните навивачи кои фрлаа разни предмети на теренот, ракометарите на РК Алкалоид одиграа на висина на задачата, пружија бескомпромисна борба, ги издржаа сите притисоци и конечно, стигнаа до посакуваниот резултат.

Во првите петнаесет минути од натпреварот се играше израмнето со тоа што и двата тима повремено беа во водство. РК Алкалоид подобро функционираше на теренот. Одбраната ја вршеше одлично својата работа, а колективот уште еднаш го изнесе товарот. Сино белиот тим, подобро се снајде во финишот на првото полувреме и успеа да ја добие таа делница со резултат 16-14.

Посилен ритам натпреварот имаше во второто полувреме. РК Алкалоид диктираше водство, а домашниот состав се обидуваше со сите сили да израмни. Икс фактор на натпреварот беше голманот Иван Галевски кој успеа да одбрани дури пет седмерци на домашниот тим.

Кон средината на полувреме натпреварот двапати беше прекинуван поради домашните фанови, но ракометарите на РК Алкалоид го издржаа притисокот, играа одлична одбрана и успеаја да го скршат отпорот на домашниот состав и да стигнат до посакуван резултат.

Реванш натпреварот ќе се игра следната недела во „Борис Трајковски“ во Скопје.