Вести
РК АЛКАЛОИД СЛАВЕШЕ ПОБЕДА НА УШТЕ ЕДНО ДЕРБИ!
РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 29-26 (17-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Драган Начевски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Петров 2, Маркоски 1, Стојков 6, Младеновиќ 2, Серафимов 7, Илиески, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 2, Симоноски 1, Омерагиќ, Кофилоски 3, Петковски, Д. Митев 2, Савревски 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Брауновиќ, Стојановски, Анастасовски 3, Постолов, Темелкоски, Велков, Соколов, Стефановиќ 5, Димовски 2, Кондев 2, Окардов, Шулески, Коцев 1, Симиќ 5, Хамзиќ 7, Петровиќ 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.
РК Алкалоид запиша победа на уште еден дерби натпревар. Вечерва во Автокоманда, нашиот тим славеше победа над екипата на ГРК Тиквеш (29-26) и ја запиша шестата победа по ред во суперлигашкиот плејоф.
РК Алкалоид одигра уште еден натпревар во кој играта во одбрана беше решавачки фактор, а трпеливоста силна страна, затоа што ваквите дерби натпревари, против тип на противници каков што е ГРК Тиквеш го бараат тоа.
Голманите беа во главна улога на почетокот на натпреварот. Гостите поведоа со 2-0, но благодарение на голманот Благојче Трајковски одбраната ја доби сигурноста, а во напад своја вечер имаше крилото Александар Стојков, кој вешто ги решаваше укажаните шанси.
РК Алкалоид брзо се врати во игра, израмнивме и по нешто повеќе од десетина минути веќе имавме водство од два гола разлика (6-4). Нашиот тим умешно ги чекаше и казнуваше грешките на противникот, па предноста почна да расте. Во финишот на полувремето имавме максимални шест гола предност (17-11). На полувреме, се замина со резултат 17-13.
Во вториот дел, РК Алкалоид не дозволи противникот да направи ситуација за резултатско враќање во игра. Одбраната ги затвори противничките шутери, го пресече протокот на нивните акции и постојано одржуваше водство од четири до шест гола.
Во текот на натпреварот, особено во второто полувреме, тренерот Кирил Лазаров во ротацијата, шанса да играат им даде речиси на сите ракометари. Во игра ги видовме и најмладите во нашиот тим, а тоа се голманот Иван Галевски и 17 годишниот бек Дамјан Митев.
Победата не беше доведена во прашање, имавме безбедно водство кое во финишот, гостинскиот тим успеа да го намали до конечните три гола.
Следен противник на РК Алкалоид ќе биде екипата на РК Е. Пелистер. И таа средба ќе се игра во салата „Автокоманда“.