Вести

РК Алкалоид пропушти шанса за бодови од дербито

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 26-27 (12-17)
Сала: Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Тордарсон 3, Маркоски 1, Карасманакис, Стојковиќ 3, М. Митев 1, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Ненад Костески 4, Петковски, Д. Митев 5, Борзаш 4, Аларов, Николов
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 4 мин.
ГРК ОХРИД: Пилиповиќ, Блажески, Ојлески 2, Јагуриноски 2, Иванковиќ 4, Кукуловски 2, Јасухира 7, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 1, Љапис 1, Бојаниќ, Ѓукиќ 3, Ќосевски 2, Прибетиќ 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 6 мин.

Во дерби натпревар од македонската Суперлига, екипата на РК Алкалоид беше домаќин на тимот на ГРК Охрид.
Ова беше дуел на шампионот на ЕХФ Куп – РК Алкалоид и актуелниот финалист на ЕХФ Куп – ГРК Охрид. Пред почетокот на мечот, РК Алкалоид им го честиташе пласманот во финалето на ЕХФ Куп на ракометарите на ГРК Охрид и им посака победа и во финалето.

Овој дерби меч беше и последниот пред паузата во која репрезентацијата на Македонија ќе игра два бараж натпревари со Словачка за пласман на СП 2027.

Екипата на ГРК Охрид запиша минимална победа на овој натпревар, меч на кој по неколку неделна пауза во тимот на РК Алкалоид од повреда се вратија репрезентативците Марко Митев и Игор Ѓоргиев. Играа со ограничена минутажа и добро ги поднесоа оптоварувањето во текот на играта.

Резултатски РК Алкалоид имаше добри воведни минути во кои стигна до водство од три гола разлика (7-4) и пропушти шанса да го зголеми тоа водство. Таа ситуација се претвори во импулс за гостинскиот состав кој до крајот на полувремето успеа да направи пресврт и да ги казни сите грешки на РК Алкалоид по што на полувреме резултатот беше 12-17.

Пофокусирано играше РК Алкалоид во второто полувреме, анулираше брзо два гола од негативата и во неколку наврати имаше шанса и дополнително да се доближи, но технички грешки или промашување во клучните моменти секогаш го враќаше тимот чекор назад.
Во финишот на натпреварот РК Алкалоид намали на само еден гол разлика, но немаше доволно време за поголема драма и гостинскиот состав успеа да ја сочува топката во последните секунди и да ги освои бодовите.

Во Суперлигата следи пауза поради репрезентативни обврски, по што РК Алкалоид ќе оди на дуел со ГРК Тиквеш во Кавадарци.