Вести
РК Алкалоид без бодови од дерби мечот
РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 34-28 (17-17)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Марјан Начевски
РК ВАРДАР 1961: Валах (3 одб), Гогов (8 одб), Богдановски, Стојановски, Боно 5, Георгиевски 2, Митровиќ 4, Танкоски, Марчињак, Тузолана 2, Хориха 9, Атанасовски 1, Малус 5, Ќосевски, Јанковски 3, Борозан 3
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (2 одб), Галевски (4 одб), Џонов, Тордарсон 2, Маркоски, Серафимов 9, Карасманакис 1, Стојковиќ 4, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 3, Костески 4, Д. Митев 2, Аларов, Ѓорговски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид прв пат сезонава не освои бод на суперлигашки натпревар. Во рамките на 11 коло, последно од првиот круг од есенскиот дел во првенството, РК Алкалоид гостуваше во салата „Јане Сандански“ во Скопје, кај екипата на РК Вардар 1961.
Дерби натпреварот го оправда епитетот и се играше квалитетен ракомет во кој во првото полувреме двата тима имаа свои моменти и водство во одредени делници. Резултатот најчесто беше израмнет, а РК Алкалоид во финишот пропушти шанса да го заврши првиот период со предност.

Во отсуство на Урош Борзаш и со рековалесценти Марко Митев и Игор Ѓоргиев кој се враќа по повреда заработена за време на репрезентативната пауза, ракометарите што настапија мораа да наоѓаат нови решенија, особено во напаѓачката формација. Покажаа завидна креативност, организираа течни акции со ефикасни решенија и по 30 минути игра резултатот беше 17-17.
Ритамот на играње беше висок, а по 45 минута пад на концентрацијата во фазата на реализација на нападите кај ракометарите на РК Алкалоид му донесе највисока предност на противникот. Во прв момент од три гола, но тоа и го наруши балансот на теренот и го пренесе притисокот врз ракометарите на РК Алкалоид. Противникот ја искористи ситуацијата и успеа да ја зголеми предноста во последните десет минути од мечот и конечно да запише победа.

Во следното коло, РК Алкалоид одново ќе игра голем дерби натпревар и ќе биде првиот тим од големата четворка што ќе оди на гостински терен кај засилениот тим на ГРК Охрид.