Вести
РК Алкалоид не успеа до подвиг во домот на бундеслигашот Хановер
Екипата на РК Алкалоид започна со европските настапи во квалификациите за Европската лига на ЕХФ и не успеа да дојде до позитивен резултат на гостувањето кај РК Хановер-Бургдорф (37-27) во првиот меч од квалификацискиот двомеч. Реваншот меѓу двата тима ќе се игра за седум дена во салата „Автокоманда“, а подобриот ќе патува во групната фаза.

Натпреварот тргна во брз ритам, без разлика дали беа акции од транзиција или пак беа позициски напади. Домашните први преземаа контрола благодарение на одбранет седмерец и една техничка грешка на Алкалоид и поведоа со два гола разлика. Алкалоид се врати во егал по осум минути игра (6-6), а Тордарсон беше играчот кој непогрешливо стрелаше кон голот на Жоел Бирлем. Алкалоид за првпат и поведе во десеттата минута (10-9), а Исланѓанецот имаше 5/5, но дојде и период на промашени шутеви и грешки и тоа ги врати домашните во егал, а во 15 минута успеаја да поведат и со 14-11 по што Кирил Лазаров побара тајм-аут. Голманот Бирлем успеа да скроти уште еден зицер, а тоа им продуцираше контра напад за 16-12. Алкалоид брзо намали преку Борзаш, потоа следеа две одбрани на Галевски, но не ги искористи Алкалоид за да намали затоа што и Бирлем одбрани двапати по ред.

На полувремето, Хановер ја задржа позитивата, на пауза замина со 19-15. Почетокот на вториот дел претежно беше гол за гол, двата тима погодуваа се до 24-19, а во тие моменти Алкалоид остана со играч помалку затоа што Велковски доби црвен картон и противникот тоа го искористи. Највисоката позитива која бундеслигашот ја имаше пред својата публика беше плус од десет гола. Најголемиот проблем на РК Алкалоид на овој меч беше реализацијата, а за тоа говори податокот дека голманите на ривалите собраа 19 одбрани.