Вести

РК АЛКАЛОИД СЕ ПЛАСИРАШЕ НА „Ф4“ ОД КУП НА МАКЕДОНИЈА

-->

РК ПРОЛЕТ – РК АЛКАЛОИД  18-34 (12-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Марјан Начевски
РК ПРОЛЕТ 62: Трајков, Глигоров 2, Василевски 1, Костов, Великиќески, Андоновски 1, Јовиќ 1, Дамчевски, Димковски 1, Стојановски 3, Стојчевиќ 2, Стоилевски, Дрпљанин 1, Палевски 5, Ѓорчевски 1, Давитковски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 14 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов, Тордарсон 3, Маркоски, Никола Костески 6, Стојковиќ 2, М. Митев 5, Велковски 1, Симоноски 1, Ивановски, Ненад Костески 3, Д. Митев 9, Аларов, Николов 2, Ѓорговски 1
​Седмерци: 6/8 Исклучувања: 8 мин. 

РК Алкалоид се пласираше на Ф4 турнирот од Куп на Македонија откако денеска во 1/4 финалната група што се играше во Автокоманда ги совлада екипите на РК Радовиш, а потоа во финалето и екипата на РК Пролет 62.

Претпладневното полуфинале мина во доминантна игра на РК Алкалоид кој запиша победа од 41-21 (22-7) и закажа финале со подобриот од дуелот меѓу РК Пролет 62 и РК Македонија Ѓ. Петров.
Во финалниот натпревар, првите 15 минути минаа во израмнета игра и минимално водство на гостинскиот тим, но потоа РК Алкалоид почна да ја оправдува улогата на фаворит. Последното реми го регистриравме при резултат 8-8, а по 20 минути игра, прв пат поведе со два гола разлика (10-8). До крајот на полувремето, РК Алкалоид го зголеми водството за уште еден гол и на паузата резултатот беше 15-12.

Многу подобро стартуваше РК Алкалоид во второто полувреме и со серија од 4-0 во првите седум минути од продолжението стигна до водство од 19-12.

Темпото на натпреварот не беше премногу брзо, двата тима повеќе позициски напаѓаа при што свои моменти имаа и голманите и напаѓачите, имаше и повеќе грешки, а разликата се движеше меѓу седум и девет гола разлика.

Во 48 минута, РК Алкалоид прв пат поведе со 10 гола разлика (26-16). Како се доближуваше крајот, ракометарите повеќе размислуваа на нападот отколку на одбраната за конечно натпреварот да заврши со победа на РК Алкалоид од 34-18.