Вести

РК Алкалоид максимално борбен, но не освои бодови

-->

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 32-33 (17-19)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Марјан Начевски и Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон, Маркоски, Никола Костески 7, Стојковиќ 5, М. Митев 5, Велковски 2, Ивановски, Ненад Костески, Д. Митев 3, Борзаш 5, Аларов, Николов 3, Ѓорговски
Седмерци: 9/9 Исклучувања: 12 мин.
РК ВАРДАР 1961: Стојановски, Гогов, Валах, Воркапиќ 10, Боно 1, Георгиевски, Кеита, Митровиќ 3, Танкоски, Лазаревски 2, Тузолана 3, Хориха 6, Атанасовски, Силва 6, Малус 1, Јанковски 1
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 14. мин.

Само една недела откако играше дерби меч од последното коло во првата фаза од шампионатот, РК Алкалоид одново се сретна со РК Вардар 1961, овој пат во првото коло од Плејоф разигрувањето во македонската Суперлига.
Натпреварот се одигра во салата „Автокоманда“ која и овој пат беше претесна за сите љубители што сакаа во живо да го следат натпреварот, а минимална победа оствари гостинскиот состав (33-32).

Тренерот Кирил Лазаров и на овој натпревар не можеше да смета на услугите на двајца повредени стартери, капитенот Игор Ѓоргиев и десниот бек Мартин Серафимов, но и со комбиниран состав РК Алкалоид преку беспоштедна борба беше целосно резултатски рамноправен и со реална шанса да освои бод(ови) од овој дерби меч.

Гостинскиот состав за нијанса подобро го отвори натпреварот и имаше тесно водство (5-4, 8-7) во првите десет минути од средбата, но РК Алкалоид ја презема контролата по десеттата минута и со головите на Џонов и Никола Костеска премина во водство (9-8, 10-9). Потоа се играше гол за гол во следните десет минути, по што гостинскиот состав одново премина во водство и на крајот на полувремето имаше два гола позитива (19-17).

Разликата од два гола превејуваше низ целото второ полувреме во кое се играше атрактивен и активен ракомет. Гостите имаа предност, РК Алкалоид постојано беше блиску со шанса да направи пресврт. Натпреварот беше резултатски прекршен во 55 минута кога Алкалоид не успеа да искористи еден напад, па гостите поведоа со 33-29.
Тоа не беше крај, РК Алкалоид успеа да дојде на чекор до пресврт, при резултат 31-33 пропушти чиста шанса за да внесе поголема неизвесност во финишот. На крајот, противникот имаше гол предност и десет секунди со посед на топката, што успеа да ги претвори и во конечен резултат.