Вести
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПРЕД ФИНАЛЕТО НА ЕХФ ЕВРОПСКИОТ КУП

РК Алкалоид е пред историски меч во кој може да ја освои својата прва европска титула. Во недела во „Борис Трајковски“, со почеток од 20:30 часот, ќе се одигра реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот Куп.
Првиот меч од финалето одигран во Атина, завши со победа на Алкалоид од 29-25, тоа е резултат што треба да биде одбранет за конечен триумф во ова натпреварување.
Во пресрет на реваншот РК Алкалоид организираше прес конференција.
КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА РК АЛКАЛОИД
Сакам да се заблагодарам за поддршката во текот на целата сезона на овој европски пат. Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот.
Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до натпреварот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив
Нашиот систем функционира, имаме и одредени слабости, не сакам да се навраќам дека ни недостигаат четири до пет важни играчи во вториот дел од полусезоната. Се надевам дека особено младите играчи нема да бидат премногу импресионирани и дека ќе знаеме да се справиме со тој позитивен притисок.

ИВАН ГАЛЕВСКИ, ГОЛМАН НА РК АЛКАЛОИД
„АЕК е една искусна и доста квалитетна екипа, со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа во Скопје. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години.“

НИКОЛА МАРКОСКИ, РАКОМЕТАР НА РК АЛКАЛОИД
„АЕК е една одлична екипа составена од добри играчи. Иако има минус четири, верувам дека ќе направат се да се покажат во најдобро светло. Наше е да ја играме нашата игра како и претходно. Се подготвуваме, да ги намалиме техничките грешки и со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и историски европски трофеј“.
